Филипче: Мицкоски лажеше за криминал со коридорите, а во надзорот влегол кадар на ВМРО


Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека премиерот Христијан Мицкоски додека беше во опозиција, лажел и обвинувал за криминал за Коридорот 8,  додека во фирмата за надзор е влезен кадар на ВМРО. Филипче посочи дека станува збор за значаен инфраструктурен проект кој неправедно беше политизиран и искористен за напади од страна на ВМРО додека беа во опозиција.

„Коридорот е добар проект. Тоа беше коридор за кој што ние од страна на Христијан Мицкоски бевме обвинувани дека е некаков голем, страшен криминал. Излезе една новинарска анализа, по обвинувањето за надзорот на автопатиштата, за што тогаш во опозиција Христијан Мицкоски обвинуваше дека станува збор за кој знае каков криминал и дека некој ќе одговара, а во фирмата влегол претставник, член поранешен на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Филипче.

Во одговорот Филипче нагласи дека суштинското прашање е како Владата на ВМРО е вградена во секој проект за да зема пари.

„Тоа е вистинското и суштинско прашање. Не се проблем коридорите, патиштата, сè што се гради од државава. Прашање е како оваа банда е вградена во секој проект за да зема пари. Тоа е клучното прашање“, рече Филипче.

Тој оцени дека политиките на ВМРО се засноваат на опасни наративи кои не носат напредок, туку изолација и стагнација на државата. Филипче посочи дека на Мицкоски и неговата влада, не им се важни граѓаните, важен им е само нивниот луксуз.

„Она на што игра ВМРО е приказна на предавници и странски платеници. Иста реторика од деведесеттите години во минатиот век, која донесе единствено до конфликт и изолација. Е, тоа е тоа што тие го сакаат. Народот да гладува, а тие да носат часовници од 60 илјади евра, да купуваат нов авион додека некој нема за леб. Банда обична. Собир на криминалци кои ве лажат“, рече Филипче.

Тој додаде дека на владата ВМРО и се проблем реформите затоа што тоа значи продолжување на интеграциите во Европската Унија, европска контрола, одговорност, а тоа тие не го сакаат.

 

„Реформите се проблем за нив, затоа што реформите значат продолжување на интеграциите во Европската Унија. Реформите значат демократско и праведно општество. Реформите значат независно судство, европско јавно обвинителство и одговорност. Некој мора да одговара за кражбата. А тие тоа не го сакаат. Затоа ги држат сите граѓани како заложници со лаги, со предавници, со лажни вести, со лажни афери, Харис Џиновиќ, Дубаи, згради и со цела таа пропаганда, која што секојдневно ја гледаме – орбановата медиумска машинерија, која работи деноноќно и го труе јавниот простор“, рече Филипче.