САД ќе ни помагаат тендерите да ги добиваат американски компании
Во стратегијата на Стејт департментот за Западен Балкан се вели дека ќе се бара американски компании да добијат изведба на инфраструктурни проекти
САД ќе ни помагаат да добиеме транспарентни јавни набавки, но нив да ги добиваат американските компании – произлегува од најновиот извештај на Стејт департментот што ја објаснува политиката на администрацијата на Доналд Трамп пред членовите на Конгресот.
Иако кај нас акцентот беше ставен на најавата дека САД нема да помагаат повеќе во градење на нации, што беше протолкувано како најава зе наинтервенирање во внатрешни работи, главната вест е во економијата.
Во тој дел до цел израз доаѓа трансакциската политика на Трамп пресликана на регионот, при што никаде не се споменува ЕУ, ЕУ стандарди, евроинтеграција или слично, туку само политики во склад со слоганот „Америка пред сѐ“, при што буквално е опишана оваа цел – да прават се тендерите за изградба на инфраструктурата, за купување енергенси, за изградба на конекциски коридори и слично да ги добиваат американски компании.
Притоа, се набројуваат и сфери за кои ЕУ работи напорно да ги снема од регионот, како обновување на рудникот за јаглен во Косово и инвестирањето во вакви други и нудење постројки за нуклеарна технологија. Иако можеби треба да се цени отвореноста со која САД најавуваат што сакаат од Западен Балкан, јасно произлегува дека САД ќе водат сметка само за своите интереси, а ќе биде добро и за нив ако се поклопат со нашите. Па, така во извештајот стои оваа фамозна реченица, засилена со некои слични понатаму:
„Вториот столб на политиката на администрацијата за Западен Балкан е натпреварување за
комерцијалните интереси на САД во регион кој нуди економски можности. Со
население од 18 милиони, регионот се наоѓа на главните транспортни коридори, поседува
природни ресурси, растечки технолошки сектор и квалификувана работна сила. Во
согласност со владите, Соединетите Американски Држави ќе ги охрабрат локалните напори за
подобрување на деловното опкружување, намалување на регулаторните несогласувања, зајакнување на спроведувањето на договорите и обезбедување транспарентни процеси на набавки што ги фаворизираат американските компании“.

За да нема забуна, истата позиција е дообјаснета во документот каде што стои дека „администрацијата ќе работи на тоа да обезбеди американските фирми да можат да дадат значителен придонес во стратешките инфраструктурни коридори, вклучувајќи го Јадранско-јонскиот коридор и Коридорот VIII од Јадранското до Црното Море. Соединетите Американски Држави ќе поддржат регионални форуми како што е Иницијативата Три мориња и ќе работат на проширување на билатералните договори, градејќи ги врз основа на меѓувладиниот договор меѓу САД и Србија од 2024 година за енергетската инфраструктура. Меѓувладините договори им овозможуваат на американските компании поефикасно да се натпреваруваат за стратешки проекти во транспортот, информатичката и комуникациската технологија и одбранбената индустрија против традиционалните и конкурентите со низок стандард“.
Според оценка на Стејт департментот, енергетската зависност од Русија останува стратешка ранливост во регионот, па затоа Вашингтон има решение за тоа кое одговара на интересите на САД исто така. Па, така стои дека „диверзификацијата на снабдувањето со енергија, вклучително и со изобилство на американски извори на енергија, ја подобрува регионалната стабилност и просперитет“.
„Течниот природен гас во САД, нуклеарната технологија (вклучувајќи мали модуларни реактори) и обновливата енергија нудат комерцијално привлечни, геополитички здрави алтернативи. Сите овие земји учествуваа на февруарскиот самит за трансатлантски гасен безбедносен систем. Србија и БиХ потпишаа заедничка изјава за инвестиции што можат да го зголемат безбедното и сигурното снабдување со енергија за Европа“, посочува Стејт департментот.
Притоа, Стејт департментот активно ќе се ангажира за „преточување на регионалниот интерес во комерцијални договори“, се разбира со Вашингтон, при што како приоритетни се споменуваат Јужната гасна интерконекција помеѓу Хрватска и БиХ, гасен интерконектор Србија-Северна Македонија, развој на хидроенергија во Албанија, БиХ, Северна Македонија и Србија, надградби на електраните на јаглен и проектите за гасификација на јаглен во Косово и дополнителни кабли за пренос што ги поврзуваат мрежите на Западен Балкан со европските пазари.
„Вклученоста на приватниот сектор на САД во овие проекти ја унапредува целта на администрацијата за елиминирање на несигурниот руски гас во регионот и го зајакнува пристапот до пазарот на САД“, стои во документот.
Како заклучок стои дека ќе Стејт департментот ќе соработува со Министерството за трговија, Меѓународната корпорација за развој и финансирање, Банката за извоз и увоз, Агенцијата за трговија и развој и други агенции за да идентификува, развива и унапредува договори што им користат на американските компании и на регионалните економии“.
Интересно притоа е како Вашингтон ги смета за фер царините од 15 отсто што и ги наметна на економски слабата македонска економија. Имено, во оценката стои дека американската администрација „е фокусирана на обезбедување фер, реципрочна трговија и елиминирање на бариерите за американските компании“, при што стои оценка која како да ја пишувал лично претседателот Трамп – дека се ова ќе обезбеди невиден пристап на САД до нашите пазари!
„Канцеларијата на трговскиот претставник на САД преговара за договори за реципрочна трговија со Северна Македонија и Србија. Рамковниот договор од февруари со Северна Македонија ќе им обезбеди на американските извозници невиден пристап до тој пазар“, се дополнува во документот.
На крајот, интересно е да се види како САД во кратки црти гледаат на економијата во регионот и во Македонија. Практично, пораката е дека иако директно не го посочуваат тоа) и на САД им пречи корупцијата и криминалот и ги гледаат како пречка за нивните интереси, покрај оценката за лошата состојба во други витални области. Така, во извештајот се оценува дека „регионот страда од дефицит во инфраструктурата, дека физичките транспортни мрежи заостануваат во однос на европските стандарди, зголемувајќи ги трошоците за бизнисите и ограничувајќи ја интеграцијата на пазарот“. Се оценува исто така дека дигиталната инфраструктура претставува предизвик со нееднаква покриеност на брз широкопојасен интернет и недоволен капацитет за сајбер безбедност за заштита на дигиталните мрежи во регионот кои се во пораст. Енергетската инфраструктура старее, дека е неефикасна и понекогаш премногу зависна од рускиот увоз, па се вели дека САД ќе продолжат со инвестиции во инфраструктурата во партнерство со американските компании.
Без ракавици е и оценката за начинот на кој се водат државите во регионот, вклучувајќи ја и Македонија:
„Слабото управување ги одвраќа инвестициите, ја нарушува конкуренцијата и е вектор за транснационален организиран криминал. Соединетите Американски Држави имаат комерцијален и стратешки интерес за поддршка на реформите што генерираат предвидливи, транспарентни, деловни средини врзани за правила во кои напредуваат американските компании. Програмата за развој на трговското право продолжува да гради партнерски капацитет за подобрување на комерцијалните судови, развивање закони за проверка на инвестициите и обезбедување правилата за набавки што обезбедуваат еднакви услови за американските компании. Бирото за Меѓународна борба против наркотици и спроведување на законот соработува со органите за спроведување на законот и обвинителите во регионот за да промовира добро управување и да ги разбие транснационалните криминални организации поврзани со нелегални активности во САД, вклучително и преку подобрување на ефикасноста и ефективноста на кривичните истраги и гонења“, очигледно не така како што се прави кај нас.
На крајот, во извештајот се порачува дека администрацијата на САД дава приоритет на соработката со партнерите за зајакнување на механизмите за проверка на инвестициите „што ја штитат критичната инфраструктура од предаторски странски аквизиции“. Според Вашингтон, Кина и Русија активно се обидуваат да ја искористат нестабилноста, корупцијата и слабото управување во регионот, при што јасно се разобличува практиката на кинеското инвестирање заради заробување држави.
„Одржувањето на стабилноста и проширувањето на трговската соработка се моќни алатки за справување со злобното влијание во Западен Балкан. Москва ги поттикнува етничките негодувања, финансиските дестабилизирачки актери и ги користи резервите на јаглеводороди за да изврши притисок врз политичарите и да ја ослабне довербата на јавноста во западните институции. Кина ја проширува својата мека моќ, а Пекинг користи трговија, државни заеми, мито, пропаганда и партнерства на елитно ниво за да го зголеми своето влијание, фокусирајќи се на области со ниска транспарентност и слабо управување. Кинеските компании честопати даваат пониски цени за набавките, само за подоцна да откријат пречекорувања на трошоците и доцнења на проектите што значително
ги зголемуваат вистинските трошоци. Фокусот на администрацијата на регионалната стабилност и комерцијалното ангажирање е најтрајната одбрана од двата облика на
мешање бидејќи земјите со растечки економии и транспарентни институции се
далеку помалку подложни на манипулации“, стои во извештајот.
Во извештајот се предупредува и на групите за организиран криминал од Западен Балкан како директна закана за националната безбедност на САД со закана дека оваа администрација ќе ги наруши и разгради овие мрежи каде и да дејствуваат.
Исто така индиректно се споменуваат и фондовите за помош од САД иако се избегнува да се наречат така. Имено, во документот стои дека „ администрацијата на САД ги насочува ресурсите кон активности што произведуваат јасни, демонстративни придобивки за американските интереси, давајќи приоритет на краткорочните, мерливи резултати пред градењето институции на неопределено време. Програмите за комерцијално ангажирање ќе нагласат олеснување на договорите, пристап до пазарот и реформи на инвестициската клима – активности со директна заработка за американските компании“.
Сумирано кажано САД сакаат да се натпреваруваат со ЕУ на наш терен, да купуваме американски гас без оглед на цената, ним да им ги дадеме коридорите да ги градат, нив да им отвориме врата за инвестиции во енергетиката од кои некои не водат кон зелена енергија туку обратно и да развиваат со нас фер трговија според американски критериуми.