Миконос


ЛЕЈЛА САБИТ

Во Охрид сите се знаеме, во Маврово ни е дежа ви и ладно, Азурен Брег ни е скап, а за Малдиви немаме сметки во офшор-банки.

На одмор сакаме да се пофалиме, а поевтино да поминеме, да поцрниме, а да не изгориме, да ослабиме, а да не се пијаниме, да ни биде топло и да шетаме боси, да нè зборуваат, а да не нè озборуваат, да нè спомнуваат по арно, а не по лошо, по фустаните, а не за табиетот.

Да сме подалеку од политика иако пак ќе збориме за политика, поблиску до наши и непознати странци, да се разбираме, а да слушаме само англиски или германски, да се опуштиме, а да не бидеме во грч, само убави мисли, а не сеир, злоба и простаклак.

Воздухот да мириса на море и на олеандри, на парфеми, а не на ѓубре и пот, на масло за сончање и на лаванда, да уживаме и да се почувствуваме Европејци, да замолчиме за миг и да читаме книги на плажа, повеќе да пливаме отколку да правиме селфи.

Погледот да ни талка по хоризонтот, некаде таму во далечина, со едрилиците и понекоја јахта, да се препуштиме на звуците на галебите и на штурците, да се осамиме сами со себе, во тишина, да се откачиме од познатото, да запловиме во непознатото.

Јавето да стане сон, пеколот – рај, место кафе да се будиме со коктели, семејството да биде покрај нас, непријателите подалеку од нас, да мезиме и да се освежуваме цел ден и ноќ.

Сè што е убаво – кратко трае. По летен мамурлак, доаѓа болно трезнење. Се враќате дома, пак се фаќате за политика, пак на работа, сите се будат со негативна енергија, на социјалните мрежи продолжува сеирот, омаловажувањето и барањето влакно во јајце, соседите пак косат трева во 7 сабајле, сметките се трупаат, селфињата се намалуваат, нервозата ја лечиме со храна, а зависта со нови зависности.

Во лето, како и во животот, некогаш е убаво да стоите на сонце, а некогаш е подобро во сенка.

Не знаеме да се радуваме на убавото и на среќните моменти, на сончевите зраци и што сме здрави и живи со секој нов ден.

Чудно е колку малку ни треба да бидеме среќни, и уште почудно, колку малку ни треба да бидеме и несреќни!

Миконос или пуста плажа, сликата за рајот е во вас, а не околу вас!