Не размислуваме за поскапување на струјата, туку за поевтинување или барем зголемување на евтината тарифа, вели Мицкоски

Во моментов акумулациите во земјава се на ниво од 70 отсто, односно во нив има акумулирани околу 500 гигават часови електрича енергија


Владата не размислува за зголемување на цената на електричната енергија, туку се обидува да најде формула со која цената на струјата евентуално ќе се намали или барем да се зголеми периодот на евтина тарифа. Ова денес го изјави премиерот Христијан Мицкоски на настан во Владата на кој се потпишаа договори за реализација на третата фаза од пругата кон Бугарија, во одговар на новинарско прашање за влијанието на енергетската криза во Европа поттикната од топлото време и сушите, како и поради влијанието на војната во Заливот, и каико сето тоа се одразува врз нашата земја. Мицкоски рече дека како држава сме на безбедната страна и дека во моментов акумулациите во земјава се на ниво од 70 отсто, односно дека во нив има акумулирани околу 500 гигават часови електрича енергија, како и дека хидроелектраните се подготвени за производство.

Во одговорот Мицкоски посочи дека од почетокот на годината како Влада, имаат три исклучително големи предизвици.

„Првиот е војната во Заливот, односно во Иран, и предизвиците што се случуваат во Теснецот“, рече Мицкоски при што додаде дека за разлика од многу други влади во Европа кои држеле панични конференции, македонста влада не очајувала, туку напротив, испраќала пораки на смиреност дека како земја имаме доволни резерви и дека нема потреба да се ограничи извозот и дека напротив тука е да им помогне и на граѓаните од соседството, со тоа што ја одржа ценовната стабилност, и понуди на пазарот најниски цени на горивата. На тој начин, потсети Мицкоски, 50-тина проценти во одредени денови се зголеми потрошувачката на нафтени деривати поради притисокот кој што го правеа граѓаните на соседните држави.

„Отприлика по половина евро по литар понудивме поевтини гоприва споредено со тоа што го имаа соседните земји, па и со одредени соседи во одредена мерка таков е случајот и сега“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека денеска има втор феномен, втората најголема река во Европа, Дунав, во одредени делови е на најниско ниво во последните 100 години, а во одредени делови се ближи до најниското ниво во последните 100 години.

„Гледате што се случува со нуклеарните централи во Романија, Чешка Унгарија, со хидропотенцијалот во соседна Србија… Бугарија сѐ уште ја користи нуклеарката Козлодуј, но прашање на денови е кога сето тоа ќе се исклучи и сето тоа врши притисок врз цената на електричната енергија“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека со обновливи извори може да се произведува енергија, но таа не може да биде базна, дури и да има инсталирано батерии.

„Вам ви треба базна енергија, а неа во најголем дел ја произведуваат нуклеарните централи кои што во овој момент се исклучија. Цените на берзите се огромни. Акумулациите се речиси празни“, рече Мицкоски.

Тој се пофали дека ние како земја сме успеале да направиме стратегија и механизам тоа да не се случи.

„Јас можам да кажам дека нашите акумулуации во овој момент, при крајот на сезоната на наводнување, се околу 70 проценти и имаме речиси 500 гигават часови акумулирана електрична енергија, сосема доволно за да се чувствуваме безбедни и комотни да немаме предизвик во делот со снабдувањето со електрична енергија на граѓаните и на индустријата“, рече Мицкоски.

Тој повтори дека како Влада нема да прават „панични прес конференции“ и да повикуваат на внимателност и штедење затоа што воделе сметка многу порано за да не се случи тоа, како и дека хидроелектраните се подготвени да произведуваат електрична енергија.

„Ние не размислуваме за зголемување на цената на електричната енергија. Ние правиме план да најдеме формула како да ја намалиме или барем евтината тарифа да ја зголемиме. За разлика од најголемиот дел од земјите во Европа кои што планираат да ја зголемат цената на електричната енергија“, рече Мицкоски.

Третата работа, како што нагласи се големите капитални проекти во делот на енергетиката при што најави дека во втората половина на август ќе биде претставен напредокот на ветропаркот што го гради Алказар, и кој што се протега во реонот на Штип – Карбинци – Радовиш, инвестиција во вредност од половина милијарда долари во сите три фази, како идека очекува инвеститорот да најави „уште една убава вест“.

„Така што, ние како земја во моментов сме безбедни и комотни, но истовремено правиме план за следните десет години“, рече Мицкоски. (М.Ј.)

 

На истата тема:

 

Треба ли Македонија да стравува од енергетската криза во Европа