Панче Тошковски за себе: „Конечно има министер што е нормален“
Во една глорификација на самиот себеси министерот за вантрешни работи, Панче Тошковски, денеска во Собранието изјави дека по 20 години конечно имало еден министре на таа функција „што е нормален“. Според неговата изјава не биле „нормални“ ни Гордана Јанкулоска, ни Митко Чавков, ни Оливер Спасовски…
Тошковски одговараше на ппратеничко прашање на Миле Талески од СДСМ за шпионскиот скандал во Кабинетото на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, за истрагата за петте тони дрога што ја преминаа границата и завршија во Србија, за зголемениот број убиства на жени, за трагедијата во Кочани, дали вицепремиерот за добро владеење, Арбен фетаи, кој неколку месеци не доаѓа на работа, има полициско обезбедување… И дали после сето ова не чувствува потреба да поднесе оставка.
Тошковски констатира дека е добро што се окрупнува опозицијата – СДСМ, Левица и ДУИ, односно дека во ист ден СДСМ бара оставка од него, а Левица најавила интерпелација.
„Сигурно и ДУИ ќе побара оставка, претпоставувам поради етничка нетрпеливост. Говоревте за нефункционалност, тогаш оставете ме да ви одговорам или да молчам, може ве задоволува тоа. МВР дава најдобри резултати во изминативе 20 години и вие треба да се гордеете со тоа, а не да измислувате приказни. Вие не можете да прифатите дека конечно по многу години има министер што е нормален. Нема да откријам детали од предистражни постапки. Но, потоа ќе видиме кој ќе се чеша на крајот на денот“, рече Тошковски.
За Фетаи не знаеше што да одговори , иако барем формално сѐ уште е дел од владата во која седи и Тошковски. Не водел евиденција. И ќе одговорел писмено на тоа прашање.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, реагираше за односот на Тошковски кон пратениците.
„Пратениците се тука да поставуваат прашања и министерот нема право да укажува дали и кое прашање тие ќе го постават. Ве молам, одговарајте без навреди и без закани кон опозициските пратеници. Имајте минимум респект кон пратениците“, рече Спасовски.