„Мулен руж“ пак ги отвара вратите за публика

Познатото кабаре „Мулен Руж“ („Црвена ветерница“) во парискиот кварт Пигал, кое во октомври минатата година, под неразјаснети околности, остана без крилата на ветерницата на својот покрив и веднаш престана да работи, повторно ги отвори своето врати, на задоволство на бројните туристи и парижани.
-Кабарето „Мулен Руж“ без едра на својата ветерница е празен простор за Париз. Тоа беше многу тажно. Идејата беше да бидеме подготвени за Олимпијадата која започнува на 26 јули. Направивме се за да ги вратиме крилата на ветерницата на местото каде што стоеја толку долго, изјави Жан-Виктор Клерико, директорот на ова париско кабаре, кое секоја година привлекува околу 600.000 посетители.
За прв пат од октомври 2023 година, крилата на „Мулен Руж“ повторно беа подигнати, блескајќи под луксузно осветлување, со громогласен аплауз на голем број присутни и со задолжителниот шампањ. Пред повеќе од 500 гледачи, дваесет танчерки го изведоа спектакуларната кабаретска точка „Француски Кан-Кан“ од оперетата од 19 век на композиторот Жак Офенбах. Култното кабаре „Мулен Руж“ во октомври годинава ќе ја прослави својата 135-годишнина.
Мулен Руж, е една од најголемите туристички атракции во Париз. Името го добила по надградената црвена мелница на покривот.
Мулен Руж на многумина им е најпознат како родно место на модерната форма на кан-кан танцување. Тука настапуваа најпознатите париски ѕвезди од своето време, а многу од овие имиња станаа светски познати благодарение на постерот на Анри де Тулуз-Лотрек и неговите подоцнежни изданија.
Клубот е основан во 1889 година, а публиката за неговите танцови рутини е главно составена од туристички групи.