Наместо мед и млеко партиите ќе треба да понудат решенија за излез од рецесија


Колку недостигот на пари ќе ги смени приоритетите и стојалиштето на политичарите: Зоран Заев и Христијан Мицкоски

Политичките партии ќе мора да ги фрлат нивните економски програми и да напишат нови од почеток, вели аналитичарот Петар Арсовски

Мирче Јовановски

Да не беше корона кризата, ветувањата за повиски плати и пензии, за нови работни места, за повисок стандард… од денес ќе станеа обврска за победникот на предвремените парламентарни избори што беа закажани за денот што е веќе зад нас, 12 април. Но, светот и Македонија не се ни оддалеку исти како пред нешто повеќе од еден месец, кога партиските машинерии се загреваа за изборната кампања и откриваа делови од нивните економски програми.

Од една страна беа ветувањата на СДСМ за минимална плата од 300 евра и просечна плата од 600 евра до крајот на мандатот, пораст на пензиите за 21 отсто, и минимална пензија од 10.700 денари, поголема социјална, детски додаток за 65.000 деца, бесплатна „зелена нафта“ за земјоделците

Од спротивната страна, ВМРО-ДПМНЕ ветуваше поголеми плати најмалку за 25 отсто во наредните четири години и на пензиите најмалку за 20 отсто, економски раст од 4 отсто годишно, враќање на рамниот данок и негово намалување на 8 отсто, нула проценти данок на млади лица до 29 години, сведување на невработеноста под 10 отсто, 4 милијарди евра домашни и странски инвестиции за еден мандат…

Беа познати и насловите на кампањите: „На прав пат“ и „Обнова“.

Партиите прво ќе мора да се фокусираат на санирање на последиците од кризата врз економијата, а дури потоа евентуално на развој: Петар Арсовски

Пандемијата со корона вирусот го стори своето, државите се под клуч, а економиите се на колена. Јасно е дека програмите со кои „истрчаа“ партиите и во кои се ветуваше мед и млеко, веќе не важат. За изборите, кога и да се одржат, ќе треба да понудат пред се решенија за излез од рецесијата.

„Секако ќе мора целосно да ги реобмислат нивните економски програми. Прво ќе мора да се фокусираат на санирање на последиците од кризата врз економијата, а дури потоа евентуално на развој“, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

За сега никој со сигурност не може да прогнозира колку долго ќе трае кризата, од што ќе зависи и колкави ќе бидат штетите врз националните стопанства. Постојат различни претпоставки, од тоа дека кризата на економски план ќе трае во наредните 18 месеци, до тоа дека економијата релативно брзо ќе се врати на претходното ниво на потрошувачка.

„По природа сум песимист, па повеќе им верувам на лошите прогнози, така што партиите ќе мора да ги фрлат нивните економски програми и да напишат нови од почеток“, вели Арсовски. Во нив, тие би требало да се фокусираат на предлози кои ќе овозможат стабилизирање и санирање на состојбата, како и мерки со кои ќе се поттикне потрошувачката бидејќи нема друг начин да се покрене мултипликацискиот фактор во економијата.

„И сето тоа под претпоставка дека корона вирусот нема да стане сезонски феномен“, вели Арсовски.

Никому од претставниците на двете партии сега не му паѓа на памет да ги спомнува ветувањата што не се симнуваа од секојдневните партиски настапи. Тежиштето сега е поместено кон акутните проблеми – здравствената криза и последиците врз економијата кои се закануваат со затворање на компании и со губење на работни места.

Од една страна се мерките кои ги предлага Владата за бескаматни кредити до 30 илјади евра за микро, мали и средни фирми од најпогодените стопански гранки (угостителство, хотелиерство и транспорт), како и поддршка од 14.500 денари за исплата на плати за април и мај, во погодените компании, со цел колку што е можно да се задржат и компаниите и работните места.

Средствата за гасење на пожарот се оскудни – приходите во Буџетот драматично се намалуваат, па спас се бара во надворешни позајмици и во непопуларни мерки како што беше предлогот за намалување платите на администрацијата, а се размислува и за зголемување на акцизата на нафтените деривати …

На официјалната интернет страница на ВМРО-ДПМНЕ се уште се врти банерот со делови од изборната кампања за предвремените парламентарни избори со познатите популистички ветувања

Од друга страна, опозицијата секојдневно притиска со предлози за поголема и подолготрајна помош, приклонувајќи се на бранот на зголемени очекувања на јавноста дека државата треба да се погрижи за се, без да се земе во предвид „должината на чергата“.

И додека на официјалната интернет страница на ВМРО-ДПМНЕ се уште се врти банерот со делови од изборната кампања за предвремените парламентарни избори со познатите ветувања од кои некои сега звучат како научна фаантастика со оглед на состојбата во земјата, партијата нуди сосема поинакви решенија. Како на пример, префрлање на парите од Вториот во Првиот пензиски столб (што потоа беше преиначено во предлог за времено уплаќање на придонесот), или пак за искористување на средствата кои банките ги имаат во вид на благајнички записи во Народната банка и нивно пренасочување кон државните записи на Министерството за финансии…

Работата е што во економијата мерките секогаш имаат ефект на сврзани садови. Тоа најдобро се виде по некои уредби што ги донесе Владата со кои се ограничи одржувањето на акционерските собранија на трговските друштва и трансферот на дивиденда на компаниите со странски капитал. Како резултат на ова, на Македонската берза дојде до потоп на цените на акциите на водечките домашни компании кои утре веројатно ќе треба да ја предводат економската обнова. Некои од акционерите претрпеа сериозни финансиски загуби. Можеби тоа поттикна еден познат економист да прокоментира на социјалните мрежи дека „и патот до пеколот е поплочен со најдобри намери“.

Дали партиите можат да задржат нешто од економските програми кои важеа до пред еден месец? Веројатно да, велат аналитичарите. Како на пример инфраструктурните проекти кои можат да придонесат за позитивни стапки на домашниот бруто-производ.

„Се согласувам дека делот што се однесува на инфраструктура треба да биде во фокусот. И дека треба да се стимулира потрошувачката. Но, прашање е колку ќе биде можно да се форсираат инфраструктурните проекти во ситуација кога не работат половина од фирмите од секундарните и терциерните дејности кои ги опслужуваат големите компании кои се ангажирани на таквите проекти“, вели Арсовски. „Стимулирање на инфраструктурна потрошувачка апсолутно е паметно и не е фрлање пари во ветар, под услов мултипликацискиот фактор да биде што е можно поголем“, вели тој.

Популизмот, за жал, стана движечка сила во дејствувањето на партиите и во водењето на државата. Тоа се гледа не само по економските програми, туку и по изјавите во изминатиот месец-два кај некои од политичарите, иако состојбата налага сосема поинакво однесување. Прашање е колку недостигот на пари ќе ги смени приоритетите и стојалиштето на политичарите?

„Не само што ќе нема пари, мислам дека популизмот ќе стане демоде после оваа криза. Мислам дека кризата ќе направи професионалците и вистинските експерти повторно да се вратат во мода. Сега не бараш доктор кој е близок со некого, туку бараш најелитен доктор, не бараш хомеопатија, туку викаш дај антибиотик… Ајде сега да видам некој антиваксер, принципелно да се побуни дека не сака да се вакцинира од корона“, вели Арсовски и додаава дека вистинската експертиза ќе се врати во мода, вклучително и во политичкото дејствување.

„Како што образованите луѓе ќе се вратат во мода, така популизмот ќе стане непопуларен. Истото важи и за лажните вести. Така што, не е само што ќе нема пари, туку нема добро да поминуваат ниту тие“, вели Арсовски.