Не го чепкајте МКЦ


Румена Бужаровска

Деновиве е актуелно отвореното писмо кон премиерот Зоран Заев во врска со менувањето на раководството на Младинскиот културен центар. Колку за вовед, писмото го потпишаа 251 македонски културен работник, а доби и масовна поддршка на социјалните мрежи од пошироката културна јавност. Ова не е првпат културната сцена да реагира на најавена промена на ова раководство. Уште пред претседателските избори никна хаштагот #НеГоЧепкајтеМКЦ. Научени и напатени од ноќните и/или летни игри на претходната влада, очекувавме дека и сегашната влада ќе чека бранот да стивне, ќе чека одмори и глува доба за да го протне својот кандидат. Оттаму и оваа жестока реакција на културните работници и публика на МКЦ: ниеден од нас не е подготвен да го изгуби и последниот бедем на вистинската, жива културна сцена која толку отворено, толку посветено и толку добро функционира со сегашното раководство.

Секој сериозен човек, секој професионалец, секој што е вистински запознаен со живото ткиво на македонската културна сцена која во Скопје вирее во МКЦ, а богами, секој човек со трошка логичко размислување, помеѓу 1) докажано квалификуван кандидат со долгогодишно работно искуство во полето на менаџирањето на културна институција и 2) кандидат кој нема искуство во полето, но има допирна точка со културата затоа што е рок-музичар, при што не ја познава и не доаѓа на настани во институцијата за која се кандидира како директор – би го избрал кандидатот број 1 (во нашиот случај, тоа е Русе Арсов).

Но, види ти, се појавија извесни аргументирачи кои тврдеа дека на кандидатот број 2 (Бени Шаќири) требало да му се даде шанса. Па промената можела да годи (иако Русе Арсов е в.д. директор само две години). Дајте му на новиов човек да се испроба, можеби ќе бил добар! (Истиве работи ги слушавме и за кобниот по културата сега поранешен министер за култура, како ли се викаше, анонимусот Адеми, а и секојпат кога Владата ќе постави некој неспособен по партиска заслуга). Пријателите на некадарниот кандидат често ги користат овие храбри фрази. Деновиве дури и еден бивш антирежимски борец (се римува со Бричковски) смело го изјави следново: „Може да се случи промените да тргнат и на лошо, но тој ризик не смее сам по себе да ја суспендира идејата за промени“. Навистина? Тогаш изложете се на промена кога одите на лекар. Изложете се на некадарен хирург на кој треба да му дадете шанса, да внесете свежа промена во системот. Ајде, нешто помалку опасно: однесете го автомобилот кај неискусен механичар! Ни тоа не сакате, нели? Ама кога е во прашање МКЦ, кога е во прашање културата – ајде да експериментираме со непрофесионалци.

Од каде е оваа дрскост, оваа бесрамност да се застанува зад вакви нелогични, навредливи за интелигенцијата ставови? Од каде му дрскоста и на Бени Шаќири да се кандидира за место за кое не е кадарен? Од каде му е самодовербата да не се повлече по масовната поддршка од културната сцена за неговиот противкандидат?

Дрскоста е научена: се работи за долгогодишното царување на политичката сцена на средовечни или во поодминати години македонски мажи кои во кафеана си решаваат кој каква институција ќе води, кој другар каде ќе го стават по заслуга, при што никој не смее да им писне. Толку е огромна нивната незаслужена самодоверба, толку е епска нивната цепачка ароганција, што се подготвени да ги бранат своите далекосежно штетни политики по секоја цена. За нив, државата е шаховска табла: еве ова пионче ќе го сместиме овде, оти ме има брането.

Ќе ги видите пиончињата на ваквите самоуверени арогантни властодршци како ја бранат катастрофалната културна политика на власта деновиве фаќајќи се за ситници: па зошто не сме го упатиле писмото до Шилегов, туку до Заев? Ај погодете зошто. Дали, со сета институционална меморија што ја имаме, дали со сета клановска сила што партиите ја имаат вие навистина верувате во принципиелност и во процедури? Верувате дека одлуката за тоа кој ќе биде директор е само на градоначалникот или, пак, мислите дека доаѓа од партијата? Искрено, мене ми е веќе здодеано од тоа да ме прават будала. А не само мене, очигледно.

Сегашната власт се истакнала и се истакнува со паушалниот и несериозен начин на кој се однесува со културата. Тие се просто, некултурни. Некултурни беа и овие од претходната власт, но тие барем сфаќаа дека културата е моќно оружје, и толку го употребуваа што го злоупотребија. Исто така, сегашната власт жестоко ја потценува културната сцена. Забораваат дека неа ја сочинуваат најгласните и најистакнатите индивидуалци во ова општество. Но ова сме го зборувале, и не нè слушаат: Министерството за култура е во распад, културните институции се закочени и во комплетен хаос. Единствено функционира МКЦ: и како некоја библиска чума, ете одат и него да го уништат.