Македонија и Хрватска станаа стратешки партнери (ВИДЕО)


Премиерот Христијан Мицкоски и неговиот хрватски колега Андреј Пленковиќ денеска во Охрид потпишаа договор за стратешка соработка меѓу двете земји, со што, како што беше истакнато, се отвора нова етапа во билатералните односи меѓу Македонија и Хрватска.Покрај договорот за стратешка соработка меѓу владите, беше потпишан и договор за соработка меѓу македонското Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и хрватското Министерство за економија, заради поголема енергетска стабилност и поврзување со регионалните енергетски мрежи.

На заедничката прес-конференција по потпишувањето на договорите, двајцата премиери истакнаа дека со овие документи се продлабочуваат и онака добрите и пријателски односи меѓу двете држави, при што Хрватска, како членка на НАТО и Европска Унија, останува еден од главните партнери на Македонија во евроинтеграцискиот процес.

– Особено сме задоволни што ја подигнуваме нашата соработка на повисоко ниво преку потпишување на договорот за стратешка соработка помеѓу двете влади. Овој договор е повеќе од дипломатски акт. Тој претставува рамка за долгорочно партнерство и јасна стратешка определба за продлабочување на нашите односи во области што се од суштинско значење за иднината на двете држави – изјави премиерот Мицкоски.

Со договорот ќе се овозможи поинтензивна соработка во повеќе стратешки сектори, меѓу кои транспортот, енергетиката, информатичко-комуникациските технологии, индустријата, здравството, образованието, јавната безбедност, цивилната заштита, одбраната, кибербезбедноста и управувањето со границите.Мицкоски посочи дека особено значајно е што договорот отвора простор за подлабока поврзаност меѓу институциите, компаниите, инвеститорите, академската заедница, граѓанскиот сектор и експертските заедници на двете земји. Практично група хрватски бизнисмени денес треба да има средба со бизнисмени од Македонија, при што Пленковиќ објави дека целта е поголема взаемна трговска соработка која сега достигнува 300 милиони евра, повеќе туристи во двата правци (сега очекуваше 50.000 од Македонија) и нова авионска линија со Охрид, за да дојдат хрватските граѓани тука.

Премиерите Мицкоски и Пленковиќ претходно одржаа тет-а-тет средба во Охрид, по што следуваше и билатерална средба на владините делегации. Од неговата изјава на прес конференцијата произлезе дека тема било и хрватското малцинство кај нас, паралелно со правата на македонското малцинство во Хрватска, а кое пак  треба да влезе во Устав во пакет со бугарското и други етнички групи. Пленковиќ ги спомена и долгорочните визи за транспортните работници нагласувајќи дека протестот укажал дека има потреба од олеснување, што Загреб веќе го направи.

Иако начелно ни даде поддршка за евроинтеграцијата и ја нарече „неправда што се случува 25 години“, тој не навлезе премногу во темата, освен што порача дека Загреб ќе настојува  да ни помогне  и дека верува дека заеднички можеме  да ги одблокираме тие процеси. Тој сметаше дека би било одбро тоа прашање да е постојано отворено со владите во Софија, во смисла  постојано да се разговара за него и да се бара решение. Тој тоа што се случува го нарече „важни, далекусежни и сериозни процеси“  нагласувајќи дека одлуката треба да ја донесе политичкиот естаблишмент. 

Затоа пак Мицкоски беше и подолг и поконфузен најавувајќи дека ако решението е во повторно правење идентитетска отстапка, тогаш нема да го прифатиме и ќе чекаме, но нема да се откажеме од евроинтеграцијата туку ќе се бориме на друг начин, т.е. и ќе чекаме и ќе се бориме.  Според Мицкоски, целта на владата е да бидеме дел од ЕУ, но нашето интегрирање се претворило во билатерализација на процесот.

Мицкоски исто така оцени дека членството одамна сме го заслужиле потсетувајќи дека евроинтеграцијата сме ја почнале заедно со Хрватска, а тие се внатре а ние сме надвор 25 години , бидејќи нашиот процес се соочува со непринципиелни блокади. Спасот го лоцираше воп спроведувањето на реформите, нагласувајќи дека со последната проценка за остварувањето на Планот за раст сме станале фронтранери,  а веќе е готов и Акцискиот план за малцинствата за кој само се чека сигнал од Брисел , за да помине на седница на Влада. (С.Ј.)