Моќ


ЛЕЈЛА САБИТ

Платежна, куповна, финансиска, политичка, преку ноќ, цел живот, заслужена, купена, заработена, наследена, и тука и во светот ви ги кројат живот и работата, за арно или за лошо, за ќар или зијан, за благосостојба или за одмазда.

Некој со моќта како Супермен, спасува свет, луѓе и болни, некој со моќта како претседател сака да го руши со нуклеарки, а некој својата моќ ја злоупотребува, манипулира, лаже, сомнително си го зголемува богатството, се крие, исчезнува или ви се смее пред камери.

Кај што има моќ, нема правда, кај што царува силата, нема добрина, општото добро станува себична алчност, образот станува ѓон, и така угледот во Македонија е одамна евтина категорија.

Моќта може мистериозно да расте, да се задржи, а може и да се намалува и да опадне и кај народот и кај славните, и кај анонимните и кај познатите, и кај чесните и кај криминалците, шикот да стане шок, врвот – дно, луксузот – сиромаштија, слободата – затвор, пријателите – непријатели, непријателите – пријатели.

Моќта, како и парите, е менлива категорија, секој сака да ја поседува, никој не сака да биде немоќен.

Моќта, како и немоќта, ве фрустрира, ве прави надмени или беспомошни, ве прави главен или статист, важен или лузер, секој сака власт, никој не сака да биде во опозиција, секој сака место под сонцето, никој не сака да биде во сенка.

Патот до моќта е брутален, ви ги менува карактерот, навиките и стандардот, полн е со пречки, угорници и удолници, одвреме-навреме наоѓате на некоја дупка, или пропаѓате или ја прескокнувате и стигнувате до подножјето или до врвот.

Порано моќните беа навистина моќни, им се плашевте од сенката, не можевте да им се приближите, тамам работа да се дружите, не знаевте каде живеат или претпоставувавте, зрачеа со авторитет или за нив се шепотеше.

Сега моќниот ореол на главата го ставија некој и нешто или никој и ништо, кои Водно го заменија со рурални средини, каде што има базен, а нема вода за пиење.

Сега луксузот стана срамота, лагата стана вистина, мајтапот и сеирот добија на цена.

Скопје веќе не е исто, ниту ВИП-фаците се исти.

Не знаеш до кого живееш, не знаеш со кого се дружиш, не знаеш кој те има во рака или те прислушува.

Нема да гледаме чанти „луј витон“ по улиците, ќе ги криеме етикетите „Долче и Габана“ и „Версаче“.

По фалење, ќе ќутиме, зашто молчењето е злато.

Ама дознавме, не е злато сè што сјае.