Неидентификуван објект падна во Полска и предизвика силна експлозија


Неидентификуван објект падна рано утрово во близина на селото Тарнава-Колонија во источна Полска и предизвика силна експлозија, објавија полските власти.
Селото се наоѓа во Лублинското Војводство, на околу 95 километри од украинската граница. Жителите пријавиле во полицијата дека слушнале гласна детонација, по што армијата и другите служби започнале пребарување и го обезбедиле подрачјето, пренесе СЕЕбиз.

Полските вооружени сили сè уште не објавиле за каков објект станува збор или од каде доаѓа. На местото на падот се спроведува истрага.

Украински извори досега неофицијално наведуваат дека може да станува збор за руска крстосувачка ракета H-101, позната и под англиската ознака Kh-101. Оваа информација не е потврдена, а полските власти сè уште не го идентификувале објектот.

Според моментално достапните информации, објектот со турбомлазен погон влегол од правец на Украина, летал на мала надморска височина, а потоа се урнал во близина на Тарнава-Колонија. Полските медиуми известуваат дека објектот бил забележан со радар и дека кон него бил насочен борбен авион Ф-16, но исчезнал од радарот пред да може да се идентификува.

Фактот дека сè се случило за време на голем руски напад врз Украина укажува на можноста дека руско оружје лансирано од воздух отстапило од својот пат поради дефект и влегло во полскиот воздушен простор.

Ниската надморска височина на летот, според украински извори, ја намалува веројатноста дека станува збор за украинска противвоздушна ракета што се пренасочила по неуспешно пресретнување, како што се случило во Пжеводов во 2022 година.

Жителите, исто така, не го пријавиле карактеристичниот звук на клипниот мотор произведен од беспилотните летала Шахид или Гербера. Поради оваа причина, руската ракета Х-101 или поновиот дрон Геран-3 со млазен погон се споменуваат меѓу можните објаснувања. Сепак, ова се само прелиминарни проценки кои сè уште не се потврдени од истрагата.

Инцидентот се случил додека Русија започнала голем напад со ракети и беспилотни летала врз градови низ Украина.

Полска претходно крена борбени авиони и активираше системи за противвоздушна одбрана за да го заштити својот воздушен простор поради нападот. Досега не е потврдено дали постои врска помеѓу рускиот напад и објектот што падна во близина на Тарнава-Колонија.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека извршило „масовен удар со прецизно оружје со долг дострел од копно, воздух и море“, како и напад со беспилотни летала. Москва тврди дека целите биле украински воени објекти.

Најмалку осум лица загинаа во рускиот напад.