Полскиот министер азилант избегал во САД, дали Трамп ќе му даде виза и на Груевски?
Збигњев Зиобро е баран во Полска поради наводна злоупотреба на јавни средства и распоредување на шпионскиот софтвер Пегазус против политичките противници
Поранешниот полски министер за правда Збигњев Зиобро, кој е во бегство, сега е во Соединетите Американски Држави благодарение на визата од претседателот Доналд Трамп откако избега од Унгарија, јавуваат локалните медиуми.
Зиобро беше во Унгарија од 2025 година откако поранешниот премиер Виктор Орбан му даде азил на осрамотениот министер. Сепак, новиот унгарски лидер Петер Маѓар вети дека ќе започне постапка за екстрадиција против Зиобро по преземањето на функцијата.
Зиобро е баран во Полска поради наводна злоупотреба на јавни средства и употреба на шпионски софтвер „Пегасус“ против политички противници. Тој постојано ги негира обвиненијата, нарекувајќи ја истрагата политичка вендета од полскиот премиер Доналд Туск.
Телевизијата „Република“ претходно објави дека Зјобро се наоѓа во САД. Либералниот канал ТВН24 објави фотографија од него на меѓународниот аеродром „Њуарк Либерти“, за која се наведува дека е направена од друг патник. Сè уште не е јасно како Зјобро успеал да отпатува во САД, бидејќи Полска претходно соопшти дека неговите патни документи, вклучувајќи го полскиот и дипломатскиот пасош, биле одземени. Според локалниот портал „Онет“, тој добил американска новинарска виза поврзана со телевизијата „Република“, која подоцна објави дека го ангажирала како политички коментатор во САД.
Актуелниот полски министер за правда Валдемар Журек на платформата „Икс“ напиша дека Полска ќе се обрати до властите во САД и Унгарија со барање за објаснување за правната основа која му овозможила на Зјобро да влезе во САД без важечки документи.
„Нема да престанеме со напорите да обезбедиме тој и Марчин Романовски да одговараат пред полското правосудство“, наведе Журек.
Тој претходно изјави дека, доколку се потврди дека Зјобро се наоѓа во САД, Полска ќе побара негова екстрадиција.
Зјобро беше лидер на ултраконзервативната партија „Суверена Полска“, коалициски партнер на националистичката партија „Право и правда“ (ПиС), и ја извршуваше функцијата министер за правда и државен јавен обвинител од 2015 до 2023 година. Тој е познат и како клучен креатор на контроверзните реформи во судството, кои предизвикаа судир меѓу Полска и Европската комисија.
На прашањето за можната екстрадиција, Зјобро изјави дека е подготвен да се појави пред суд. „Подготвен сум да се соочам со секој суд, а американскиот суд несомнено е независен суд“, рече тој, додавајќи дека постапките за екстрадиција во САД се сложени. Тој ги отфрли сите обвиненија, обвинувајќи ја центристичката полска влада дека спроведува „лов на вештерки“ против конзервативците.
Овoj случај има политичка тежина и за нас и го отвора прашањето дали Трамп ќе му даде виза и на Никола Груевски? За разлика од полскиот екс функционер Груевски фигурира на црната листа на САД па веројатно ќе треба да се бара друга земја, ако не добил веќе државјанство во Унгарија.