Филипче: Македонскиот идентитет го загрозуваат криминалот и корупцијата на ВМРО-ДПМНЕ, а не малцинствата
„Мицкоски лаже, македонскиот јазик е признаен во ЕУ“, обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, посочувајќи дека Мицкоски изнесува лаги за загрозување на македонскиот јазик во европските процеси.
Околу јазикот и неговата загрозеност Филипче рече исто така дека е лажна тема.
„И кога го спомнувате јазикот. Многу битна тема, поради тоа што многу често се користи како изговор, премиерот го спомнува идентитетот, јазикот и така натаму. А тоа е само уште една тема на којашто гледаме дека човекот е лажго. Премиерот лаже. Прво, кажуваше дека со владата на Зоран Заев нема да добиеме датум за преговори, па добиваме. Па кажуваше дека јазикот е загрозен со Преспанскиот договор, дека имало некакви фусноти и така натаму, што излезе дека е лага. Па да повторам дека лажеше дека ќе го поништи и не го признава Преспанскиот договор. И после тоа дојде Францускиот предлог, во којшто јасно стои дека македонскиот јазик го признаваат сите земји членки на Европската Унија. Во Францускиот предлог, односно точно во преговарачката рамка стои македонски јазик. И со тоа бугарскиот парламент ја изгласа преговарачката рамка за нас. Таму стои македонски јазик. Ниту како е цитирано во Уставот, ниту фуснота. Чист македонски јазик“, потенцираше Филипче.
Со тоа, според него, паѓа во вода и таа лага на премиерот дека некако македонскиот јазик е загрозен, потенцирајќи дека во преговарачката рамка стои чист македонски јазик, изгласан од сите земји членки на Европската Унија.
„И тоа е вистината. И тоа граѓаните мора да го знаат. Да не ги лаже веќе премиерот дека тој е некаков голем патриот. Тој е лажен патриот“, заклучи Филипче.
„Новиот премиер на Бугарија, Румен Радев, не е непознат фактор во бугарската политика. Неговите ставови кон Македонија, македонскиот јазик, македонскиот народ, идентитет и историја се добро познати. Тој и досега јасно покажал дека Бугарија нема намера да отстапи од своите позиции, ниту пак да се повлече од условувањата кон Македонија. Напротив, очигледно е дека официјална Софија ќе продолжи со притисоци и блокади секогаш кога тоа ќе ѝ одговара.Во вакви околности, кога е потребна јасна осуда и цврст став во одбраната на македонските интереси, Венко Филипче избра спротивен пат. Филипче и СДС го избраа антидржавниот, бугарски пат.
Наместо да застанат на страната на Македонија, тие испраќат јасна порака дека доколку дојдат на власт, би ги спровеле уставните измени и би прифатиле политики кои се во согласност со барањата на Бугарија. Откажување, попуштање и тргување со најважните национални прашања. Филипче и СДС немаат проблем со овие предавства, заради лични и финансиски интереси.Тоа што Зоран Заев го започна, Венко Филипче очигледно е подготвен да го доврши“, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.