НБМ ја намали основната каматна стапка на 1,75 отсто што ќе овозможи поевтини кредити


Фото: Б. Грданоски

Мерката треба да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките

 

Народната банка на Македонија ја намали основната каматна стапка за 0,25 процентни поени на нивото од 1,75 отсто. Оваа одлука е донесена на денешната вонредна електронска седница на Комитетот за оперативна монетарна политика, соопшти НБМ.

„Ова е второ намалување на каматната стапка оваа година, по намалувањето во јануари кога во услови на високи девизни резерви и ниски инфлациски движења, а при присутни глобални ризици, вклучително и од ширењето на вирусната инфекција ковид-19 (корона вирус), ја олабавивме монетарната политика“, се вели во соопштението.

Мерката треба да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките. Со тоа, како што се нагласува, ќе се овозможи одржување на кредитниот циклус и ублажување на ефектите од негативниот шок врз домашната економија, особено врз ликвидноста на корпоративниот сектор, иако ликвидносниот потенцијал со кој располагаат банките е висок.

Од НБМ додаваат дека потребата од одржување вонредна седница произлезе од брзото ширење на вирусната инфекција ковид-19 во глобални рамки, со што се продлабочија ризиците и во домашната економија.

Народната банка разгледува и дополнителни мерки за поддршка на економијата, во вакви околности кога таа е погодена од неекономски и неочекуван негативен шок. Овие мерки се однесуваат на евентуални промени што ќе ги стимулираат банките да ги поддржат најпогодените сектори во економијата, а преку целна промена на дел од монетарните инструменти и преку промени во регулаторните барања.

Од НБМ исто така нагласуваат дека засега тековите во македонската економија се стабилни, и дека банката е доследна на успешното спроведување на своите цели: одржување стабилни цени, стабилен девизен курс и одржување на финансиската стабилност.

„Нивото на девизните резерви е комфорно и сосема е адекватно за да може соодветно да се реагира, доколку евентуално дојде до поголемо остварување на ризиците и потреба за апсорпција на ефектите. Банкарскиот систем на нашата земја е отпорен на потенцијалните шокови, меѓу кои се и можните ефекти врз економијата од ширењето на вирусот ковид-19 на глобално ниво. Домашниот банкарски систем е здрав, солвентен и ликвиден и е во подобра состојба од периодот на почетокот на глобалната финансиска криза во 2008 година“, се вели во соопштението.

Според централната банка ризиците за глобалната и домашната економија предизвикани од појавата на новата вирусна инфекција ковид-19 се изразени.

„Првичните очекувања дека оваа појава ќе биде локализирана на територијата на Кина се покажаа како неосновани, а ризикот дека нејзиното времетраење, силината и географската распространетост ќе бидат големи се оствари во многу кус период“, констатира НБМ при што се додава дека големината на вкупните негативни економски ефекти тешко може да се одреди поради неизвесноста околу времетраењето и силината на вирусната инфекција.

„Иако тековниот шок е од неекономска природа и најверојатно нема да го загрози долгорочниот потенцијал за раст и макроекономските основи на економиите на трајна основа, неговите ефекти на краток рок врз глобалната економија најверојатно ќе бидат изразени и ќе се одразат како големо забавување или намалување на глобалната економска активност“, се вели во соопштението од седницата.

Европската централна банка ги објави своите мартовски проекции за еврозоната, како наш клучен трговски партнер. Овие проекции не ги опфаќаат во целост најновите ефекти од ковид-19 врз глобалната активност и трговијата и предвидуваат раст на еврозоната од 0,8% во 2020 година. Сепак, нивните сценарија за ефектите од ковид-19 врз еврозоната, коишто претпоставуваат присуство на пандемијата до крајот на првата половина од оваа година, упатуваат на можна помала активност во однос на ова сценарио во интервал од 0,6 до 1,4 процентни поени. Притоа, ЕЦБ нагласува дека овие сценарија не претпоставуваат монетарна или фискална реакција, која, доколку се преземе, значително би ги ублажила негативните ефекти.