Не можеме механички да ги преземаме мерките од други земји, вели Димитриеска-Кочоска


 

Како резултат на кризата на Блискиот Исток сѐ уште апсолутно немаме никакви влијанија или пренесувања на цените. Состојбата се следи и ќе одговараме соодветно како што ќе се движи цената на нафтата, порача синоќа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Во гостување на МТВ, Димитриеска-Кочоска најави дека доколку ескалира кризата ќе се направат приоритети и реорганизација, но оти секогаш приоритет ќе биде навреме да се исплатат платите, пензиите, социјалната помош… сѐ што е значајно за да се заштити стандардот на граѓаните.

Како што рече, во момонтов кај нас нема недостиг на нафта и нафтени деривати, ниту пак има значајни ценовни шокови како директна последица на кризата.

„Граѓаните можат непречено да снабдуваат гориво, што значи дека нема основ за воведување рестриктивни мерки од тој тип. Во однос на цените, тие и понатаму се пониски во споредба со дел од регионот, што е особено важно за стандардот на граѓаните. Затоа не можеме механички да ги преземаме мерките од други земји, без да ја земеме предвид нашата реална состојба“, рече министерката.

Министерката нагласи дека клучен предизвик е непредвидливоста на кризата, со оглед дека ниту европските земји не можат да дадат прецизни проценки за нејзиното времетраење.

„На дневна основа функционираат повеќе од 30 инспекциски тимови кои ги следат состојбите низ целата држава. Најголем дел од компаниите, било да станува збор за производители, било да станува збор за дистрибутери, супермаркети, кои се посетени од ДПИ може да констатираме дека на терен промена во однос на цените нема“, наведе Димитриеска-Кочоска

Владата, потенцира таа, секако ќе реагира и ќе преземе соодветни мерки.

„Информаците од теренот говорат дека имаме зголемување на цената на маслото за јадење, но тоа не е поврзано со кризата, туку со берзанската цена на суровините за негово производство и на јајцата, повторно поврзано со суровините“, рече Димитриска-Кочоска.

Ова, појасни, е нешто што се случува пред почетокот на кризата и не станува збор за промена на цени како резултат на неа.

За предложените законски решенија за справување со кризата од опозициската СДСМ, рече дека „не би сакала да зборува, затоа што „имавме избори пред повеќе од година и половина и ако тие беа добри и дадоа добри мерки во 2022 година во 2024 година ќе беа добитници, а не губитници“. Во 2022 година, наведе, сегашната опозиција создаде инфлација на храната во државата од над 20 проценти, а за одредени производи дури и од над 30 проценти. Во овој момент освен на два производа во друг дел немаме покачувања, рече министерката за финансии потсетувајќи дека на средбата со трговците било констатирано оти досега нема сериозни притисоци за промена на крајните цени.

Прашана која е црвената линија за Владата да одлучи да креира мерки, повтори дека се следи состојбите и укажа дека многу јасно е предвидено што треба да преземе Министерството за финансии доколку има потреба.

„Овие истите кои ги предлагале мерките не знам како на пример кажале 4 денари да се намали акцизата кога тие истите во самите закони напишале дека цената на акцизата може да се намали за 4 денари доколку имаме кризна или вонредна состојба и доколку цената на нафтата по тон е повеќе од 1.200 долари. Во овој момент, сѐ уште цената не е таква, има пропишано закони во државата, ги следиме и ќе одговараме соодветно како што ќе се движи цената на нафтата“, рече Димитриеска Кочоска.

Како што ќе се менуваат состојбите, укажа дека така можеби ќе се менуваат и проекциите во рамки на Буџетот.

„Ова е една вонредна состојба која можеби ќе бара и одредени посерозни корекции во насока на тоа, не знам, дали можеби ќе го менуваме буџетскиот дефицит итн. Ова го зборуваме и со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Фокус на Министерството за финансии е да се одржиме буџетскиот дефицит толку колку што беше проектиран годинава, секако во рамки на тоа да се испроектираат одредени заштеди каде што има простор и непродуктиви трошења, да се даде таму каде што е приоритетно. Но, секогаш приоритет ќе биде навреме да се исплатат платите, пензиите, социјалната помош, сето она што е значајно за да се заштити стандардот на граѓаните. Понатаму за сѐ друго, како ќе има простор така ќе се реализира“, рече министерката за финансии.

Доколку ескалира кризата, истакна, ќе се направат приоритети.

„Ќе се реорганизираме доколку има потреба. До овој момент не сметаме дека треба. Се движиме генерално во тие рамки. да оставиме да видиме како ќе се движат работите и врз основа на тоа да носиме одлуки. Реакцијата и на останатите влади е иста затоа што станува збор за состојба и непознаница и никој не знае колку ќе трае“, рече Димитриеска-Кочоска.