Сиљановска уште еднаш рече дека е збунета од постапките на обвинителството за шпионската афера
Јавното обвинителство не требало да дава изјави во весници за истрагата што се води околу наводната шпионска афера во нејзиниот кабинет, изјави денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Таа уште еднаш рече дека била збунета од изјавите на јавното обвинителство.
„Законот за кривична постапка не ги покрива само јавните обвинители, туку и сите нас, вклучувајќи ги и новинарите. Предистражната постапка е тајна и ниту треба да се споменуваат замислени личности, па дури и да се опишуваат нивните карактеристики. Случај настанува во моментот кога предистражната ќе прерасне во истражна. Уште еднаш кажувам – збунета сум, ако Јавното обвинителство, кое треба да постапува тајно, даваше изјави во весници за контактките со Министерството за надворешни работи. Во системот има поделба на власта и работите си ги врши секој за кои е надлежен“, рече Сиљановска денес, одговарајќи на новинарски прашања. Таа додаде:
„Јас објаснив дека и да сака некој да посегне по шпионажа, која секогаш се однесува на класифицирани податоци, не може да го стори тоа, бидејќи кабинетот нема, ниту практикува електронска мрежа на класифицирани податоци“, рече таа во Штип. „Значи, тешко може да речеме дека се работи за шпионска афера“.
Според неа, не е точно дека кабинетот не ги дал видеоснимките.
„Дојдоа службите за внатрешни работи, си го направија тоа што го направија. Ниту сум присуствувала таму, ниту сакам да се мешам во активности, нагласи таа.
Што се однесува на прашањето дали некоја земја од НАТО Алијансата се има интересирано за овој случај, претседателката Силјановска-Давкова со одговор: „Зошто би се заинтересирал некој од НАТО? Следниот ден беше дојден адмиралот од Неапол и не знам зошто некој би се заинтересирал за нешто што вака се одвива е спротивно на Законот за кривична постапка“.