Милошоски: Работната група усогласи десет членови од Изборниот законик
Во Министерството за правда денеска се одржа состанок на работната група за Изборниот законик, на кој бил постигнат договор за измена на десет членови, согласно препораките на ОБСЕ и ОДИХР. На состанокот присуствувале претставници на сите политички партии, освен на СДСМ.
Антонијо Милошоски, потпретседател на Собранието и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, кој ја претставува партијата во работната група, оцени дека состанокот бил продуктивен и дека со консензус било постигнато усогласување на десет членови од Изборниот законик, во согласност со препораките на ОБСЕ и ОДИХР.
Претставниците на политичките партии се усогласиле за членовите кои се однесуваат на користењето буџетски средства на институциите во изборната кампања, користењето службени профили на институциите на социјалните мрежи за време на избори и изборна кампања, огласите и постапките за вработувања, како и за изземањето лица со специфични професии од изборниот процес, како на пример медицински лица. Дел од усогласувањето се однесува и на субјектите кои го добиваат избирачкиот список и роковите во кој рок.
Следната средба, како што изјави Милошоски, би требало да се одржи на 20 мај, исто така во Министерството за правда.
На денешната средба присуствувале претставници на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ, Левица, ДУИ, ЛДП, Алијанса за Албанците, Вреди и други.
Во однос на неучеството на СДСМ , Министерството за правда извести дека сѐ уште не е доставено официјално писмено известување за нивно повлекување од процесот. од Министерството изразија очекување дека партијата ќе ја преиспита својата позиција и ќе продолжи да учествува во работата на групата, со цел реформите во изборното законодавство да се носат низ широк политички и институционален дијалог, во интерес на демократските процеси и довербата во изборниот систем.
На седницата, според известувањето, биле разгледани препораките што беа усогласени и прифатени со консензус од присутните членови на Работната група. На членовите ќе им се достави и конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори од 2025 година, кој содржи препораки за дополнително унапредување на изборната регулатива и практиките во спроведувањето на изборите. Значителен дел од препораките се повторуваат од претходните изборни циклуси, што ја потврдува потребата од нивно системско имплементирање.
Министерот за правда Игор Филков информираше и за остварените средби со ДИК, АВМУ , ДКСК, со претставници на граѓанскиот сектор, Државниот завод за ревизија и ОБСЕ/ОДИХР, од каде беа доставени дополнителни мислења и препораки кои ќе бидат предмет на разгледување на следните седници.