Мицкоски денеска е во Нови Сад. Ќе положи ли цвеќе кај паднатата настрешница каде што загина и Македонец?


Марта Кос положува цвеќе во Нови Сад

 

Владата објави дека премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе престојува во Нови Сад, каде што поладне ќе присуствува и ќе има свое обраќање на свечената академија „80 години од доселувањето на Македонците во Војводина“, која ќе се одржи во Студентскиот културен центар. Освен него, на академијата треба да се обратат и Зорица Митровиќ од Националниот совет на македонското малцинство во Србија, Маја Гојковиќ, премиерка на покраинската влада на Војводина и Ѓуро Мацут, претседател на српската влада.

Во најавата од прес-службата на владата не пишува дали Мицкоски ќе положи цвеќе на местото на големата трагедија во Нови Сад, Железничката станица, каде што во падот на настрешницата во ноември 2024 загинаа 16 лица. Меѓу загинатите беше и Македонецот Васко Саздовски од Свети Николе, кој една година пред трагедијата почнал да работи во институтот „Био сенс“.

На местото на трагедијата почит на загинатите им оддадоа многу странски политичари. Лани тоа го направија еврокомесарката за проширување Марта Кос, како и тогашниот опозициски лидер, а сега премиер на Унгарија, Петер Маѓар.

Трагедијата во Нови Сад и лошата истрага за неа беше повод за големите студентски протести во државата кои ја разнишаа власта на Александар Вучиќ.