„Нема да трошиме ни време ни пари“: Владата го одби предлогот на Филипче за референдум за ЕУ

Реформската агенда е јасен показател на европската ориентација на кабинетот на Христијан Мицкоски, одговорија од Владата. А СДСМ бил мекото ткиво во државата


Фото: Б. Грданоски

 

Владата работи на Реформската агенда и тоа е јасен показател на европската ориентација на кабинетот на Христијан Мицкоски.

Вака одговорија попладне од Владата на барањето на лидерот на СДСМ да се одржи референдум за членството во ЕУ.

„Да не трошиме време и пари на граѓаните“, велат од Владата. Оттаму велат дека отворањето на фондовите од Реформската агенда за Македонија е јасен показател за европската ориентација на оваа Влада. И го искритикуваа СДСМ и како да е партиско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, а не реакција од државен орган тие ја нарекоа партијата – СДС:

„А како изгледа кога СДС се залага за референдум без гаранции за европската иднина, граѓаните можеа да видат низ пластичен пример од последниот референдум организиран 2019 година. Тие и денес продолжуваат да бидат меко ткиво на македонскиот идентитет“.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција побара власта да распише референдум за членство во ЕУ и дека за тоа мора да одлучат сите граѓани.

„Ова е прашање на сите нас, за секој еден граѓанин, за нашите семејства. Едноставно прашање за нашата иднина. Ова, почитувани граѓани, е референдумско прашање. Не може Христијан Тино Мицкоски да одлучува за нашите судбини“ , рече Филипче.

Тој додаде дека последиците од погрешните политики на власта веќе ќе ги плаќаат граѓаните и нивните семејства, и затоа токму граѓаните треба да ја донесат конечната одлука.

„Едноставно, доста е. Мора граѓаните да одлучат за тоа. Затоа што граѓаните, нивните семејства, нивните деца, ќе ја плаќаат цената на овие погрешни политики на Мицкоски. Затоа граѓаните се единствени кои што можат да одлучат за својата судбина. Не сакаме сите да ја плаќаме оваа цена. Сакаме иднина. Распишете референдум, прашајте ги граѓаните. Не може вие да одлучувате за судбината на сите кои што живеат во државата“, рече Филипче.

На прес-конференцијата Филипче, порача дека граѓаните не се наивни и се свесни за пропагандата што ја спроведува ВМРО. 

„Доста е веќе од лагите и пропагандата на криминалната група на власт. Едноставно доста е. Граѓаните се будни, свесни се, не се наивни, не можете повеќе да ги лажете.Сите веќе ја знаат вистината. Мицкоски и бандата не сакаат во Европа затоа што таму има одговорност. Таму се одговара пред европски обвинители за криминал и за корупција. И затоа не држат како заложници. Затоа се создаваат вештачки конфликти. Затоа се идентификуваат лажно внатрешни предавници и надворешни вештачки непријатели“, рече Филипче.