Москва тврди дека знае кој ја убил Дугина – тоа била Украинката Наталија Вовк

ФСБ тврди дека Вовк дошла во Москва на 23 јули, изнајмила стан во зградата на Дугина, отишла на фестивалот, ја активирала бомбата и побегнала во Естонија


Снимката на наводната атентаторка Наталија Вовк која кружи на интернет

 

Русија инсистира дека украинските сили стојат зад смртта на Дарја Дугина, која загина во саботата кога нејзиниот џип „тојата лендкрузер“ експлодира додека патувала во богатото предградие на Москва. Руската државна новинска агенција ТАСС вели дека зад нападот стои „државјанка на Украина, идентификувана како Наталија Вовк“, а руската шпионска служба, ФСБ, вели дека таа побегнала во Естонија. На интернет веќе кружи снимка од Наталија Вовк.

Руската разузнавачка агенција ФСБ, имено, ги објави резултатите од истрагата за атентатот во кој беше убиена Дугина.

„Утврдивме дека злосторството го подготвила и извршила украинската специјална служба. Сторителот е Наталија Павловна Вовк, украинска државјанка родена 1979 година, која дошла во Русија на 23 јули 2022 година со нејзината 12-годишна ќерка“, се вели во извештајот на ФСБ објавен во понеделникот.

Во извештајот се наведува дека Вовк изнајмила стан во истата зграда во која живеела Дугина за да собере информации за нејзиниот начин на живот. Сторителката возела „мини купер“ со кој влегла во Русија со регистерски таблички на Донецка Народна Република, додека во Русија користела казахстански и украински таблички при враќањето во Украина, објави рускиот медиум Спутник.

„На денот на атентатот, Вовк и нејзината 12-годишна ќерка присуствуваа на фестивалот за литература и музика ‘Традиција’, каде Дугина беше почесен гостин“, се наведува во извештајот на ФСБ.

„По извршената контролирана експлозија на бомба поставена под џипот управуван од Дугина, Вовк и нејзината ќерка ја напуштиле Русија преку регионот Псков и влегле во Естонија“, тврди ФСБ.

Дарја Дугина и татко ѝ Александар

Естонската полиција и граничарите во петокот рекоа дека можат да споделуваат информации за луѓе кои ја преминуваат границата на земјата „само во случаи пропишани со закон“, а не поради наводите на руската шпионска агенција во медиумите.

Портпаролката на естонската полиција и граничната стража Рагне Кеиск даде изјава за Си-Ен-Ен откако руската новинска агенција ТАСС објави дека руската служба за безбедност – ФСБ – тврди дека жената осомничена за убиството на Украинката Дарја Дугина побегнала во Естонија по нападот.

„Можеме да споделуваме информации за луѓе кои ја минуваат границата само во ситуации кои се пропишани со закон, а обвинувањата на руската служба не се една од нив“, рече Кеиск.

„Не добивме никаква официјална информација или барање од руските власти на оваа тема“, додаде таа.

Во понеделникот наутро, програмата „Времето ќе каже“ на руската државна телевизија и оддаде почит на Дарја, која таму беше редовен гостин. „Таа умре за идејата за ‘рускиот свет’“, изјави водителката Олесија Лосиева.

Еден гостин од студиото сугерираше дека одговорот ќе биде „свет гнев“, а програмата покажа фотографија од минофрлачки гранати, кои очигледно им припаѓаат на проруските сили во Украина, од кои на едната пишуваше „Ова е за Дарја!“

Ако убиството на Дугина имаше за цел да ја заплаши Русија, извикуваа неколку гости, „тоа ќе има спротивен ефект“.

Аналитичарот Екатерина Шулман вели дека изливот на гнев меѓу про-Кремљ коментаторите како одговор на нападот со автомобил-бомба изгледа сомнителен: „Реакцијата… беше моментална. Изгледа како да чекаа да се случи вакво нешто“.

Кој и да е одговорен, вели Шулман, убиството „можеби би можело да се искористи за да се зголеми одреден јавен бес во земјата за да се оправдаат уште поактивни репресивни дејствија од страна на државата“. (Според агенциите)