Нè стрефи уште еден апсурд на Нефи


НАУМ КОТЕВСКИ

„Охридскиот бисер“ на ДУИ, Нефи Усеини, никако да се сокрие од срам од јавноста. Напротив, осоколен од гнилиот систем во кој бруталното кршење на законите е пожелна и прифатлива категорија, катадневно исправа криви дрини. Тазе излезен од партиската школка, барем за поширокиот дел од јавноста, тој јавно се гордее со своите тешко стекнати дивоградби и притоа лесно решава работите да ги расчистува и со закани и тупаници. На човекот кој има малку подебело досие испишано со неколку кражби, насилство (па и во името на заштитата на дивите приклучоци за вода), фалсификување патни исправи, крволочни борби со кучиња и видеа од нив кои горделиво ги објавува на социјалните мрежи… сега му дојде памет и одлучи да се послужи со демократски орудија.

Како претседател на огранокот на ДУИ и советник во општината повика на протест, наводно, поради селективност во рушењето на бесправно изградените објекти, што секако му е загарантирано право со Уставот, како што очигледно (веројатно исто така според Уставот) му е загарантирано дека нема да одговара за своите незаконски постапки. Несомнено интересна фигура е човекот чија фирма „Нефи ИК“ за две години, од општинските претпријатија, добила 8 тендери во вредност од над 225.000 евра. Намириса Нефи солиден профит и токму при актуелизирање на проблемот со дивоградбите, најмногу поради притисокот на УНЕСКО и опасноста за излегување од листата на светското културно наследство (а не на некаков внатрешен институционален капацитет). Затоа и се пријави на тендерот. За тој да ги рушел.

Без оглед што Антикорупциската комисија поради судир на интереси му ги помрси сметките, неговото учество на тендерот симболизира своевиден протест на Нефи против самоволието на кое тој силно преку мегафон со панорамски поглед од Плаошник жестоко скандира: „Сакаме да рушиме, сакаме да рушиме“. Така де, да рушиме, ама за нова кешарица. Тогаш беше така – пред три-четири месеци. Сега приказната е поинаква. Советникот, во чија сопственост е градежна компанија која изгради голем дел од дивоградбите, како и познатата пицеријата „Луна“ спроти охридскиот чинар, која исто така е дивоградба, обвинува дека е жртва на политички атентат.

Обидот да ја игра инфериорната улога на жртва и не е толку страшен колку што е страшно што повикот за протест пресметано го става во еден опасен национален и религиски контекст, тврдејќи дека наместо објектите кои се закана по статусот на Охрид во УНЕСКО се уриваат куќи и џамии.

Не помалку болно, пак, е што по неверојатно бесмислената етапа наречена „протест со протест се побива“, кога за време на десетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ се организираа паралелни демонстрации како резултат на партиократскиот режим, ете сега гледаме и повици за протест против дивоградби, без оглед што подоцна стигнаа информации дека ДУИ ќе се премислува па протестите можеби ќе ги остави за подобри времиња. Самата најава од една страна беше апсурдна, но од друга тажно е што нашето општество веќе не се изненадува од парадоксите на времето во кое живееме во кое културата на неказнивоста на заштитените мечки ни е врвен дострел.

Јасно е дека разни моќници изградија хотели и ресторани по охридското крајбрежје надвор од рамките на законот, без никаков страв дека некогаш ќе одговараат, а од тоа дебело профитираа. Системот на безредие го прифаќаа и поситните риби за да го подобрат колку толку својот стандард. Во тој дел, вистина надлежните треба да се вразумат. Не смее да постои никаква селекција ниту партизација и политизација. Мора да се сруши сè што е нелегално, како во нормална правна држава. Но Нефи е веројатно последната адреса од каде што таа порака треба да се слушне.

Од Општина Охрид ветија дека на почетокот ќе се отстрануваат објекти кај кои не постојат правни пречки и акцијата за уривање ќе ги опфати сите физички или правни лица кои имаат добиено решение за отстранување на бесправно изграден објект и не постапиле во согласност со издадените решенија од страна на градежните инспектори. Донекаде така и почна, но јавноста мора со внимание да следи што ќе се случува понатаму и дали во сеопштиот хаос повторно ќе им се прогледа низ прсти на големопоседниците.

И низ примерот на Охрид јасно се гледа (колку и да звучи парадоксално) дека во суштина не е проблем заштитата, туку разочарувачкиот менталитет, неразбирањето на значењето на индивидуалното поведение и однесување во законските рамки, па конечно и на тоа што значи колективното културно наследство и однос кон него.