Моралноста: стомачна или доблесна величина


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Првично, во оваа колумна сакав да пишувам за прашањето на староста како општествена институција. Намерата ми беше гласно да размислам за тоа како доминантните општествени сили денес кај нас ги определуваат и третираат староста и стареењето. Приближувајќи се до крајот од шестата деценија, почнав да препознавам повеќе приватни, но и јавни поттици за ова! И во една претходна колумна ја начнав темата за стигматизацијата на староста и старите луѓе како последица на општествениот конфликт помеѓу младите и старите. Тогаш констатирав дека нашето општество, со својот однос кон старите, е во состојба на волчја глутница – земи од другиот, што можеш и колку можеш да му земеш – парите, угледот, жената или мажот па и живот, што да не!

Но, оваа тема ќе почека. Не за јас да подостарам и да потсоберам повеќе лични искуства во врска со тоа, туку затоа што предаторската, грабалистичка социјална филозофија која стои зад неа се шири во сите сфери на нашето живеење. Не само тоа. Таа, сè почесто, се промовира како посакувана и нормална формула за регулација на односите помеѓу луѓето. Се случува нејзино постепено институционализирање како нормален и морално препорачлив и прифатлив однос кон другите. Оваа социјална филозофија најлесно се препознава како виличење на стомакот и пошироко на личното задоволство како единствен извор на моралот и моралноста, а преку нив и на политиката. Таа се води од начелото дека јавните доблести произлегуваат од приватните страсти на единките и нивните настојувања да постигнат задоволство и да ги избегнат страдањата.

Според ова начело, добра политика не произлегува од јавно доблесни цели, туку е резултанта од егоистичките акции на мноштво единки. Така, на пример, донесувањето на Етичкиот кодекс за членовите на Владата, носители на јавни функции именувани од Владата и советници носители на извршни функции или претходно донесениот Етички кодекс за пратениците во Собранието (во 2018 година), не се носат заради чесно, законито и одговорно работење на носителите на јавни функции, туку поради ургентната потреба од спречување или барам намалување на ризичните ефекти од грабалистичкото однесување на значителен број јавни функционери. Тие не се носат затоа што иницијаторите и доносителите имаат доблест и, да речеме, висока етичка совест. Се носат за да им е напишано и да знаат што можат неказнето да зграбат додека вршат јавна функција.

Пратениците, членовите на Владата и сите други кои извршуваат јавни функции и функциички се произлезени, барем формално, од гласачките кутии. Но, досегашните искуства покажаа дека предизборно демонстрираната „чесност“ и заложба за јавниот интерес е само демагошка фарса со која се прикрива длабоко всадениот грабалистички морал на нашиот див капитализам. Тоа е морал заснован на стомакот, но не само од глад туку од убедување и од стрвност.

Не велам дека кај нас нема гладни и сиромашни. Има, и тоа многу. Сепак, сиромашните и гладните не се тие кои ги уредуваат работите во оваа земја. Тие не донесуваат закони, буџети, не селектираат и не именуваат јавни функционери. Тоа го прават сити, но настрвени за кои главен мотив за заземање на јавна функција е искористувањето на овластувањата за стекнување поголема лична економска корист. Ако стомаците на сиромашните се гладни за леб, душите на ситите се стрвни за повеќе. Од осамостојувањето до денес, со секој нареден изборен циклус, освен првиот кога сè уште имаше ентузијазам и верба во јавен интерес и јавни доблести, постепено се утврдуваше еден премолчен консензус меѓу сè посиромашните и сè погладни маси и сè побогатите, а сè пострвни елити – економски, политички културни, образовни. Сиромашните им ја доверуваа власта на ситите и стрвните, а овие ним им возвраќаа со по некоја корка леб, некоја државна субвенција, некој процент поголема пензија, некое работно место и сл. И сето тоа од јавните ресурси кои и за едните и за другите не се ништо друго туку плен, зграб.

Надвладува убедувањето дека јавните ресурси и јавните функции се инструменти на приватни цели – на единките кои ги вршат и/или партиите кои ги донеле на тие функции. Ваквата приватистичка моралност ја среќаваме насекаде, а не само кај посочените кругови во политиката туку и во правосудството. Таа се пробива дури и преку акции на сосема неутрални и, барем, претпоставено автономни чинители. Пред некој ден, на пример, во Битола се одржа овогодишното издание на АКТО – фестивалот на современи уметности. Организаторот, убеден сум, несвесен дека со тоа му прави услуга на грабалистичкиот морал, како мото на фестивалот го издигнал исказот „Прво леб, па морал!“ Оваа фраза му се припишува на германскиот поет и драматург Бертолт Брехт. Тој согласно на неговиот драматуршки пристап, на прашањето за односот меѓу етиката и капитализмот и тоа во екот на големата депресија одговара дека прво е стомакот, односно храната или згработ, а потоа етиката (Grub first, than ethics).

Но, да не одиме толку далеку во историјата и географијата. Оваа порака дека стомакот храната, парите, материјалното се пред моралната совест и свест, пред некој ден ја видов истакната како мото на една сендвичарница во центарот на Охрид. Над фирмата стоеше логото: „Прај шо ќе прајш, прво к’сни си“.

Стомакот и стрвот станаа извори на јавниот морал. За ова има се повеќе докази. Некои еклатантни и драматични други сосема вообичаени. Така, на пример, до аферата „Рекет“ се велеше дека причина за корупцијата во правосудниот систем се слабите плати, и со тоа слабата економска моќ или неотпорност на судиите и обвинителите. Специјалната јавна обвинителка доби „европска“ плата. Но, како што видовме и чувме, се чини високата плата не ѝ го смалила моралниот ремен околу или моралниот прстен во стомакот!

Сиромаштијата и гладот, секако, ограничуваат. Но тие не се доволно силни да ја поништат човечноста и подведат под свое моралноста. Спротивно назначеното вулгарно материјалистичко и прагматистичко сфаќање има и други примери кои покажуваат дека моралот не е функција и инструмент на приватните потреби и страсти туку автохтона доблест. Неа или ја имаш или ја немаш, независно од состојбата во која се наоѓаат стомаците и страстите. Да се биде чесен и доблестен во вршењето на јавната функција или во страдањето за јавниот интерес и добро е вредност сама за себе. Силно сведоштво за тоа е историски светлата саможртва на доблесниот Сократ, на пример. Понова илустрација за чесноста, доблеста и моралноста како вредности и цели сами за себе наоѓаме во нивната одбрана од страна на поранешната британска премиерка Маргарет Тачер. Таа во една од повеќето нејзини судирања со социолошките објаснувања на криминалот и другите социопатолошки појави како последица на општествените околности и сиромаштијата ќе рече: „Не дозволувам да ги криминализирате сиромашните само затоа што се сиромашни. Најголем број од нив се чесни, морални и доблесни граѓани. Секоја личност, независно дали е родена во високото друштво или во ниските слоеви, независно дали зазема висока положба или води едноставен живот заработувајќи скромна плата, секоја има морален интегритет и човечко достоинство и секоја има избор меѓу доброто и лошото“.