Најбогатиот Чех, милијардерот Петр Келнер, загина во хеликоптерска несреќа во Алјаска


Богатството на Петр Келнер, бизнисмен и финансиер, изнесуваше 17,5 милијарди долари

Петр Келнер, најбогатиот човек во Чешка, е еден од петемина загинати кога нивниот хеликоптер се урна на патување на скијање во Алјаска.

Овој 56-годишник беше меѓу патниците и пилотот кој загина во саботата во несреќата кај глечерот Кник североисточно од најголемиот град Енкориџ. Еден преживеан е пренесен во болница.

Келнер избегнуваше внимание од јавноста, но се знаеше дека е посветен скијач. Слика за него на сноуборд е објавена во годишниот извештај на неговата инвестициска група ППФ.

Во изјавата компанијата изрази „најдлабока тага“ за смртта на нејзиниот основач. Зад него останаа сопругата Рената и четири деца.

Келнер беше голема бизнис фигура од чешката посткомунистичка ера, а неговото богатство, според „Форбс“, изнесуваше 17,5 милијарди долари. Тој започна со продажба на машини за фотокопирање кога земјата се отвори по Кадифената револуција во 1989 година.

Тој ја востанови ППФ со партнери за да учествува во приватизацијата на земјата на стотици државни компании. Групата се прошири во финансиите, телекомуникациите, производството, медиуми и биотехника, собирајќи имот од 44 милијарди евра до средината на 2020 година.

ППФ е главен сопственик на група фирми за телекомуникации во централна и источна Европа, вклучително и О2 Чешка. Исто така, тој е сопственик на Home Credit, ран учесник на кинескиот пазар на потрошувачки заеми, кој започна да позајмува таму како прва фирма во странска сопственост во 2010 година. Чешкиот претседател, Милош Земан, бараше топли односи со Кина, а Келнер учествуваше во средба на Земан со кинескиот претседател, Ши Џинпинг во Кина 2014 година.

„Претседателот го ценеше Петр Келнер за неговиот деловен успех и неизмерно жали за неговата трагична смрт“, рече портпаролот на Земан. (Ројтерс)