На небеските проблеми им треба тврдо приземјување


АНИТА САЛТИРОВСКА

Штетата е направена. Сомнежот во безбедноста на летање од македонските аеродроми е посеан. Ако некој мисли дека граѓаните пред да купат авионски билет ќе се задлабочат во истражување кој е во право од оние што изнакажаа сè и сешто за случувањата во М-НАВ, се лаже. „Леонардо“, паѓање на радарска слика, авиони на недозволено мала оддалеченост, проблематизирање на слетувањето на папата, затворена седница на Влада… каква небеска збрка од настани сервирани во неколку дена. И како капак, авион на „Туркиш ерлајнс“ не слетува на скопскиот аеродром – и добивате унисона реакција дека авионот се вратил во Истанбул зашто контролорите не можеле да го слетаат.

Туристичките агенции навестуваат курс на заобиколување на летовите од Скопје и купување авиобилети за летови од Приштина, Софија, Белград…

По линија на помал отпор (за нешто повеќе ќе треба да кажат надлежните инстанци), властите со години не обрнуваат внимание што пишуваат новинарите за М-НАВ. Почнувајќи од непотизам, преку менување на систематизации по потреба, трошење пари за сè само не за опрема, до милионски износи за отштети кон вработени, кои биле тужени од менаџерите затоа што не им биле по ќеф. Ова, и бегло погледнато, не е атмосфера за работа никаде. Особено не кај провајдер на навигациски услуги, некој што треба да гарантира мирно пловење по македонското небо. Небо чија безбедност се гарантира со добра опрема, обучени контролори и систем на работа според регулатива на ЕУ. Ако во М-НАВ немало капитална инвестиција 12 години и само еден оглас за контролори (последниот) е направен по европски образец, а другите вработувања се „по мама, по тате“, тогаш единствен лек е „тврдо“ приземјување.

Почнувајќи од врвот. Може првиот менаџер на некоја институција и да е најдобар, ама ако му се лепи непотизам, тоа е цело време мастика за јавно развлекување. Да, Македонија е мала држава и секој е некому од власта роднина. Сепак, во М-НАВ има стотина контролори на летање. Не е изборот меѓу два-тројца. И не може сегашната власт да смета дека да си татко на министер е проблематично, а не е да си зет за сестра на министерка.

Владата веќе детектирала дека треба да побара помош од европските воздухопловни власти за да направат инспекција на сите сегменти од работењето и поставеноста на М-НАВ. И тоа е добро. Ама треба да се знае дека во декември лани имаше контрола од Европската агенција за безбедност во воздухопловството (ЕАСА), која откри „неусогласености, пропусти и критични ситуации во исполнетост на условите на давање услуги на воздухопловна навигација“, по што биле дадени „задолженија да се преземат итни мерки“. Потоа од Агенцијата за цивилно воздухопловство како регулатор имаше најави за остра реакција кон провајдерот. А коментарот од М-НАВ беше – ќе си замине сегашниот директор на АЦВ, ќе дојде „нашиот“ и ништо од заканите.

Не помалку важна приземјувачка етапа е ставањето ред во вработувањата. Сега, кога и ЕУ е алармирана, не смее да се случи уште еднаш „вработување на одложено“, што ќе се реализира откако ќе заврши забраната за такво вработување! Или да има јавувања за да има уште еден оглас за да помине внучето. Да, плата од 100.000 денари на прво вработување е добра сума, ама е голем и политичкиот цех што потоа демне и не знаеш дали ќе удри.

И уште нешто кога сме кај политичкиот цех. Никој не им ветил на владините првенци дека нема да им пушта снимени разговори. Ниту пак им кажал дека малку ќе ги боли. И затоа нека не реагираат како мали деца. Новинарите известувале сензационалистички! И што – ќе ги замолчите со закана за тужби? А да пробавте со недавање материјали за сензационализам! И со понизок праг на толеранција кога политичарите ќе закашкаат. Оти оставката на Павле Богоевски сега се смета за чин на доблест. Одмерувањето на политичката штета или ќар од оставката е тешка математика. Ама станува едноставно пресметливо кога работата е стигната дотаму да се мери со бројот на некупени карти за летање од скопскиот аеродром.