СДСМ тврди дека Мицкоски знаел за државјанството на Груевски. Затоа не се испраќаат документите


 

„Со месеци СДСМ предупредува дека Никола Груевски поседува државјанства и пасоши од други држави, меѓу кои и унгарски. Мицкоски го знаел тоа цело време и свесно ги лажел граѓаните“, рече портпаролот на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-коференција. „Затоа Мицкоски изјавуваше дека Груевски ќе биде уапсен и затоа до денеска нема испратено документи за негова екстрадиција во Македонија“, рече таа.

„Помина повеќе од еден месец откако беше најавено дека во Министерството за правда се подготвуваат документите за екстрадиција. Граѓаните слушаа најави дека документите се подготвуваат, дека патуваат, дека постапката за ново барање е во тек. И што се случи – документите никогаш не беа испратени.

Вчера Министерството за правда соопшти дека постапката за екстрадиција продолжува и покрај информациите за унгарско државјанство. Но и ова е лажна изјава за создавање привид дека нешто се работи.

Да сакаа Мицкоски и Филков досега барањето за ексрадиција ќе беше испратено, веднаш по најавите на новиот унгарски премиер, Петер Маѓар, уште пред еден месец дека Унгарија нема повеќе да биде заштитник на криминалци .

Вистината е многу едноставна – Мицкоски и Филков не сакаат Груевски да биде екстрадиран, затоа го штитат. Мицкоски не го сака враќањето на Груевски затоа што тоа директно би ја загрозило неговата позиција во ВМРО-ОКГ“, изјави Кузеска. 

„Доста лажете. Доста криминалци штитат криминалци. Испратете ги документите веднаш“, рече Богданка Кузеска на прес-конференцијата.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека владата нема информации за унгарското државјанство на Груевски.