Потпишани договорите за железничката делница Крива Паланка – Деве Баир, неопходни откако отпадна ИПА грантот
Со потпишување на договорот за инвестициски грант обезбеден преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) на Европската Унија, како и договори за финансирање со Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), почнува третата фаза од финансирањето на изградбата на железничката делница Крива Паланка – Деве Баир од Коридорот 8. Денешниот настан доаѓа по состанокот со Бугарија за подготовката на прекуграничниот тунел, односно првиот состанок на работната група на Македонија и Бугарија, посветен на подготовка и реализација на изградбата на заедничкиот прекуграничен железнички тунел на Коридор 8, кој се одржа на 30-ти, минатиот месец во Софија. Како што истакна раководителот на Европска инвестициска банка во Скопје, Бјорн Габриел, измените станале неопходни по поместувањето на договорите за заем и ИПА-грантот. Преку Инвестициската рамка за Западен Балкан на ЕУ се обезбедени 149 милиони евра грант за изградба на третата делница од железничкиот коридор 8.
Во текот на оваа година се очекува да почнат работите на терен. Есенва е предвидено да се избере изведувач и веднаш потоа да се почне со работа. Веќе има активен тендер за избор на надзор и се оди во две фази, предфквалификација која е во финиш и квалификација, а тендерот за градба ќе биде во една фаза.
На потпишувањето на договорите во зградата на Владата, присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, Бен Нупнау – заменик шеф на Делегацијата на ЕУ, Фатих Туркменоглу – директор на ЕБОР за Македонија, Бјорн Габриел, директор на ЕИБ во Македонија, како и директорот на Железници – Инфраструктура, Синиша Ивановски.
„Изминатите две години напорна работа го искристализираа, го оптимизираа и го направија појасен овој проект што претходно подразбираше дека треба да завршиме на половина тунел и без да имаме јасно предвидување од страна на нашиот источен сосед дека ќе имаме модернизација на секцијата што ја поврзува границата со нас и Софија, вклучително и другата половина на тунелот“, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски пред денешното потпишување на договорите за финансирање на изградбата на железничката делница Крива Паланка – Деве Баир од Коридорот 8 во Владата.
„Ако третата секција е и завршува до почетокот на тунелот, од завршувањето на тунелот до поврзувањето со националната железница во Софија, имаме заложба од нашиот источен сосед за јасна модернизација на тој дел од Коридорот 8 и заеднички проект. Тоа е тунелот што очекуваме да биде целосно финансиран како грант од страна на на Европската комисија“, додаде премиерот.

Според него, некои опозициски политичари го спомнаа губењето на грантот од 60 милиони евра, а и ситуацијата не беше ваква во јуни 2024 година.
„Овој проект нема да заврши на половина тунел во слепа улица. Сега имаме целина. И тоа е многу важно. Зашто кога градите нешто, тоа треба да биде функционално. Не е само да направите тик бокс и да кажете: „Добро е, го почнавме ова, направивме прес конференција, се обративме, ги потрошивме парите“. Тие пари некој треба да ги враќа. Тие пари ќе ги враќаат во најголема мера граѓаните на земјава“, рече Мицкоски.
Се осврна на претставникот од Европската инвестициска банка кој кажа за делот од Коридорот 8 што треба да ги поврзе Гостивар – Кичево – граница со Албанија, со напомена дека тука мора да бидеме внимателни со препораките на УНЕСКО.
Во обраќањето, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николски рече дека денешното потпишување претставува продолжување на визијата што ја постави оваа Влада – Македонија да ја искористи својата уникатна позиција како раскрсница на двата коридора, 8 и 10 и на тој начин да го докаже своето место како срце на Балканот.
„Изградбата на Коридорот 8 е еден од врвните приоритети на Владата. Ова е исклучително значаен ден зашто по речиси две години работа доаѓаме до реален и остварлив проект, што може да биде реализиран. Успеавме да постигнеме договор со Бугарија за изградба на прекуграничен железнички тунел што треба да ги спои двете држави. Очекуваме на крајот од овој месец да се одржи вториот меѓувладин состанок во Скопје, а пораката е јасна – двете држави испраќаат заедничко писмо до ЕУ, ЕИБ и ЕБОР, за обезбедување грант за изградба на тунелот кои, убеден сум, ќе бидат далеку поголеми од оние грант средства за кои досега се зборуваше“, истакна Николоски.
Според министерката Димитриеска-Кочоска, со документите што денеска се потпишуваат, се создаваат услови за непречено продолжување на реализацијата на еден од најзначајните инфраструктурни проекти во државата.
Таа оцени дека за реализација на стратешките проекти не е доволна само политичката определба, туку е неопходно да постои и стабилна и одржлива финансиска рамка.
„Владата има јасна определба за реализација на стратешките инфраструктурни проекти. Со Ребалансот на Буџетот за 2026 година обезбедивме дополнителни 5,8 милијарди денари за капитални расходи, односно 14,3% повеќе во однос на иницијално планираните средства. Тие се инвестиција во повисока конкурентност на македонската економија, во подобра регионална поврзаност, во нови можности за бизнисот и во повисок животен стандард за граѓаните“, напомена Димитриеска-Кочоска
Остануваме посветени, нагласи таа, на реализацијата на овие цели, водејќи сметка истовремено да ја зачуваме стабилноста на јавните финансии.
„Токму таквиот пристап преку одговорно управување со јавните финансии, обезбедување средства за капитални инвестиции и силно партнерство со меѓународните финансиски институции создава основа за одржлив економски раст, поголема конкурентност и побрза интеграција на нашата држава во европските транспортни и економски текови“, рече Димитриеска-Кочоска.
Коридорот 8 има голема важност, бидејќи ги поврзува Јадранското и Црното Море преку Албанија, Северна Македонија и Бугарија, тој е дел од инфраструктурата и на ЕУ и на НАТО, а оваа врска ќе ја зголеми отпорноста на Северна Македонија, на регионот и на континентот, ќе обезбеди поголема мобилност и за воени и за бизнис цели, но ќе ја олесни и трговијата, ќе отвори можности за работа и ќе ја зголеми конкурентноста по делот на овој коридор, изјави денеска заменик шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Бен Нупнау на свеченото потпишување договори за финансирање на изградбата на железничката делница Крива Паланка – граничен премин Деве Баир, која е дел од источниот крак на Коридорот 8.
Нупнау нагласи дека денешното потпишување е еден чекор напред кон имплементацијата на мошне важен проект којшто ги поврзува земјите.
„Ќе се префрлиме и од работа на копно кон железница, со што ќе се подобрат работите. Потпишувањето на овие измени денеска е навистина важен чекор за да се започне со реалната работа, која беше во застој по поместувањето на ИПА грантовите. Сега сите потребни приспособувања се договорени за потребната инфраструктура и за плановите за финансирање,“ рече Нупнау.
Тој потсети дека денешниот настан доаѓа мошне брзо по состанокот со Бугарија за подготовката на прекуграничниот тунел, односно првиот состанок на работната група на Македонија и Бугарија, посветен на подготовка и реализација на изградбата на заедничкиот прекуграничен железнички тунел на Коридор 8, кој се одржа на 30-ти, минатиот месец во Софија.
Раководителот на Европска инвестициска банка во Скопје, Бјорн Габриел во своето обраќање истакна дека измените станале неопходни по поместувањето на договорите за заем и ИПА-грантот.
„Тоа наложи прилагодување на структурата за спроведување на проектот и на планот за негово финансирање. Иако денешното потпишување претставува административен чекор, сепак станува збор за значајна пресвртница. Со него се отвора патот за објавување на тендерот за градежните работи во наредните недели и се потврдува обновената посветеност на Владата за унапредување на Железничкиот коридор 8 и неговите стратешки делници – нагласи тој.
Габриел додаде дека минатонеделниот состанок на билатералната работна група, како и заедничкиот договор за индикативната временска рамка, создале позитивен моментум што ЕИБ и партнерите од Тим Европа се подготвени да го поддржат.

Кон запад, кон Албанија, додаде тој, ЕИБ веќе обезбедила грант-средства од ЕУ за поддршка на техничката подготовка на релевантните делници од двете страни на границата, во својата улога на водечка меѓународна финансиска институција.
„Паралелно со тоа, Европската комисија во моментов ги разгледува условите на задачата за физибилити-студијата за делницата што ја поврзува Струга со албанската граница. Се надевам дека овие случувања ја потврдуваат нашата цврста посветеност да ги поддржиме сите македонски партнери во претворањето на Железничкиот коридор 8 во реалност“ – додаде тој.
Во име на Европската банка за обнова и развој се обрати директорот Фатих Туркменоглу, кој изрази задоволство поради тоа што е присутен на потпишувањето на измените на договорите за Железничкиот коридор 8 – Фаза 3, бидејќи, како што рече, ова е важен чекор за проектот и за државата.
Туркменоглу нагласи дека со проектот ќе се изградат 23 километри железничка пруга меѓу Крива Паланка и бугарската граница, со што ќе се заокружи источната делница од Коридорот 8 во државата.
„Со поддршка од нашите партнери, вклучително и Европската инвестициска банка и Европската Унија, овој проект ќе ја доближи земјата до нејзините соседи и до Европа, ќе го направи патувањето полесно, а со тоа ќе отвори и нови можности. ЕБОР е горда што ја поддржува оваа важна инвестиција. Остануваме посветени на соработката со македонската Влада на проекти што ќе донесат трајна придобивки за луѓето и за бизнисите“, нагласи Туркменоглу.