Левица: Министерството за образование е како селска крчма


 
Последниот јавно-достапен извештај, на Државен завод за ревизија, за Министерството за образование и наука е уште еднa потврда дека образовниот систем во Македонија функционира како партиски плен на ДПМНЕ и СДС, а не како институција што треба да се грижи за создавање знаење, кадар и иднина за државата, коментира Левица во денешното соопштение. Според партијата, ако се чита извештајот се поставува прашањето дали Министерството е јавна институција или селска крчма во која не се знае кој пие, кој плаќа?
 
„ Ревизорите во извештајот даваат јасна слика за хаос, нетранспарентност и неодговорност во трошењето на јавните средства. Наместо домаќинско и законско управување со буџетот, МОН функционира како институција без јасни процедури, без контрола и без одговорност.Станува збор за сериозни наоди и пропусти:
 
 Над 25 милиони евра буџетски средства за стипендии во странство дадени изминативе 15 години, без јасна процедура за ангажирање на овие кадри во државата, како повраток на инвестицијата.
 
Над 60% од додипломците и над 48% од постдипломците кои студираа на елитни странски универзитети, на трошок на државата, не се вратиле назад или не платиле пенали;
 
 Над милион евра годишно се давани на економски оператори за „техничко уредување“ на учебници кои веќе биле технички уредени и така со години наназад. Сумите за ова техничко уредување на одредени учебници се поголеми од сите останати услуги (превод, лектура, редакција);
 
 Студентски дом во Тетово вреден над три милиони евра е пуштена без технички прием и без функционална опрема (платена) што ја први институцијата и инвестицијата нефункционална;
 
 Заемот од неколку милиони евра од Светска банка, за унапредување на основното образование, се спроведува без транспарентост во делот на набавка на консултантски услуги и најдобра цена за вредност;
 
Реконструкции на основните и средите училишта со пробиени буџети, без утврдени цели и приоритети, без индикатори за успешност и без утврдени критериуми за селекција на училиштата и без утврдена постапка за доделување на средствата;
 
 Немање реални критериуми за распределба на блок-дотациите за основните и средните училишта.
 
 Во секоја сериозна држава ваков ревизорски извештај ќе имаше сериозни последици за целиот раководен кадар, почнувајќи од министерот кој би си дал сам неотповиклива оставка. Кај нас извештајот ќе остане само мртво слово на хартија, а институцијата ќе продолжи да си функционира „како и до сега“.Се поставува прашањето, зошто воопшто постои ДЗР, ако неговите наоди остануваат на хартија, а препораките не се спроведуваат со децении? Каков образовен систем имаме, ако за потрошените буџетски средства во непродуктивни, нетранспарентни и незатворени постапки никој не одговара со децении? Ваквата состојба е уште еден доказ дека Македонија нема институционален капацитет, а институциите се претворени во партиски експозитури и центри на клиентелизам“, стои во реакцијата.
 
Левица се залага за редефинирање на институционално-административните капацитети, процедурите и механизмите за контрола, со јасна одговорност за секој потрошен денар.
 
„Овие промени треба да почнат од МОН и сите негови сектори, како основна причина за досегашната состојба во образованието. Без институции со јак, развиен оперативен систем, нема капацитет за спроведување реформи и образовен прогрес“, стои во реакцијата.