Министерот Заев


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

Може само да се претпоставува каде ќе биде во наредниот период лоциран кабинетот на премиерот Зоран Заев – на старата адреса на „Илинденска“ број 2 или во новата зграда на Министерството за финансии. Затоа, пак, веќе нема потреба од претпоставки за тоа колкав ќе биде опфатот на реконструкцијата на владиниот кабинет, која премиерот мошне амбициозно ја најави пред нешто повеќе од два месеца. Но потоа направи серија потези за да го амортизира и релативизира потенцијалот на „метлата“, која во еден момент ја постигна целта поради која и беше купена во некојси маркет во скопски Карпош, така што обезбеди поголема мобилизација на гласачкото тело во вториот круг од претседателските избори.

Да не беше изненадувањето со „ротацијата“ на Заев во министер за финансии, поточно со преземањето и на таа функција, покрај премиерската, лесно ќе можеше да се каже дека и оваа на големи ѕвона најавувана реконструкција, главно, се сведе на козметика. Поточно, и заминувањето на Драган Тевдовски од министерската позиција не е некое големо изненадување, со оглед на тоа што неговото име стануваше звучно секогаш кога ќе  се спомнеа можни кадровски промени во владиниот кабинет. Дека тоа конечно ќе биде и реалност, стана многу јасно пред една седмица кога името на Тевдовски се најде на листата на новиот состав на Извршниот одбор на СДСМ, а со оглед на тенденцијата за деакумулација на функции, односно за одделување на партиските од државните или од локалните функции што Заев ја демонстрираше во последните неколку седмици – веројатно во обид да го ублажи ударот на „метлата“. Барем за неговите сопартијци. Всушност, така и Љупчо Николовски се откажа од министерувањето во земјоделство за да биде генерален секретар на СДСМ, а истиот принцип беше применет и за новиот организациски секретар и директор на партискиот Центар за аналитика.

Може да се каже дека СДСМ го извлече „најдебелиот крај“ од оваа реконструкција, иако министрите на најголемата владејачка партија, всушност, не беа препознаени како најслаба алка во функционирањето на Владата. Затоа, пак, ДУИ помина над очекувањата со оглед на досегашниот учинок на нејзините кадри во извршната власт. Единствената „жртва“ што ја понесе втората партија по влијание во коалицијата е очекуваното разрешување на „вечно отсутниот“ Хазби Лика. Затоа, пак, ДУИ доби нов ресор, поточно ново министерство (за политички систем и односи меѓу заедниците) каде што преминува очигледно нескршливиот Садула Дураку (првиот министер кој отворено призна дека не се занимава со граѓаните), макар што неговиот учинок како министер за животна средина сигурно е најмалку двојно помал од тој на Тевдовски.

Ако се земе предвид, на пример, дека само пред неколку седмици Заев се пофали дека  стапката на раст на бруто-домашниот производ во првиот квартал од годината е 4,1 процент, а невработеноста паднала на 17,8 проценти, прашање е кои критериуми биле одлучувачки за смената на министерот за финансии. Инаку, Тевдовски е еден од главните творци на изборната програма на СДСМ за последните парламентарни избори, чиј економски дел, во одредени кругови, беше доживуван како левичарење. Сепак, владата на СДСМ спроведе во изминатиот период голем дел од носечките точки во таа програма, повикувајќи се токму на идеолошката матрица на партијата, иако мошне често испливуваа на површина концепциските разлики  меѓу творецот на сдсмовската програма и вицепремиерот за економија Кочо Анѓушев, како претставник на бизнис-секторот или на покрупниот капитал во земјава. Тоа особено дојде до израз при воведувањето на прогресивниот данок, како идеја што со години наназад беше клучна точка во програмите на СДСМ.

Затоа смената на Тевдовски може да се толкува и како моментална победа на Анѓушев во тој идеолошко-концепски судир во рамки на Владата. Со тоа, пак, оправдано се наметнува дилемата во кој правец ќе продолжи да ги турка финансиските текови „новиот министер за финансии“. Односно, дали премиерот и лидер на СДСМ и натаму ќе се придржува кон главните пунктови на изборната програма, врз чија основа ја доби власта или ќе го стави настрана „левичарењето“?

Во секој случај, Заев презема уште поголема одговорност и многу нови обврски, покрај постојните, со временото преземање и на министерското место во финансии. Како што, на пример, неговиот грчки колега Алексис Ципрас презеде пред извесно време одговорност да го истурка до крај Преспанскиот договор, паралелно и како шеф на дипломатијата, по оставката на Никос Коѕијас. Одговорноста е до толку поголема што доаѓа во време кога токму Заев ја најави 2019 (која е веќе на половина) како година  посветена на економијата, а по затворањето на најделикатните прашања на билатерален план и во сферата на надворешната политика.

Ако се прави пресек на списокот за реконструкција, средната оценка би била дека, со исклучок на резот во финансии, таа главно се сведе на пополнување на местата што беа испразнети во меѓувреме или се испразнија поради ротација на одредени кадри или партии. Во делот на ротациите, впечатлив е случајот со Министерството за локална самоуправа, од каде што е вториот министер кој се најде на листата за реконструкција – Сухејл Фазлиу од НДП, како партија за чиј кадар сега треба да го ослободи министерското место без ресор либералдемократот Зоран Шапуриќ. Со тоа, Владата засега останува со еден член помалку, со оглед на разрешувањата на Тевдовски и на Лика, но и воведувањето на новото Министерство за политички систем.

Затоа пак во кабинетот на Заев премиерно влегува претседател на помала партија од владејачката коалиција – Горан Милевски од ЛДП. За разлика од претходно, кога лидерите на помалите владејачки партии главно се држеа и се држат до посигурните и покомотни позиции во законодавната власт, Милевски влегува во Владата како министер за локална самоуправа. Допрва ќе се цени како тој ќе се снајде во новата улога. Во секој случај, овој потег е добар сигнал за тоа дека сите партии на власт треба да преземат дел од одговорноста за функционирањето на Владата, а не само стожерната.