Груевски како унгарски државјанин може да биде заштитен, иако Македонија ќе бара екстрадиција
Министерството за правда најавува дека ќе ја продолжи постапката за екстрадиција, но правните механизми веројатно повеќе ќе го штитат избеганиот премиер
Никола Груевски, поранешниот премиер на Македонија кој во 2018 година избега во Унгарија, добил целосно унгарско државјанство во 2022 година врз основа на „унгарски државен интерес“, објавува истражувачкиот портал „ВиСквер“ (VSquare), повикувајќи се на извори од унгарската влада.
Според текстот на познатиот истражувачки новинар, Саболч Пањи, Груевски најверојатно сè уште се наоѓа во Унгарија, а неговиот статус е значително посигурен од статусот на други политички азиланти кои добија заштита од претходната власт на Виктор Орбан.
„Унгарски владин извор потврди дека Никола Груевски добил целосно унгарско државјанство во 2022 година поради ‘унгарски државен интерес’. Според друг владин извор, се верува дека тој и натаму е во Унгарија“, наведува „ВиСквер“.
Централноевропскиот портал посочува дека државјанството претставува многу посилна правна заштита отколку политичкиот азил, бидејќи азилот може да биде одземен, додека одземањето државјанство е значително посложена постапка.
Според анализата на „ВиСквер“, за да му биде одземено државјанството, би требало да се докаже дека било стекнато со измама или корупција.
На оваа информација реагираа од Министерството за правда, велејќи дека тој и натаму останува македонски државјанин и постапката за негова екстрадиција продолжува.
Оттаму велат дека внимателно се следат информациите објавени во јавноста во врска со наводите дека Груевски стекнал унгарско државјанство. Иако ќе биде многу тешко една земја да испорача свој државјанин во друга .
„Независно од сите шпекулации и неофицијални информации за евентуалниот статус што го има во Унгарија, Никола Груевски останува државјанин на Република Северна Македонија и е лице кое е предмет на правосилни судски одлуки и активни постапки. Постапката за негова екстрадиција продолжува согласно домашното законодавство, билатералните договори и меѓународните конвенции“, се вели во соопштението од Министерството.
Оттаму велат дека и понатаму ќе продолжат да ги преземаат сите неопходни правни и дипломатски чекори во комуникација со надлежните органи на Унгарија.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Гевгелија, одговарајќи на новинарско прашање дали Владата има информација дека Груевски се стекнал со унгарско државјанство, кусо рече: „Не, немаме ние таква информација“.
Груевски избега од Македонија во ноември 2018 година, непосредно пред да започне со издржување на двегодишната затворска казна во предметот „Тенк“, поврзан со набавката на луксузен блиндиран „мерцедес“. Потоа преку Албанија, Црна Гора и Србија стигна во Унгарија, каде што доби политички азил.
Во текстот на „ВиСквер“ се наведува и дека унгарската влада не одговорила на барањето за коментар во врска со информациите за државјанството на Груевски.
Поранешниот премиер Никола Груевски, кој доби азил во Унгарија, остро реагираше на најавите за можна екстрадиција, обвинувајќи дека против него бил воден политички мотивиран прогон со „монтирани судски постапки“.
Тој ја критикуваше изјавата на министерот за правда, посочувајќи дека наместо да собира информации за неговиот статус, треба да ги истражи, како што вели, „злоупотребите и незаконитостите“ во периодот на поранешната власт.
Во тогашната своја објава на Фејсбук тој тврдеше и дека новиот унгарски премиер Петер Маѓар, а и други политичари, не знаеле на каков сѐ прогон бил изложен во Македонија.
Петер Маѓар на својата прва меѓународна конференција, еден ден по пебадата на изборите, го нарече Груевски „осуден криминалец“.