На диплома од Славјански универзитет од 2016 стои Република Северна Македонија
Две дипломи на Славјанскиот универзитет се поништени, има многу нерегуларности – од полагање 14 или 17 испити во една сесија, правење несоодветни еквиваленции на четири ЕКТ-системи, од еден предмет на четири ЕКТ-системи признаени два со по седум ЕКТ кредити и диплома од 2016 на која има печат со Република Северна Македонија. Вие знаете дека тогаш ние го имавме нашето омилено име. Името е променето во 2018 година, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа посочи дека тоа е сега предмет на Јавното обвинителство.
– Доколку се докаже, а сигурно ќе се докаже фалсификатот универзитетот ќе има сериозни последици, додаде Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање пред последната панел-дискусија во рамки на кампањата „Магијата е во знаењето“, на тема „Училницата на иднината: Вештачка интелигенција, знаење и новата улога на наставникот“.
Сепак и оваа проверка на факултетите и универзитетите во земјава не е еднострана. Односно, како што укажаа некои професори, дел од студентите на магистерски и докторски студии, можби и се оштетени со одлуката на МОН да им ги одземе дипломите на дипломираните, а оние кои не завршиле да ги прекинат студиите.
Случајот со младиот истражувач Денис Арсовски, кој до неодамна бил запишан на докторски студии на Институтот за специјална едукација и рехабилитација, кој се соочува со сериозен пресврт во својата академска кариера, откако надлежните институции донеле одлуки што директно влијаат врз неговиот статус, го изнесе професорот на Филозофски, Горан Ајдински.
Тој појаснува дека инспекторатот при Министерството за образование и наука, по извршен надзор од страна на двајца инспектори, издал решение со кое му се наложува на факултетот да го испише Арсовски од студиите, заедно со уште неколку лица. Дополнително, министерката за образование потпишала решение со кое му се поништува и магистерската диплома.
Но, Ајдински вели дека според достапните информации, Арсовски има завршено тригодишно стручно високо образование и едногодишна специјализација. Иако со тоа стекнал 240 кредити, според важечките законски одредби, тоа не се смета за доволна основа за упис на академски студии од повисок степен, бидејќи не поседува академско звање.
Она што го прави случајот особено контроверзен е неговиот досегашен научен ангажман. На возраст од 31 година, Арсовски има објавено 41 научен труд и важи за еден од поистакнатите млади истражувачи во земјава. Неговите трудови се цитирани од други научници, а ужива и одреден углед во меѓународната академска заедница.
Меѓу неговите достигнувања се вбројува и тоа што бил рангиран меѓу 100-те највисоко оценети во високото образование според платформата Vevox, во конкуренција од околу 20.000 учесници. Покрај тоа, бил активен во рамки на Висока медицинска школа, каде учествувал како ментор, координатор на Еразмус проекти и добитник на признание од ректорот. Исто така, бил примен и во научно друштво.
Случајот отвора поширока дебата за усогласеноста на законската регулатива со подзаконските акти, како и за можностите за напредување на лица кои имаат значајни резултати, но не ги исполнуваат формалните услови пропишани со закон.
Епилогот засега е неизвесен – постои реална опасност Арсовски да ја изгуби и работата, додека надежите се насочени кон повисоките правни инстанци, од кои се очекува да донесат конечна одлука.