Гордан Калајџиев: Случајот „Мазут“ е образец за притисокот на власта врз обвинителите

Власта бара успех во борбата против корупцијата онака како што сака за да покаже дека има успех во борбата против корупцијата


 

Професорот на Правниот факултет, Гордан Калајџиев, вели дека ВМРО-ДПМНЕ мисли дека со фактот што победи на избори има право да управува со сите сегменти на државата и општеството. Премиерот јавно објавува војна против судиите и обвинителите, кои според него се главни виновници за слабиот успех во борбата со криминалот и корупцијата, вели Калајџиев во текст што го објавува „Трилинг“.

„Овој чуден конфликт помеѓу извршната и судската власт, вклучувајќи го и јавното обвинителство, во последно време доживува кулминација, при што се прави огромен притисок да се покажат резултати во борбата со криминалот и корупцијата, на начин на кој што тоа го очекува власта, а тоа е да се осудат што е можно поголем број претставници на претходната власт“, пишува професорот.

Според него, случајот „Мазут“ е илустрација за тоа.

„Предметот е со очигледни политички импликации, при што притисокот и влијанието на власта е отворен и нескриен. Обвинетите се товарат за наводна злоупотреба на процедурите за јавни набавки во услови на енергетска криза. И покрај секојдневното експонирање на случајот, воопшто не е јасно во што се состои криминалот и која е вистинската штета од него. Посебно е контроверзно што тврдењата се сосема различни и одат во крајности, од немање штета до милионски суми. Јавното обвинителство инаку веќе некое време оди по некоја чудна логика што кај јавните набавки како штета ја зема целокупната сума на јавната набавка (бизнисот), а не вистинската штета. На ова се додава и обвинение за перење пари, кое е сосема нејасно и произволно што во практиката создава нови контроверзии околу тоа што е воопшто перење на пари.

По цела година истрага, Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, ја запре истражната постапка со образложение дека не се најдени докази за криминал, ниту е утврдена било каква штета за компанијата или буџетот. Ваквата одлука предизвика лавина од реакции на дневна основа со напади и дисквалификации од повеќе високи владини и партиски функционери. Сите овие изразија згрозување и несогласување со ваквата одлука, па следуваа барања за одговорност, оставки и преиспитување на одлуката. Премиерот не го криеше ни тоа дека лично му се јавил на државниот обвинител да се распраша и да ургира за случајот. Истовремено голем притисок е извршен и врз компанијата ЕСМ, со цел таа да изјави жалба на ваквата одлука, кое право оштетениот го има според Законот“, наведува Калајџиев.

Тој вели дека прашањето на штетата и оштетеното побарување на ЕСМ е многу контроверзно. „Наспроти тврдењето на МВР во кривичната пријава, дека ЕСМ претрпела загуба во износ од 167 милиони евра, претставниците на оваа компанија сослушани во постапката пред јавниот обвинител во рамки на истражната постапка изјавиле дека штета нема. Овие околности се битни и за тоа дали компанијата воопшто може да се жали до повисокиот јавен обвинител, под услови дека штета не е предјавена. Со тоа компанијата правно го губи правото што го имала како потенцијален оштетен. Според нашиот правниот систем, постапката за штета што се води заедно со кривичната постапка, се води по правилата на граѓанската постапка, според која ако оштетениот се откаже од правото на имотно-правно побарување, таа постапка се запира. Па така, наместо правно експертски полемики и анализи на одлуката за запирање на истрагата, во јавноста имаме вистинска политичка хајка кон обвинителката Коларевиќ и нејзиниот претпоставен Абази (шеф на обвинителството за организиран криминал и корупција).

Останува да видиме што ќе одлучи Вишото јавно обвинителство по жалбата на ЕСМ. Може да ја отфрли како недозволена (ЕЦМ нема предјавено штета!), да ја потврди одлуката на ЈООКК или да ја уважи и да бара продолжување на постапката. Последново е исто така спорно, ако се знае дека вештачењето на ЈООКК не утврдило штета. ЗКП навистина допушта во определени ситуации вештачењето да се врати на доработка, но тоа ЈООКК требало да го направи кога го добило, а не сега, откако донело одлука“, оценува професорот Гордан Калајџиев.