Како Пакистан ја призна Република Македонија: Сведоштво на Љубе Трпески
Љубе Трпески
Еден ден, пролетта 1993 година, ми се јавува тогашниот директор на „ЕМО“ од Охрид, Илија Иљоски и ми кажува, дека, во посета на „ЕМО“ е еден бизнисмен од Пакистан, со кого „ЕМО“ има добра соработка, развиен бизнис, посебно, во извозот на трансформатори преку неговата фирма, во Пакистан. Тој бизнисмен, пројавил интерес да се сретне со некој министер од Владата со цел за проширување на економската соработка.
Се договоривме, да го примам и утредента, заедно, дојдоа во мојот кабинет. Уште од првиот момент оддаваше впечаток на сериозен бизнисмен, од него извираше смиреност и мудрост, својствена на луѓето од Далечниот Исток. Во разговорот на почеток јас му ја опишав економската и политичката состојба во Република Македонија. Знаејќи, колку се осетливи луѓето од исламските земји по прашањето на верата, му потенцирав дека муслиманите во Република Македонија ги уживаат сите верски права и слободи.
„Забележав“, вели, „на патот од Охрид до Скопје, многу новоизградени џамии, повисоки и од нашите во Пакистан. За жал“, продолжи, „во Пакистан многу малку се знае за Република Македонија“.
Таа негова констатација, јас ја искористив, да го поставам главното прашање што мислев да го поставам, уште од моментот кога се договоривме да се сретнеме. „Па не може народот на Пакистан да знае за Република Македонија“, му велам, „ако Владата на Пакистан сè уште не ја има признаено Република Македонија“.
„Па зарем е можно“ вели, „зошто тоа не се случило?“.
„Не знам, треба да ја прашате Вашата Влада“, му одговорив јас.

Тогаш тој се насмеа и рече: „Знаете ли Вие дека Премиерот на Владата на Пакистан ми е роден брат“.
Тогаш јас погледнав на визит-картата што ми ја даде на почетокот од средбата, неговото презиме беше Куреши. (Во тоа време, премиерите во Пакистан ги менуваа на секои шест месеци, и токму во тој период, Премиер беше господинот-Куреши, познат и признат банкарски стручњак, своевремено беше и Потпретседател на Светската банка. )
„Навистина г-динот Куреши Вам Ви е брат?“ – го прашувам, истовремено и зачуден и пријатно изненаден.
„Да тој ми е роден брат и моментално е на операција во Вашингтон, за една недела ќе се врати и јас ве уверувам дека веднаш после тоа Вие ќе добиете Нота со којашто Владата на Пакистан ја признава Република Македонија“.
Јас помалку возбуден од укажаната можност му велам: „Ама имаме уште едно додатно барање, а тоа е, Пакистан да не признае под нашето уставно име“.
На тоа тој додаде: „Па тоа е нормално, како би можело, поинаку“.
Му велам: „За жал на овие простори не е нормално, нашиот јужен сосед Грција, прави проблеми и таму каде што има влијание врз земјите, не дозволува тие да не признаат под името Република Македонија туку под името Поранешна Југословенска Република Македонија“.
„Те молам запиши ми го името под кое треба да биде признаена државата“, ми вели.
Јас му го запишав уставното име на нашата држава и му ветив: „Ако навистина се случи ова, што Вие ми го зборувате, Пакистан набрзо да ја признае Република Македонија, јас, од моја страна, Ви ветувам дека, веднаш после тоа, ние ќе Ве именуваме за почесен конзул на Република Македонија во Пакистан. И ако сакате тоа да го потврдиме еве јас Ви предлагам да го посетиме нашиот Премиер којшто тоа ќе Ви го потврди“.
„Би ми било голема чест да се видам со Вашиот Премиер“, сигурен во себе и смирен, одговара г-динот Билал Куреши.
Го завртив телефонот, и ја замолив секретарката Махи да ме поврзе со Премиерот. Откако ме поврза му велам на Премиерот: „Претседателе, овде кај мене има еден бизнисмен од Пакистан којшто е заедно со директорот на „ЕМО“ од Охрид и тој ми ветува дека за недела дена Република Македонија ќе биде признаена од Пакистан, а јас за возврат му ветив дека ако тоа се случи ние ќе го именуваме за почесен конзул, па би Ве замолил накратко да не примите и да му го потврдите тоа“. Се договоривме да појдеме кај него за половина саат.
На средбата со Премиерот му ја раскажав приказната, дека г-динот што седи наспроти него е роден брат на Премиерот на Пакистан, и дека ветува за недела дена откако брат му ќе се врати од САД, каде моментално е на лекување, Пакистан ќе ја признае Република Македонија и тоа под нејзиното уставно име.
„Ако навистина тоа се случи, еве јас Ви ја подавам раката, ние навистина ќе Ве именуваме за почесен конзул како што ви ветил Министерот Трпески“, му вели Премиерот. Така заврши таа средба.
Наредните денови ми поминаа во исчекување, дали навистина ќе се случи тоа, што г-динот Куреши ни го вети. И навистина, точно онака како што рече, во предвидениот термин што го вети, стигна Нота во нашето Министерство за надворешни работи дека Пакистан ја призна Република Македонија.
Министерот за надворешни работи, на седница на Влада, тоа го образложи како голем успех на македонската дипломатија, затоа што, признавањето од страна на Пакистан, една од најголемите исламски земји во светот, на Република Македонија, под уставното име, ќе даде поттик и другите земји од исламскиот свет да го направат истото.
Премиерот го гледа и се смешка. Откога министерот заврши со излагањето, му вели: „Припремете документи, за назначување почесен конзул на Република Македонија во Пакистан. Министерот Трпески ќе Ви го даде името на лицето што треба да се назначи“ и премина на друга точка од дневниот ред.
Подоцна, за време на ручекот, им објаснивме, на останатите членови на Владата, како се случи, Пакистан да ја признае Република Македонија.
Можам да замислам како се чувствуваше министерот за надворешни работи, на „пацките“ што му ги упатуваше Премиерот, за „големиот придонес“ што го дале Министерот и Министерството за признавањето од страна на Пакистан на нашата држава.
Откога го именувавме г-динот Билал Куреши за почесен конзул на Република Македонија во Пакистан, со задоволство отидов во Пакистан да ја предадам Нотата во Министерството за надворешни работи, за неговото наименување за почесен конзул.
(Љубе Трпески (1947) е македонски економист, универзитетски професор, поранешен министер во македонската влада и поранешен гувернер на Народна банка на Македонија)