Нема бај-пас до ЕУ, реформите продолжуваат, ќе се бара решение со Бугарија

Фото: Б. Грданоски

Не ни требаат бај-пас решенија за членството во ЕУ кое е наша единствена алтернатива. Иако Унијата испрати лош сигнал, земјава останува посветена на реформите. Подготвени сме за почеток на преговорите и нема сомневање дека секое нивно одложување би било грешка, уште еднаш потврди македонскиот државен врв.

Премиерот Зоран Заев вчера ја претстави Инцијативата „Акција 21“ за спроведување на европските стандарди дома, а шефот на дипломатијата Бујар Османи имаше средба со австрискиот колега Александер Шаленберг во Виена. И Заев и Османи порачаа дека не е едноставно да се постигне консензус и дека процесот е сложен, но Северна Македонија нема да се откаже. Напротив, подготвена е и натаму да работи посветено и на реформите и на добрососедските односи и на сите предизвици кои евентуално ќе се појават сѐ до полноправното членство во ЕУ.

Според Заев, надминувањето на проблемот со Бугарија и изнаоѓање решение е можно во првата половина на 2021 година.

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, пак, е на став дека во првите неколку месеци од следната година ќе видиме дали нешто ќе се промени во приодот на Бугарија. Како што оцени во интервју за рускиот весник „Комерсант“, од наша страна можностите за маневaр се исцрпени, поднесовме голем број конструктивни предлози.

-Бугарија го користи процесот на пристапување во ЕУ за да отвори некои прашања, што не би можела да го стори по зачленувањето во Унијата, а според некои бугарски политичари Софија требало да ја блокира Северна Македонија уште при влезот во НАТО во 2018 година, но тогаш тоа не било дозволено поради гео-стратешките интереси на западните сили. Спорот со Грција го решивме. Сега Бугарија размислува горе-долу вака: ако сега ги примиме во ЕУ, повеќе нема да има можност да се отворат спорните прашања. Некои бугарски политичари дури изјавуваат: требаше да се блокира членството на Македонија во НАТО уште во 2018 година. Претпоставувам дека тогаш не им беше дозволено да го направат тоа поради гео-стратешките интереси на западните сили, кои сакаа во целост да го формираат јужното крило на Алијансата. Во ЕУ приодот е поинаков, рече Пендаровски.

Во своето прво интервју за руските медиуми, во врска со одложувањето на процесот на ЕУ-интегрирањето, претседателот објасни дека тоа се случило поради позицијата на Бугарија која се однесува на идентитетот на Mакедонците и го оспорува македонскиот јазик (Софија не го признава постоењето на Македонците како нација пред 1944 година и го смета македонскиот јазик за дијалект на бугарскиот – забелешка на весникот).

-Таа позиција не ја поддржува ниту една друга земја-членка на ЕУ, но во Европската Унија се применува правилото на консензус. Во првите неколку месеци од следната година ќе видиме дали нешто ќе се промени во приодот на Бугарија. Од наша страна можностите за маневaр се исцрпени, ние поднесовме голем број конструктивни предлози. За тоа дека ние сме Mакедонци кои говорат на македонски јазик, не може да се преговара, истакна Пендаровски.

Тој нагласи дека во однос на тоа дека Mакедонците никогаш нема да се откажат од својот идентитет и својот јазик нема никакви разлики меѓу власта и опозицијата.

За тоа дали ваквиот потег на Софија е поврзан со претстојните избори во Бугарија напролет, шефот на државата напомена дека тој таа опција веќе ја споменал и дека на тоа реагирала Софија, дека никој таму не го користи спорот заради рејтинг.

-Деновиве ја следев динамиката на рејтинзите на водечките бугарски партии. Во последните два месеца тие двојно се зголемија. Можеби нешто друго влијаело на рејтинзите, но овој период партиите во Бугарија многу често говорат за македонското прашање, додаде претедателот Пендаровски.

За бугарските оспорувања на македонскиот идентитет и јазик, вчера реагираше премиерот Заев.

– Македонските граѓани на 31 декември 1943 година не си легнаа како Бугари и сабајлето на 1 јануари 1944 да се разбудат како Македонци. Тие се Македонци низ вековите наназад, се чувствувале Македонци и се чувствуваат Македонци, тоа е нашиот директен одговор, рече Заев, коментирајќи ја изјавата на бугарскиот вицепрмеиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов дека „секој што прочитал барем пет страници историја, знае дека Македонците пред ’44 биле Бугари“. Апелира во духот на пријателствотото, да се внимава на наративот и да не се повредуваат чувствата на другиот.

Премиерот Заев го повтори ставот дека нема да дозволиме неуспехот на ЕУ со неодобрувањето на преговарачката рамка поради блокдата на Софија, да предизвика застој во внатрешните реформи.

-Без разлика што Европската унија испрати лош сигнал, земјава останува посветена на европските реформи кои следната година ќе продолжат со посилен интензитет. Нема отстапување од стремежите за остварување на стратешките цели кои се поставени едногласно и кои секогаш уживале широка поддршка: постигнување и одржување добрососедски односи, активно учество во Алијансата како членка во НАТО и непоколеблива посветеност кон членството во ЕУ. Дома, нема да дозволиме неуспехот на ЕУ со неодобрувањето на преговарачката рамка, да предизвика застој во внатрешните реформи. Напротив, со уште повеќе верба, посветеност и единство, ќе се посветиме на градењето европски стандарди дома, рече Заев.

Тој напомена дека продолжуваат разговорите со Бугарија до изнаоѓање решение. Премиерот е убеден и дека ЕУ ќе продолжи со проширувањето, а Северна Македонија и тоа како заслужува да биде нејзина членка.

-Се надевам дека во првата половина од 2021 година во многу порелаксирани околности и во двете земји, ќе можеме да изнајдеме решение за да продолжиме и во формалностите во делот на одржувањето на првата меѓувладина конференција, а натаму и со отворање и затворање на поглавјата. Како никогаш досега и како никоја досега од земјите кандидати во ЕУ, заслужуваме да бидеме членка. Реформите се исполнети, покажавме европски примери, одржавме европски лекции со европското однесување дома и со соседите, па и со целата ЕУ, што не прави вистински кандидат на кој Унијата треба да му се посвети. Унијата ќе го продолжи патот на своето проширување, а ние земјите од Западен Балкан кои немаме друга алтернатива, ќе продолжиме на нашиот пат кон европеизацијата, истакна Заев.

Министерот за надворешни работи, Османи на заедничката прес-конференција со Шаленберг рече дека Северна Македонија и досега требаше да ги почне преговорите.

– Оваа моја посета денеска претставува заокружување на една мини-турнеја по земјите членки на ЕУ кои се непосредни соседи на Балканот и кои поради тоа претставуваат и нашите најдиректни, во најмала рака, најблиски поддржувачи во процесот на европското интегрирање. Тоа е логично зашто стабилноста, развојот, напредокот на Балканот е од директен интерес за соседите на регионот, меѓу кои е секако и Република Австрија. Kако непосредни соседи, земјите од опкружувањето имаат и најдобар увид, најголеми познавања за состојбите во регионот, што секако ја прави нивната поддршка и нивното мислење уште позначајно, истакна Османи.

Министерот за Европа и за надворешни работи на Австрија, Шаленберг е дециден дека билатералните и историските прашања треба да бидат оставени надвор од процесот на преговори. За него, Северна Македонија е земја – модел во однос на процесот на пристапни преговори. Сé направи добро и затоа би било фер преговорите со ЕУ што поскоро да се отворат.

-Австрија е многу разочарана што не беше постигнат договор за почнување на преговорите со Северна Македонија бидејќи наш став е дека билатералните и историските прашања треба да бидат оставени надвор од процесот на преговори. Северна Македонија направи се што беше потребно за почеток на преговорите и мислам дека би било фер тоа што поскоро да се случи. Од наша гледна точка, моја гледна точка, тоа беше неопходно да се направи. Да бидам јасен, нашиот став е дека билатералните и историските прашања треба да останат надвор од преговарачкиот процес. Вие добро рековте дека процесот на проширување на ЕУ е процес на европеизација, а не на билатерализација и тоа така треба да биде. Ова беше нашата позиција и за прашањето за името со Грција додека тоа беше на агендата, рече Шаленберг, дополнувајќи дека земјава може да смета на австриската поддршка за ова прашање.

Вчера за македонско-бугарскиот спор се огласи потпретседателкате на Бугарија, Илијана Јотова. На својот фејсбук профил Јотова напиша дека проблемите на Бугарија со Северна Македонија денес се резултат на немањето национална политика за Бугарите во странство.

-Нашите проблеми со Република Северна Македонија денес се резултат и на немањето национална политика за нашите сонародници во странство. Односите ни се сведоа на издавање на бугарските пасоши таму, без зголемување на влијанието на Бугарија, дури и по потпишувањето на Договорот за добрососедство. Немаме лоби во научните славистички кругови. Не ги обновивме и не отворивме нови лекторати на бугарски јазик, за разлика од постојните македонски, наведе Јотова во објавата.