На Балканот нeшто ново?


НАНО РУЖИН

Во општата анти-Заев хистерија, голем е бројот на разните „експерти“, толкувачи на соништа, политички клеопатри и од лево и од десно кои упорно настојуваат да докажат дека токму тој е најголемиот виновник за сè што ни се случува дома и надвор. Веројатно ниту најамбициозните десничари не сонуваа дека дел од некогашното антигруевско братство во името на некаква хипотетична добронамерна критика ќе манифестира толкав мортификантен порив. Едноставно Заев е крив за сè. Крив е што е од Струмица. Крив е што беше храбар. Крив е што ја повлече Северна Македонија во НАТО. Крив е што како целиот нормален и научен свет докажува дека ние немаме никаква врска со Александар и Букефал. Крив е што е толерантен. Крив е што не е како неговиот претходник Груевски. Крив е што постои Боки 13. Дури е крив и што ЕУ сè уште ја држи Северна Македонија на пипета. Како да им се објасни на овие скептици дека во Европа владеат други правила. Дека политиката на блокирање се однесува и на другите држави-аспиранти од регионот кои исто така се закочени од страна на новиот лидер на ЕУ, претседателот Емануел Макрон. Дали Европа има право да е претпазлива и цинична кон Балканот?

Европејците на Балканот гледаат како на двојната глава на Јанус. Да почнеме од јаките страни: геополитичарите сметаат дека во блиска иднина Западен Балкан ќе игра значајна улога во политичката рамнотежа на целиот континент. Овој територијален Римланд останува стратешки простор каде што односот на силите и големите лоби интереси ќе вршат огромни влијанија и ќе ја дизајнираат регионалната рамнотежа. Во таквото стратешко имброглио веќе се вмрежени интересите на Русија, САД, Германија, Турција, Европската Унија и муслиманските држави. Секој од овие актери со својата акција оптира за порафинирана меѓународна легитимација. Колективниот ефект неизбежно се манифестира низ тивкиот ривалитет меѓу НАТО и Русија. Овој меѓународен расцеп директно е поврзан со позиционирањето на актерите во однос на проширувањето на НАТО. Потпирајќи се врз Србија, Русија го смета Балканот за зона на традиционално влијание каде што се соочува со англосаксонските и германските интереси. Москва одамна инвестира во енергијата, а кризата во Украина покажа дека знае успешно да го користи природниот гас како дипломатско оружје. За Брисел најзначајно беше да се оневозможи упадот на Русија и Турција на Балканот. Со приемот на Црна Гора и Северна Македонија во НАТО, таквото сценарио е делумно коригирано. Свесен за руско-српското пријателство Макрон, еден ден по одбележување на падот на Бастилја, оди во посета на Белград за да го истакне скептицизмот кон брзото проширување на ЕУ. Во еден емотивен набој Французинот на српски јазик ги евоцира традиционалното пријателство и економската соработка со Белград, занемарувајќи ги 1999 и Косово. Еден ден потоа пристигнуваат и првите покани на Хашкиот суд за непослушниот косовски премиер Рамуш Харадинај. Москва набљудува и молчи. Семантичките говори на ривалските страни се умерени, но никој од протагонистите не е дискретен кога се работи за нивните регионални амбиции. За Русија геополитиката е помешана со геоекономијата, независно дали се работи за некогашниот „Јужен тек“ или актуелниот „Турски тек“. Суштината е да се задржи реалната функција за анимирање на маржите на дипломатските преговори со државите од регионот. Во однос на позиционирањето на државите од регионот, проширувањето на НАТО и на ЕУ во Западен Балкан останува значаен геополитички предизвик. Влоговите на овој процес ги ставаат под знак прашање и внатрешните рамнотежи на шаховската табла на регионот. Последната новост за членството на Северна Македонија е добра вест за Брисел бидејќи Алијансата ја контролира линијата на конфронтација меѓу НАТО и Русија. Патем безбедносниот дијаграм на Западен Балкан ќе стане поефикасен во битката против тероризмот, контролата на миграторските бранови, економските и хуманитарните кризи, регионалната стабилност, неутрализирање на ефектите на Брегзит и слично. Како одговор на американските планови, Русија индиректно преку свои експерти ги актуализира прашањата за опасноста од Голема Албанија, хибридните војни, американскиот унилатерализам, геополитичката опасност за малите балкански држави

Опсесијата на Американците се лидерството и доминацијата, додека опсесијата на Русите се географијата и влијанието. Регионалниот адут на Балканот е географската позиција. Сместен помеѓу Западна и Централна Европа на северо-запад, „блиското руско странство“ и Турција на северо-исток, Балканот го заплискуваат Јадранското, Црното и Егејското Море. Регионот е крстопатна точка помеѓу Европа, Азија и Блискиот Исток. Западен Балкан е поволен геоенергетски простор за транзитирање на природниот гас и нафта од Исток, но и за кинескиот стратешки проект за Патот на свилата. Државите што произлегоа од поранешна Југославија немаат развиена економска структура и претставуваат идеални клиенти за геоекономските проекти и доминацијата на големите сили.

Политичките слабости, дефицитарната демократија и нестабилноста се измешани со корупцијата, организираниот криминал и нелегалната трговија. Сите држави на Западен Балкан го испробале или сè уште живеат со синдромот на „киднапирана држава“. Недозреаните политички елити, националистите, демагозите и автократите ја одбележаа блиската историја на Балканот. Таков беше случајот и со Северна Македонија за време на владеењето на кликата на Груевски. Криминалните мрежи ги надградија корупцијата и организираниот криминал. Власта на ВМРО-ДПМНЕ осмисли чудесно перпетуум мобиле да остане вечно на тронот. Опиената толпа во име на патриотизмот, слепо и дисциплинирано му веруваше на водач кој интелигентно си се засолни во Будимпешта. Од Унгарија преку Србија до останатиот Западен Балкан владееше популизмот. Во таквиот Балкан царуваа нелегалната трговија и шверцот со дрогата низ „балканската рута“ виа Турција, која достигна 40 отсто од извозот на авганистанскиот хероин наменет за Западна Европа. Српските и црногорските мрежи го усовршија шверцот со јужноамериканскиот кокаин и производството на синтетичка дрога. Албанските мрежи станаа неприкосновени во трговијата со марихуана. Утврдените коридори на шверцот успешно функционираат во двете насоки. Овие патишта служат за секој вид нелегални трговии и криминал: рекет, дрога, трговија со луѓе и човечки органи, проституција и сексуална трговија, цигари, ДВД, автомобилски делови, парфеми. Според податоците на Меѓународната организација за миграција, околу 120.000 жени и деца годишно се жртви на трговијата на Балканот. Од опишаните состојби резултираат корупцијата и организираниот криминал, црната економија и проблематичното владеење на правото. Криминалот според верижниот ефект е резултат на слабеењето на државата и vice versa. Синдикатите на криминалот и официјалните институции се во кохабитација и дискретна соработка. Институционалните и менталните структури на 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, и покрај обидите за поместување на фокусот во последниве две години, ја потврдија суптилната соработка во доменот на организираниот криминал. Криминалот ги ослаби институциите, ја блокира слободата на говор, ги корумпира медиумите, а аферите од локално до државно ниво за кои зборуваа сите, никој не смееше јавно да ги открие. Но, козјите уши на Трајан, пардон на Никола се опредметија низ бомбите на Заев.

Новата власт прогласи мораториум на сите кочници на слободата на говор. Но, дали не се постигна спротивниот ефект? Дали водата не ја прели вазната? Северна Македонија заживеа во еден експлозивен демократски амбиент каде што секој навредува секого. Психологијата на уличната толпа се пресели врз социјалните мрежи. Хејтерите диктираат, а медиумите еуфорично ги дифузираат лажните вести. Полувистинити информации се претставуваат како апсолутни вистини. Дали оваа медиумска еуфорија, која наликува на популократија, не ја загрозува демократијата? Секако, бидејќи лажната вест спаѓа во доменот на хибридните методи на дејствување. Доколку се дифузираат од надворешни центри, тоа се смета за хибриден напад. Да се разбереме, криминалот не врши селекција меѓу партиите. Има криминал и во редовите на актуелната власт, но организацијата со која се одликуваше криминалната рамка на претходната власт беше доведена до совршенство. Оваа матрица не им е непозната и на Брисел и на Берлин и на Париз. Колку ли далеку им изгледавме кога ги гледале насилните исфрлувања на пратениците во 2012 или раскрвавената глава на Заев во 2017? Потоа се случи Преспанскиот договор и се отворија вратите кон НАТО и ЕУ. Нема сомнение дека државата е поблиску до Европа, но треба да го разбереме и скептицизмот на Европејците кон регионот. Во очите на еврократите, со оглед на научените лекции од Романија и Бугарија, балканското досие го консумираат внимателно. Противречноста помеѓу продлабочувањето и проширувањето на Европа не е надмината. Балканизацијата продолжува!