Намалете ги платите, така ќе се намали администрацијата


ГОРАН АДАМОВСКИ

Нема земја од поранешните ју-простори што не се соочува со проблемот на гломазна и нефункционална јавна администрација. Секако, ова не е само балкански феномен, туку и многу други нетранзициски држави не знаат што да прават со својата јавна управа, па креираат реформи што не даваат посебен ефект.

Но, во нашиот регион, работењето во јавната администрација е желба на секое дете, уште повеќе на неговите родители, па се поставува прашањето зошто е тоа така?

Економистите се единствени: затоа што работите во целото окружување се поставени наопаку. Во капитализмот е нормално платите во приватниот сектор да бидат во просек повисоки од оние во јавниот сектор. Тоа ги мотивира најстручните кадри да одат во приватниот сектор во кој се остварува економски и општествен напредок. Што поразвиен приватен сектор – толку посилно стопанство. Што посилно стопанство, толку подобар животен стандард на граѓаните, повисоки пензии, поголема конкурентност на економијата на глобален план.

Но, штом најдобрите кадри во земјата ќе одат во јавниот сектор, тоа значи оти во приватниот остануваат оние што не се најдобри и најконкурентни, економијата почнува да слабее поради послабиот квалитет на работната сила, државата е принудена хроничниот проблем на буџетски дефицит да го решава со нови задолжувања и зголемување на даноците на и онака слабата стопанска активност.

Од друга страна, зголемениот број вработени во јавниот сектор значи дека тие стануваат доминантен општествен фактор поради неговата релативна финансиска сигурност. На тој начин, јавната администрација станува значаен политички фактор од кој зависи донесувањето на битните одлуки од економската политика. Природно, политичката номенклатура ѝ излегува во пресрет на јавната администрација, ѝ дава привилегии, бидејќи на тој начин ги добива изборите и никој не се грижи што тоа е долгорочно неодржливо и води во состојба на колапс со непредвидливи последици.

Извонредната анализа на Дејан Вуковиќ го наметнува прашањето дали е воопшто возможно да се има квалитетна и евтина администрација? Притоа, да не се зема предвид естонскиот пример, каде што малата балтичка држава со 1.4 милиони жители има само 140 вработени во јавната администрација, благодарение на воведувањето електронска управа. Таму дури и на избори се гласа електронски.

Ако се согласиме дека таквиот модел за нас е од и за некое друго време, останува да се свртиме кон други мерки. Непопуларни и груби мерки.

Тоа, пред сѐ, значи дестимулирање на работата во јавната администрација. Доколку законски се ограничи висината на просечната плата, на пример да изнесува до 60-70 отсто од онаа во приватниот сектор за истите работни задачи и истата стручна подготовка, можеби ќе се натераат квалитетните кадри да се собираат околу креативните економски сектори, а не во јавниот каде што во суштина се работи малку или ништо. Иако, ако се размисли, на многумина би им било покомотно да земаат по 16.000 денари сигурни пари во администрација отколку неизвесни 19-20.000 приватно.

Сѐ додека не се кажат работите со вистинско име, ќе се вртиме од шупливо во празно. Па, ќе наоѓаме разно-разни решенија, кои ниту изгледаат логично ниту ќе завршат работа.

Нешто мора да се менува, тоа секому му е јасно, оти ако продолжиме вака – за некое време ќе имаме и 200.000 административци во земја во која моментално живеат околу 1.5 милиони граѓани.

Но, кој ќе се нафати на вистинско решавање на проблемот? Владата? Сега пред избори? Или опозицијата ако дојде на власт? Па, во нејзините редови има групации што крваво работат да дојдат на чело на државата токму за тие да можат да се вработат во државни јасли.

Чаре? Ќе тераме вака додека тераме. Кога ќе дојде до целосен колапс на системот, ќе смислиме нешто. Или и за ова ќе го чекаме Брисел.