Нелогично и нефункционално

НИКОЛА ПОПОВСКИ

Постојано се соочуваме со многу одлуки што се носат во општеството на микро и на макро план и најчесто за многу од нив не можеме да ја сфатиме нивната логика или ефикасност. Така е и со низа одлуки што ги носат јавните органи и институции. Тие често изгледаат конфузни и нејасни, а често и завршуваат со неуспех, сеедно дали веднаш и забележливо или постепено, на долг рок и незабележливо, но со многу пострашни последици. Во нашава земја одамна доминираат овие вториве.

Веројатно сите се прашуваме зошто е така и за себе наоѓаме прилично точни но недоволни одговори. Во нив најчесто спаѓаат оние дека земјава ни е до гнилеж корумпирана на сите нивоа и дека во такви услови одлуките што се носат имаат коруптивен, а не јавен интерес. Понатаму, јасно е дека институциите на сите нивоа ни се сè послаби и понеефикасни, оптоварени со сè освен со доверената работа што треба да ја извршуваат. Причините за тоа одамна се детектирани. Некои од објективните фактори се и од редот на оние дека нашето општество е опасно дезинтегрирано по многу основи – класни, етнички, верски, политички, идеолошки и други основи. Но, некои од причините за страшната неефикасност се наоѓа во некои сосема други фактори. Дури и кога се спроведуваат процеси што не се под голем удар на корупцијата, за кои имаме барем основен институционален капацитет и немаме некои сериозни класни, етнички, верски, политички, идеолошки разидувања, ние едноставно не можеме да донесеме ефикасна и логична одлука или решение.

Низа такви примери имаме во последниве години, а во последниве денови и недели таквите се намножија. Тие се директна последица од некои чудни одлуки на јавните органи и институции. Многу е голема веројатноста дека има нешто многу погрешно и систематски лошо поставено за тоа постојано да ни се повторува и да го носи општеството во состојба постојано да греши. Таквите примери не само што се лоши туку се толку очигледно нелогични што сите се прашуваме што е тоа што нив постојано ги репродуцира.

Деновиве бевме сведоци дека во исто време владата на Македонија објавува зголемено ниво на конкурси и огласи за вработување на нови лица во и онака преоптоварен јавен сектор со непотребни вработени (најчесто во буџетски финансираните институции од јавниот сектор), но едновремено носи или подготвува законски решенија со кои вишокот на вработени од тој ист јавен сектор ги нуди на приватните компании и институции за преземање со низа бенефиции, од кои едната е дека новиот приватен работодавец треба да ја исплаќа само нето- платата на старо-ново вработениот, а јавните давачки за него да ги намирува државата (читај буџетот). Оној ист буџет што е единствениот финансиер на сите нови вработувања што паралелно се огласуваат. Од една страна, има „вишок“ вработени од кои треба да се ослободиме со делумни државни субвенции, а од друга страна има потреба од нови вработувања со целосни државни субвенции. Многу логично. Дури и ефикасно.

На локално ниво не сме воопшто поинакви. Градот Скопје, по подолго време, го враќа во употреба билетот на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) за едно возење, но носи одлука дека тој билет не може да се купи на ниедно друго место освен кај возачот на автобусот и тоа за цена од 40 денари. Малку е прескапо, нели? Тоа ќе ги одврати граѓаните од можноста да се возат со јавните автобуси. Мнозинството семејства во Скопје имаат автомобили и тоа е логично бидејќи без нив во главниот град е прилично тешко да се живее и работи. Да претпоставиме дека оние што користат свои возила, понекогаш и по исклучок и кога е тоа можно, сакаат да избегнат да возат самите и да не се мачат со наоѓање паркинг, туку да користат јавен превоз за да стигнат на некоја локација во градот. Во двата правци тоа ќе ги чини 80 денари, односно толку колку што ќе ги чини и горивото. Зошто тогаш би користеле автобус и би губеле време во чекање на автобуските станици? Да потсетиме, Скопје е апсолутно загаден град и еден од најзагадените во светот што наводно се бори да го намали загадувањето за кое издувните гасови од автомобилите се еден од најважните фактори. Градот е во служба на јавниот интерес или оној на ЈСП како јавен субјект? Или зошто градот планира да ја затвори најпрометната улица во центарот на градот и да ја претвори во пешачка зона (не навлегуваме во оправданоста на тоа решение) кога во исто време го претвори пешачкиот кеј крај Вардар во улица по која од хотелот „Холидеј ин“ до плоштадот „Македонија“ може да возите по плочникот на кој е дозволено да се движат и пешаци?

Вакви нелогични одлуки има и ќе има уште многу. Една од сериозните причини за нив е што властите, без разлика дали се централни или локални, не прават разлика што е тоа јавно добро, а што е тоа приватно добро. Тој основен економски концепт што суштински влијае врз начинот на кој во економска, правна, политичка и секаква друга смисла се управува со едно општество е некаде целосно загубен, и тоа многу одамна. Кога властите не разликуваат зошто и кога една услуга или материјално добро во општеството треба да е јавно добро и да се финансира со јавни средства, на тој начин станувајќи достапно за сите под исти услови, а кога треба да е приватно и треба да е препуштено на индивидуалните одлуки за негова потрошувачка, тогаш и не треба да се очекува дека одлуките што ги носат ќе се ефикасни и логични, дури и кога тие се ослободени од коруптивни, класни, етнички, верски, политички, идеолошки и други основи. Такви проблеми имаме и со бројните одлуки за разни субвенции што власта постојано ги одобрува за приватните економски субјекти. Со тоа тие и целите за кои се основани и постојат ги претвораат, во најмала рака, во повремени или трајни мешовити приватно-јавни, а често и чисти јавни добра. Најстрашно е што и најголемиот дел од приватниот сектор „ја загриза јадицата“ и сега секојдневно бара државата и владата да им ги субвенционираат нивните трошоци за сè и сешто, да им ги решаваат нивните пазарни неуспеси или да ги ослободуваат од обврските што со своето работење ги имаат кон општеството. Слично е и со нејзиниот целосно изгубен компас и вкупно однесување во други сектори, како на пример и оној во врска со целината на здравствениот, а особено јавниот здравствен систем што покажува сериозни знаци на колабирање.

Се чини дека ваквите проблеми во општеството и особено во власта нема да можат ниту лесно, ниту бргу да се надоместат или исправат бидејќи ниту на повидок нема нешто што ќе претстави еден целосен, ефикасен и спроведлив план за тоа како власта треба да се однесува кон општеството и неговите индивидуи во современи услови, без да биде под притисок на своите моментални импресии или идеи, кои не само што се заробени од минатото туку се и тотално неуки, па дури и дегутантни. Како последица на тоа, не се исклучува тонењето да продолжи забрзано.