Младите, културното наследство, дигитализацијата и филмот меѓу приоритетите во Стратегијата за култура
Министерот Љутков напомена дека нема да има укинување на институциите, туку нивна современа реорганизација
Поттикнување и негување на квалитетот и разновидноста на креативните изрази во уметностите, заштита и одржливо користење на културното наследство, преобликување на моделите на управување и институционална автономија како основа за развој, како и дигитализација и дигитална трансформација – се приоритетите на Националната стратегија за развој на културата за периодот 2026 – 2030.
Стратегијата, меѓу другото, ја дефинира културата како ресурс за креативен, социјален и економски напредок.
Во овој документ, како што беше речено на денешната јавна расправа, препознаен е потенцијалот на културата како двигател на плуралистичкиот, иновативниот и конкурентниот развој на општеството.
Фокусот е ставен на младите, на нивната едукација и интегрираност во создавањето и практикувањето на културните вредности, а невладиниот сектор останува важен фактор во креирањето на политиките.
– Предизвиците на новото време – глобализацијата, новите технологии и вредносните ориентации – на културата ѝ даваат карактеристики на исклучително развојна сфера за целокупниот современ развој. Улогата на државата како институционална рамка е да ги стимулира, да ги помага, да ги унапредува и да ги развива културните односи во општеството – истакна министерот за култура, Зоран Љутков.

Според него, автономијата во културата, што ќе се обезбеди со преобликување на мрежата на национални установи и децентрализацијата, е уште една приоритетна област во наредниот петгодишен период.
– Преобликувањето на мрежата на установите не подразбира укинување на институциите, туку нивна современа реорганизација во функција на остварување на мисијата и визијата за која се основани. Ниедно вработено лице во установите од културата нема да го загуби работното место, туку сите вработени ќе имаат можност да дадат свој придонес во работењето на матичните установи – порача министерот.
Со оглед дека Македонија е држава во која егзистираат разни културни матрици, културата, напомена Љутков, треба да биде простор за осовременета комуникација и за надминување на разликите, а не фактор што ќе генерира постојани разлики и отсуство на комуникација.
Тој се осврна и на културното наследство, кое исто така е опфатено со нацрт-текстот.
– Во заштитата на културното наследство ќе ги интензивираме процесите на валоризација и ревалоризација и неговата понатамошна конзервација со ревидирање и намалување на административните и бирократските постапки. Наша цел ќе биде современа презентација на културното наследство и негово втемелување како фактор на одржливиот економски и културен развој. Со интегриран пристап во наредниот петгодишен период фокусирано ќе дејствуваме врз спречувањето нелегална трговија со културното наследство, ограничување на ризиците на кои е изложено наследството, како климатските промени, но и реституцијата исто така ќе биде приоритет што ќе настојуваме да го оствариме преку соработка со надлежните од другите држави – нагласи министерот.
Предуслов за успешно спроведување на сите мерки и активности, особено во заштитата на културното наследство, додаде, е стручниот кадар.
– Свесни сме за алармантната состојба во оваа сфера и затоа наш приоритет ќе бидат вработувањето и едукацијата на стручниот кадар. Ќе го подобриме функционалното дејствување на установите и ќе ја модернизираме правната рамка во заштитата на културното наследство – најави Љутков.

Во рамките на јавната расправа се обрати и академик Милена Драгиќевиќ-Шешиќ.
– Културното стратегиско планирање стигна кај нас релативно доцна, во деведесеттите години. Овој процес е исклучително важен зашто наметнува анализа на ситуацијата, но и евалуација. Експертското знаење е многу значајно за носењето одлуки. Не може и не треба секој да носи одлуки како што ќе му текне или со секое менување на власта – истакна професорката.
Таа укажа дека е добро Македонија да провери колку од материјалното и нематеријалното културно наследство ѝ е заштитено. Притоа порача дека во овој контекст треба да се користат инструментите и механизмите за заштита на УНЕСКО.
Во обраќањето заклучи и дека во речиси сите земји од регионот буџетските средства за културата се недоволни.
Нацрт-текстот на Националната стратегија за развој на културата е изработен од вработени раководни службеници во Министерството за култура и туризам со долгогодишно искуство, консултирани се и многу автори, репродуктивци, граѓански здруженија, невладин сектор, а земено е предвид и мислењето на академиците од МАНУ.
Од 24 март 2026 година текстот на Националната стратегија е објавен и на единствениот национален електронски регистар на прописи, каде што може да се поднесат мислења, предлози и забелешки. По одржувањето на денешната јавна расправа, беше речено, сите забелешки и сугестии ќе бидат внимателно разгледани и имплементирани во документот, кој потоа ќе се проследи до Владата и до Собранието, каде што во транспарентна, демократска постапка, очекуваме да биде донесен набргу.
– Со доследна имплементација на Националната стратегија и на акцискиот план, кој е нејзин составен дел, до 2030 година нашата држава ќе развие културен систем, кој е отворен кон нови идеи и различности, инклузивен за сите граѓани, без оглед на нивната етничка, социјална, родова и генерациска припадност, динамичен и иновативен, способен да генерира културни производи што се конкурентни на европскиот и на светскиот пазар – истакна Љутков.