Не е лесно да лансираш колекција кога луѓето околу тебе заболуваат и умираат : Интервју со Александар Ношпал, дизајнер


Фото: Мартен Шекс

Лејла Сабит

Никогаш не им подлегнав на летаргијата и депресијата. Ниту, пак, знам што се, ниту како се манифестираат. Не е лесно туку-така да се затвори човек како мене, кој во изминативе осум месеци ја помина речиси цела Европа, аеродромите и хотелите му беа втор дом, а театарските ателјеа и сцени катадневното „бојно поле“. Не е лесно еден уметник да престане да твори, целосно да запре, и тоа две недели пред премиерата на две претстави: Жизел во НОБ и Си беше еднаш во Театар „Комедија“. Не е лесно, како слободен уметник, преку ноќ да останеш без никаков приход. Не е лесно да лансираш колекција во време кога луѓето околу тебе заболуваат и умираат. Но, чувството е прекрасно кога можеш да дадеш, да помогнеш и да се бориш за подобро утре, вели за „Независен“  Александар Ношпал, врвен дизајнер и костимограф, кој се прилагоди на новото време и промовираше мини-колекција во соработка со онлајн продавницата Митра.

Ќе се врати ли времето на високата мода, зошто Ношпал Митра Limited Edition е женски проект и зошто се уште поинтересни се секојдневните политички хајки и локалните чаршиски озборувања отколку успехот на една мала група вистински македонски амбасадори творци, во продолжение на интервјуто.

Лани во Дизелдорф, фото: Мартен Шекс

 Ѝ се враќате на „ready-to-wear“ модата, креирајќи мини-колекција во соработка со онлајн продавницата Митра. Дали еден креативец воопшто може да си замине од своето „модно поле“?

-Очигледно не,  никогаш! Или, како што вели поговорката, „Никогаш не вели никогаш“. Мојата последна колекција беше онаа за Кара во 2005 година наречена „Револуција-Еволуција“. Од сегашен аспект, по 15 години, многу интригантен наслов. Дали се случи модна револуција, дури и на глобално ниво? Јас мислам, да: од сцената си заминаа неколку великани, се појавија нови дизајнерски имиња, некои брендови се издигнаа, некои западнаа во длабока сенка; се појавија нови имиња на модното небо. Дали се случи еволуција во мојата кариера? Нормално, магистрирав во Лондон, се посветив на едукација, работев како професор во и вон земјата, дефинитивно се насочив кон костимографијата, не само македонска туку и европска. Имаше периоди кога во Германија, Швајцарија, Хрватска… работев повеќе отколку во Македонија. Сепак, во мојата потсвест модата очигледно си – тлееше! Затоа од своето портфолио никогаш и не го бев избришал префиксот „моден дизајнер“,  пред оној „костимограф“.

Дали тоа значи дека не е време за висока мода, или потребите на пазарот се поинакви?

 -Високата мода одамна „изумира“, таа е привилегија на големите брендови како што се Шанел и Диор. Погледнете ја модната недела на висока мода и ќе ви стане јасно. Лагерфелд веќе го нема, Готје годинава ги затвори вратите на неговото ателје за висока мода, но затоа Галијано го презема Марџела, а Марија Грација Кјури го воскресна Диор. Се појави неверојатната Ирис Ван Херпен, за мене наследничка на Меквин. Повеќе или помалку, тоа е тоа во високата мода. Очигледно живеемe во еден брз свет на консумеризам. Таква стана и модата. Денес веќе сѐ е поинаку.

Се прилагодувате на условите на корона-вирусот како тимски играч, а не како индивидуалец. Како воопшто дојде до соработката за колекцијата Ношпал Митра Limited Edition?

 Оваа колекција е настаната како резултат на многу фактори. Театарот се затвори, проектите се откажаа или се одложија. По една успешна сезона во која патував од едниот на другиот крај на светот, немајќи време дури ни да ги препакувам куферите, се најдов во ситуација да седам дома. Условите драстично се променија. Ама потребата за создавање остана. Малкумина знаат дека околу мене постојат неколку личности, повеќето жени, кои постојано ме поддржуваат во секој сегмент од моето постоење, работење и креирање. И овој проект настана со помош на нивниот ум, совет и упорност. Јас велам: Ношпал Митра Limited Edition е женски проект, односно проект на жените околу мене. Платформата Митра ја создаде моја блиска пријателка пред нешто повеќе од една година: и таа е новороденче. Во моментот кога се случи пандемијата, сфативме дека треба да си помогнеме еден на друг. И така настана овој проект.

Фото: Дарко Мораитов

Како и зошто ги одбравте Надица Георгиева и Веда Евтимова за заштитни лица?

 -Изборот не е случаен. Се концентрирав, пред сѐ, на моите долгогодишни соработници Моделс Ин, чијшто сопственик (еден од сопствениците) е и самата Надица Георгиева. Понатаму, во разговор со Надица, сфативме дека убаво е да ја презентираме историјата на Моделс Ин, а воедно и да се обратиме на две целни групи:

Надица е една од првите модели во Македонија односно поранешната Југославија, има интернационална кариера и, со формирањето на Моделс Ин, ја зацврстува платформата на првата модна агенција во Македонија, која денес соработува интернационално. Таа денес е жена, мајка и им се обраќа на луѓето односно клиентките од нашите генерации. Тие се нашата прва целна група. Втората е онаа околу Веда Евтимова, едно од најновите и најмладите лица на агенцијата. Има 16 години,  со својата младост,  свежина и актуелна убавина ѝ се обраќа на помладата генерација, на девојките што сакаат да ги носат овие модели во посекојдневна и поопуштена варијанта.

Некои модели на сликите се комплетно исти во материјал и крој, но во боја и стајлинг изгледаат тотално различно на двете. Токму во тоа е и убавината на оваа колекција: адаптабилна кон возраста и стилот.

Фото: Дарко Мораитов

Каде сега ја гледате модата во локални и во глобални рамки? Како таа ќе се доживува и ќе заработува?

 -Многу комплексно прашање, бара комплексен одговор. Но еве, на кратко: модната индустрија е во колапс. Ситуацијата со пандемијата наречена Ковид-19 го смени целиот систем на функционирање во светот, а воедно ни прати порака дека треба да научиме да ја контролираме нашата алчност и нашата екстремна и неоправдана потреба за трошење. Во последната декада, можеби и подолго, модната индустрија во средно високиот сегмент почна да се занимава првенствено со заработувачката односно со барање на евтино производство, а продажба по релативно високи цени. Причината за ова е појавата на големите мас-продукциски брендови (high street), кои поставија и наметнаа сосема нови правила на игра. Од друга страна, во име на ниската цена, потрошувачите почнаа да прават компромиси по однос на квалитетот на облеката, низ прсти да ѝ прогледуваат на алчната модна индустрија. Количество на купеното стана — ултиматив. Се заборави мајсторијата и уметноста на креирање облека. Ние, дизајнерите, станавме маргинализирана категорија. Заборавени се и забаталени основните квалитети што еден моден дизајнер треба да ги поседува.

Меѓутоа, кога денес ги гледам статистиките, забележувам дека работите полека се менуваат. Сега сме сите ставени на е-пазарот: веќе не се ценат големината на продавницата и нејзиниот ентериер, туку дизајнот и квалитетот на секој поединечен модел. Нормално, битен фактор и натаму останува цената, ама младите дизајнери од целиот свет сега — благодарение на отвореноста и демократичноста на интернетот — ја добиваат можноста да конкурираат, рамо до рамо,со сите големи брендови. Притоа, дури,  и да ја афирмираат суштината и посебноста на сопствениот дизајн.

Единствениот проблематичен или суспектен момент во овој вид комуникација е недостатокот на тактилност односно допир: сепак, материјалот од кој е изработен моделот најдобро може да се почувствува меѓу прстите,  сликата некогаш не ја доловува вистинската сензација на квалитетот, донекаде и на изработката. Свесни сме дека новите системи на продажба сѐ уште не се совршени и дека на нив допрва ќе треба да свикнуваме, ама не можеме да не го прифатиме ноторниот факт дека модата и модната индустрија влегуваат во една нова фаза — нов почеток во историјата на модата! — во која, да се надеваме, поединецот односно дизајнерот и неговите вештини ќе имаат поголема и поважна улога.

Најавивте дека создавате колекција која се разликува од неодамнешните Ваши креации, но која дефинитивно ја следи Вашата уникатна визија. Кој е, всушност, модниот изглед потпишан со Вашето име?

 -Оваа колекција е создадена како резултат на моменталните услови и е прилагодена на актуелната економско-општествена ситуација. Претпоставувам дека луѓето го очекуваа Ношпал во својата кулминација, односно во неговото најдобро издание, но никогаш не треба да заборават дека Ношпал, како личност, е општествено одговорен и апсолутно свесен дека, во моментов, какво било излегување со луксузна линија и со високи цени е —просто — невкусно. Оваа колекција е прилагодена на финансиските можности на луѓето, ќе кажам: со моменталната лоша економска ситуација во државата. Воедно, таа е прилагодена за онлајн платформата на продажба: широка, комотна адаптабилна, односно изработена само во два броја: S-M и L-XL, што им дава можност на луѓето да не се двоумат во купувањето односно во изборот на величината. Таа е мотивирана од она што се нарекува „етика во модата“ (ethical fashion), со посебен акцент на самоодржливост (sustainability). Колекцијата, во моментов, не ми помага само мене, да се одржам себеси како уметник на пазарот, туку и на неколку помали бизниси во земјава им помага да не ги затворат своите врати. Моиве авторски константи и стандарди — она по што ме препознаваат — се геометрискиот израз, совршениот крој, беспрекорната изработка и употребата на природни ткаенини. Се разбира, не се откажувам од амбицијата Ношпал да создава поинвентивни и полуксузни парчиња, но за неа — сега — просто не е моментот. Секој автентичен креативец мора да го освести мигот во кој дејствува, тој е обврзан да биде дел од рецентните/актуелните случувања во средината во која работи, неговата креација мора да е глас што ќе ја изрази и неговата лична порака до општеството. А мојата порака е дека сме оставени сами на себе, дека мораме да преживееме како знаеме и умееме… Затоа колекцијата и претставува враќање кон основното, базичното… Кон едноставноста и квалитетот… Изборот на бои го искажува мојот оптимизам, цврстото убедување дека секако ќе се избориме и успешно ќе ја надминеме кризата. Верувам дека истиот тој оптимизам ќе го почувствуваат, но и ќе го споделуваат сите жени што ќе ја носат колекцијата.

Фото: Дарко Мораитов

Токму во овој период, луксузните куќи освен што забавуваат го менуваат и раководството. Дали тоа е според Вас резултат на пандемијата или нормален тек на работите?

 -Сето тоа е резултат на новонастанатите услови, на воведување на новите модели и односи. Како што рекол Хераклит: „сѐ тече, сѐ се менува“, PANTA REI. Сигурно е дека, за работите сериозно да се раздвижат, ќе станат насушни и професионалците вешти во некои сосема нови области, како што е е-трговијата; продавниците полека ќе ги затвораат своите врати, на пазарот ќе му се наметнат — како сериозни конкуренти — многу млади и сосема нови имиња за кои до сега не сме слушнале, а сега, преку онлајн платформите, ја имаат можноста да го пласираат својот дизајн. Веќе ништо нема да биде исто. Луѓето ќе сфатат дека најбитните професии се оние што се занимаваат со благосостојбата на човекот и неговите есенцијални потреби. Облеката е една од тие потреби, иако не е толку важна како здравјето.

Дури и гала-настаните и црвените килими ќе станат виртуелни. Дали без публика дизајнерите и ѕвездите ќе изгубат од славата или сепак очекувате враќање во нормала?

 -Прашањето е што ќе се наметне како нормално. И колку, досега, дел од тие настани и манифестации воопшто беа нормални. Впрочем, најбитните гламурозни настани ние и досега ги следевме виртуелно: Оскарите или Мет гала-вечерта. Прашањето е дали — во иднината и во тоа „ново нормално“ што ни следи — тие ќе можат да се одржуваат „нормално“, од многу причини, не само поради големиот број на учесниците.

Истото прашање си го поставувам и за мојата голема љубов: театарот, посебно балетот. Театарот е нешто што духовно го воздигнува не само секој гледач, туку — ќе речам — цел народ. Како и во која форма ќе може тоа да го прави и во таканареченото „ново нормално“ што ни доаѓа? Веќе подолго време, светските театарски компании интензивно ги анализираат овие компликувани феномени, свесни дека се на чекор-два до реалниот колапс. Можеме ли животот да го замислиме без уметноста, без творештвото, без духовната надградба која ни е насушна?

Фото: Дарко Мораитов

Како карантинот се одрази на Вас како човек и како креативец?

 -Искрено, јас сум вечен оптимист и во ниеден момент не дозволив ситуацијата да влијае врз мене. Постојано нешто работев: изработив околу 200 маски кои ги подарував и сите им ги раздадов на луѓето. Тргнав тоа да го правам затоа што, во еден момент, збеснав поради морбидната алчност по профитот: маските се продаваа и по 600 денари! Десет евра! Без усул и без срам! Мојот бес го престорив во акција: од природните материјали што ги имав дома и ги докупив, сошив трајни, перливи, лесно одржливи маски и — ги раздадов. Потоа решив ова време-невреме да го исполнам со создавање нова колекција: функционална, перлива, лесно одржлива, оптимистична. Никогаш не им подлегнав на летаргијата и депресијата. Ниту, пак, знам што се, ниту како се манифестираат. Ќе повторам: не е лесно туку-така да се затвори човек како мене, кој во изминативе осум месеци ја помина речиси цела Европа, аеродромите и хотелите му беа втор дом, а театарските ателјеа и сцени катадневното „бојно поле“. Не е лесно еден уметник да престане да твори, целосно да запре, и тоа две недели пред премиерата на две претстави: Жизел во НОБ и Си беше еднаш во Театар „Комедија“. Не е лесно, како слободен уметник, преку ноќ да останеш без никаков приход. Не е лесно да лансираш колекција во време кога луѓето околу тебе заболуваат и умираат. Но, чувството е прекрасно кога можеш да дадеш, да помогнеш и да се бориш за подобро утре.

Дизајнерската работа е бајаги суетна. Дали по три децении работа сте доволно „големи“ да си ги признаете грешките, доволно паметен да учите од нив и доволно силен да ги исправите истите?

-Човек греши и учи додека е жив. Никој не ги знае најтаинствените тајни на овој свет. Затоа и животот е прекрасен! Овој проект настанува на мои 47 години, во полна зрелост, кога сум ослободен од сите суети и стравови, по долга пауза од модата. Ама, како што велат моите пријатели: на моторот само требаше да му се дотури масло. Среќен сум затоа што, со овој проект, пак се соочувам со нови и поинакви предизвици, нови непознаници и нови лекции за учење. А најсреќен сум затоа што повторно учам. Мојата работа надвор од Македонија ме научи да ги согледам и да ги исправам досегашните грешки. Токму затоа, во моментов сум спремен моето искуство паралелно да го споделувам со помладите генерации. Во моментов барам асистенти и помошници кои, мислам, ќе имаат многу да научат. Така настанува традицијата, така се гради иднината. Секое прескокнување на одредена фаза во работата значи најмалку три чекори наназад. Или, како што велеа моите родители кои се најзаслужни за она што сум јас денес: најпаметен е оној што може да научи од туѓите грешки.

Фото: Дарко Мораитов

Дали ги тестирате сопствените креативни лимити?

 -Секогаш. Во секој проект. Малкумина знаат за мојата работа надвор, бидејќи овде сме затворени на еден мал простор, делумно изолирани од светот. За жал, многу малку се оние новинари што ја следат работата на нашите уметници низ светот. Поинтересни се секојдневните политички хајки и локалните чаршиски озборувања отколку успехот на една мала група вистински македонски амбасадори творци, кои за реномето на нашата држава придонесуваат многу повеќе отколку самите политичари на кои, како секогаш и секаде, однапред им е судено да потонат во обливионот на историјата.

Но, зборувавме за креативните лимити кои, во изминативе 15 години, работејќи во држави и институции што веруваат во мене и тоа ми го овозможуваат, јас одново и одново ги тестирам со секој проект. И секогаш се трудам тој систем да го имплементирам и да го наметнам тука. Наидувам на секакви коментари, но не им се плашам, ниту им подлегнувам. Мојата реплика гласи: како ќе станеме поразвиени ако тука не ги пренесуваме нашите меѓународни искуства и ако не се трудиме истите да се применат, наспроти сопките на нашиот неразвиен и загаден општествен систем?

Кој проект досега Ви бил најтежок, а кој според вас, ја обележа Вашата кариера?

 -Мојата кариера овде или надвор? Хахахаха. Мала шега, но навистина се работи за различни репери и различни проекти. Ќе кажам дури — различни кариери! Во Македонија сум познат по костимите за нашите претставници за Евровизија: ХХЛ (2000), Каролина (2002), Тоше (2004) и Тамара (2019). Многу коментари, многу пофалби, многу критики, но и инспирација цели генерации да почнат да се занимаваат со моден дизајн. Многумина од нив беа мои студенти, денес веќе се модни дизајнери и костимографи. Ја креирав и гардиската униформа која, за жал, постојано е во вителот на политичките препукувања на партиите и е дел од дневнополитичките кампањи. А ретко кој се занимавал со нејзината анализа, симболика и значење. Или ретко кој го прочитал мојот елаборат, анализа и детално објаснување на нејзината семиотика и семантика.

Моите најдобри и воедно најтешки проекти — тие кои ја одбележаа мојата кариера — се надворешни, реализирани во големи и познати театарски куќи: Лебедово езеро и Оревокршачка во Операта во Лајпциг; Атмосфери во Балетот на Рајна во Дизелдорф; Калигула во Сент Гален, Швајцарија; големиот број балетски претстави во ХНК — Сплит и ХНК — Риека; Песни без зборови — дел од балетниот триптих во ХНК — Загреб, каде што моите костими се рамо до рамо до оние на Версаче… И така натаму.

Па сега вие одлучете што би можело да биде мојот најголем успех!

Фото: Дарко Мораитов

Вие сте човек кој е вљубен во облеката и секоја професија која ја третира оваа област е и Ваш предизвик. Дали ќе продолжите и со костимографијата?

 -Се разбира! Тоа е мојата љубов и вечна инспирација, никогаш нема да престанам да се занимавам со неа. Костимографијата бара и малку поинакви познавања на многуте нешта, бара широк ум, поголемо истражување, образование и интелигенција. Костимографијата се смета за самиот врв во креирањето на облеката: не е случајно што многу познати модни имиња сакаат и се радуваат на работата во театарот, посебно во балетот, кој е најдиректно поврзан со комоцијата и убавината на човечкото тело, но во движење. Поточно: со тело во „максималното“ движење.

Феноменот на облекување и задоволување на одредени естетски, практични социолошки и актуелни потреби на човекот преку облеката во разни сегменти е Ваша пасија. Кои трендови според Вас, никогаш не излегуваат од мода, а кои имаа најкраток век на живеење?

 -Ова прашање ќе го почнам и ќе го завршам со изјавата на најголемиот меѓу најголемите во модата, мојот омилен дизајнер односно кутуриер, Кристобал Баленсијага. Во 1968 година, на прашањето зошто ја затвора својата модна куќа — и тоа во екот на успехот — тој кажал: Затоа што измислив сѐ што можеше да се измисли во модата!

Тоа значи дека, од 70-тите години на минатиот век, па наваму, модата е всушност само реплицирање на сето она што дотогаш било измислено и претставувало техничка иновација. Потоа следело само поинакво комбинирање на парчиња и бои, она што денес сите го нарекуваат стајлинг. Стајлингот, денес, модата ја прилагодува кон современото живеење и моменталната потреба на луѓето. И тој е минлив. Додека класиката, едноставноста, квалитетот и елеганцијата никогаш не излегуваат од мода. Тие се вечни.

Во каква облека Вие се чувствувате најпријатно?

-Широка, едноставна, комотна, иновативна, квалитетна и по достапна цена. Онаква каква што е и оваа колекција НОШПАЛ МИТРА LIMITED EDITION.