Цеков бара закон за потеклото на имотот на политичарите и ветинг за судиите
Независниот пратеник Миле Цеков во емисијата Ноќно студио на 4ТВ испрати една од своите најостри критики досега кон правосудството, политичкиот систем и состојбата во државата, предупредувајќи дека граѓаните секојдневно ја губат довербата во институциите.
Цеков побара итен ветинг по албански модел, закон за потекло на имот за сите функционери и целосно „ресетирање“ на системот, кој според него е заробен од партиски и семејни влијанија, објави 4news.mk.
„Додека правдата е бавна за моќниците, народот секој ден гледа дека законите не важат подеднакво за сите“, изјави Цеков.
Пратеникот отвори низа прашања поврзани со случаи кои долго ја брануваат јавноста, оценувајќи дека државата нема резултати во борбата против високата корупција.
„Кој понесе одговорност за петте тони марихуана? Кој ќе одговара за Артан Груби? Зошто правдата е толку бавна? Ова се прашања што граѓаните ми ги поставуваат секој ден“, рече Цеков.
Според него, токму селективната правда е една од главните причини за разочараноста кај граѓаните и за масовното иселување на младите.
Цеков најави иницијатива за носење Закон за потекло на имот, кој би ги опфатил министрите, пратениците, директорите и сите именувани функционери.
„Секој што извршува јавна функција мора јасно да докаже како го стекнал својот имот. Без тоа нема правна држава“, порача тој.
Најостри критики независниот пратеник упати кон состојбите во судството и обвинителството, тврдејќи дека системот е затворен круг на семејни и политички врски.
„Недозволиво е таткото да е судија, ќерката обвинител, синот адвокат, а сопругата народен правобранител. Токму овие семејни релации го уништуваат системот“, изјави Цеков.
Како решение предложи целосен ветинг на судиите и обвинителите по примерот на Албанија, оценувајќи дека без радикални реформи државата ќе остане заробена во истиот модел.
Цеков категорично ги отфрли шпекулациите дека ќе се приклучи на друга пратеничка група, велејќи дека негови „коалициски партнери“ се правдата, чистата животна средина и економскиот развој.
„Ќе поддржам сè што е добро за граѓаните, без разлика дали доаѓа од власта или од опозицијата“, истакна тој.
Во интервјуто Цеков отвори и прашања за социјалната и економската состојба во државата, посочувајќи дека казината и брзите кредити стануваат секојдневие, додека јавните услуги пропаѓаат. Тој побара сериозни ограничувања за обложувалниците и казината, предупредувајќи дека тие го уништуваат семејниот буџет и иднината на младите.
„На секој агол има казина и брзи кредити, а болниците, училиштата и градинките ни се распаѓаат“, рече Цеков.
Осврнувајќи се на уставните измени и европските интеграции, Цеков порача дека Македонија треба да стане дел од Европска Унија, но без, како што рече, загрозување на македонскиот идентитет и јазик.
„Сакам Македонија во ЕУ, но со чист македонски јазик, идентитет и култура. Тоа не е тема за преговарање“, истакна тој.
Според него, уставните измени не смеат да бидат одлука на еден пратеник, туку резултат на широк национален консензус. Цеков предупреди дека политичарите премногу ја користат европската агенда како изговор за домашните неуспеси.
„Европа нема да дојде да ни ги исчисти депониите, ниту е виновна за корумпираните директори, судии и обвинители. Промената мора да почне од нас“, заклучи независниот пратеник.
Еден од впечатливите делови од гостувањето беше критиката кон работата на Собранието. Цеков оцени дека институцијата ја губи дебатната функција и дека дел од пратениците воопшто не се посветени на законите што ги гласаат.
„Им сугерирам на колегите за време на седниците да не седат цело време на телефоните, да не нарачуваат од Тему и да не скролаат на Инстаграм и Фејсбук. Има пратеници кои не знаат ниту за што гласаат“, изјави тој.
Според Цеков, Собранието не смее да биде само механизам што автоматски ги потврдува владините предлози. Независниот пратеник смета дека главниот проблем лежи во изборниот модел, кој, според него, создава зависност од партиските лидери наместо од граѓаните.
Тој се заложи за една изборна единица и отворени листи, модел што, како што вели, би овозможил граѓаните директно да избираат квалитетни кандидати.
„Додека партиските врвови ги креираат листите, ќе имаме послушници наместо независни и стручни пратеници“, оцени Цеков.
Цеков објасни дека неговото заминување од ЗНАМ и одлуката да дејствува како независен пратеник не биле резултат на еден конфликт, туку на подолг период на разочарувања и несогласувања околу политиките што, според него, партијата ги ветувала пред изборите.Пратеникот жестоко ја критикуваше актуелната состојба во државата, тврдејќи дека граѓаните и понатаму живеат со исти проблеми – ниски плати, слаб животен стандард, нефункционално здравство и образование, како и загаден воздух.
„Ветувавме достоинствени плати, борба против криминалот и подобар живот. Денес младите се иселуваат, луѓето се разочарани, а јас не гледам суштински промени“, изјави тој.
Цеков смета дека и покрај стотиците изгласани закони во Собранието, улогата на ЗНАМ во власта останала речиси незабележлива.
„Се поставува прашањето – што всушност придонесовме и која беше нашата улога во коалицијата?“, праша тој.
Како дел од причините за разидувањето со партијата, Цеков ги наведе и неговите предлози што не добиле поддршка од колегите.Меѓу нив се иницијативите за зголемување на минималната плата, повисоки приходи за работниците и антикризни мерки за земјоделците. Тој откри дека предложил и зголемување на прагот за оданочување од 2 на 4 милиони денари, со цел олеснување за малите фирми и земјоделците, но предлогот не стигнал ниту до собраниска процедура. Дополнително, останува и на ставот против измените на Законот за минерални суровини, нагласувајќи дека на тоа прашање бил доследен и пред изборите.
Цеков упати и директни критики за нетранспарентноста во јавните финансии.Тој рече дека барал да се објават компаниите што добиле средства од т.н. „унгарски кредит“, но, како што тврди, никогаш не добил одговор.
„Ако зборуваме за правна држава и отчетност, тогаш јавноста мора да знае каде завршуваат парите“, порача пратеникот.