Марта Кос: ЕУ мора да го смени системот за пристапување за да одговори на потребите на Украина
Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека ЕУ мора да го промени системот за пристапување за да одговори на потребите на Украина.
Кос за „Фајненшл тајмс“ рече дека Унијата „мора да биде иновативна, но, без оглед на можната реформа на процесот на проширување, нема опуштање кога станува збор за основните принципи и стандарди поврзани со владеењето на правото, судската независност и корупцијата“.
Кос ги повика земјите-членки на ЕУ брзо да се договорат за „различен систем“ за прием на нови членки, бидејќи Брисел стравува дека кандидатурата за членство на Украина ќе го преоптовари нејзиниот застарен модел на пристапување.
„Ако има вистинско време за забрзување на проширувањето, тогаш тоа е сега“, истакна Кос, додавајќи дека е време главните градови на ЕУ да „преминат од зборови на дела“.
Во написот се потсетува дека нејзината интервенција следеше по предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц за воведување статус на „придружна членка“ за Украина, со бенефиции и интеграција под полноправно членство, додека Киев спроведува правни реформи потребни за формален влез во ЕУ.
Овие идеи наидоа на мешани реакции кај другите земји-членки на ЕУ, но и во самата Украина. Претседателот Володимир Зеленски рече дека предлогот на Мерц е неправеден бидејќи ќе ѝ даде на неговата земја право да учествува на состаноците на ЕУ без право на глас.
„Ова е корисно бидејќи ни треба сериозна дебата… Ова е одлична идеја и добар почеток на разговор… Доведувањето до крај на проширувањето е тема за лидерите“, рече Кос кога беше прашана дали Европската комисија го поддржува предлогот на Мерц.
Таа додаде дека не знае „во која насока ќе оди ова, но се согласувам дека мора да најдеме решение, нешто различно од она што го користиме денес“.
„Лидерите на ЕУ со кои разговарав приватно ми кажаа дека сакаат комбинација од принципи засновани на заслуги и повеќе можности за постепена интеграција. Ако го направиме ова правилно, можеме да изградиме силен континент способен да им се спротивстави на противниците кои сакаат да нè видат како пропаѓаме. Но, ако не го направиме тоа правилно, другите ќе се вмешаат и нема да се двоумат да ја искористат целата своја моќ против нас“, предупреди Кос.
Според неа, „ова е навистина многу повеќе од само проширување, станува збор за нашата иднина“.
„Затоа се надевам дека лидерите ќе го препознаат ова и ќе покажат решителност и единство во грижата за иднината на нашата Европска Унија. Без оглед на можната реформа на процесот на проширување, нема опуштање кога станува збор за основните принципи, клучните стандарди на ЕУ во области како што се владеењето на правото, судската независност и корупцијата. Сепак, мора да бидеме иновативни“, забележа Кос.
Кос оцени дека барањето на Зеленски Украина да се приклучи на ЕУ уште следната година е невозможно, но дека имало позитивен ефект бидејќи донело итност во дебатата и ја бранела идејата за прилагодување на процесот на пристапување кон специфичната ситуација на Киев.
Таа, исто така, наговести дека „вештачкото поврзување“ на процесот на пристапување на Украина и Молдавија би можело да биде завршено ова лето со отворање на формални преговори за двете земји.
„Ќе видиме кој ќе ги испорача резултатите, кој може да направи повеќе. Украина е премногу голема за да пропадне. Затоа заслужува посебно внимание. Еден ден ќе имаме мир. Тогаш ќе се постави прашањето дали сме способни да испорачаме? Колку побрзо добиеме насоки (од лидерите), толку полесно ќе ни биде да се подготвиме“, забележа Кос.
Според неа, „она што ни треба сега е, ако зборувам на романтичен јазик, да дадеме надеж (на Украина)“.