СДСМ: Долгот надмина 11 милијарди евр, Кочовска се крие


СДСМ обвини дека министерката за финансии Гордана Кочовска избегнала јавна дебата за состојбата на државниот буџет и јавниот долг, откако претходно самата ги повикала на средба.Од партијата велат дека веднаш ја прифатиле поканата, но побарале разговорот да се одржи јавно, пред камерите и пред граѓаните, за да се презентираат фактите и бројките поврзани со државните финансии.

„Министерката за финансии Гордана Кочовска нè повика на средба за, како што самата рече, ‘убаво да ги објасниме работите’. СДСМ веднаш ја прифати поканата, но побаравме разговорот да биде јавен. И потоа избега. Ниту вчера ја немаше во Собранието“, наведуваат од СДСМ.

Од опозициската партија тврдат дека Владата за две години ја задолжила државата за околу 2,5 милијарди евра и посочуваат дека јавниот долг пораснал од околу 8,5 милијарди евра на над 11 милијарди евра.

Според СДСМ, новите задолжувања не донеле повисоки плати, подобар животен стандард, нови мерки против поскапувањата или поголема поддршка за земјоделците.

„Граѓаните се посиромашни, цените растат, субвенциите се намалени, а земјоделството е пред колапс. Затоа прашуваме каде завршија овие пари“, велат од СДСМ.

Од партијата обвинуваат дека средствата завршиле во, како што наведуваат, „криминални тендери и луксузи на власта“, оценувајќи дека токму поради тоа министерката избегнува јавна расправа за финансиската состојба во државата.