Мицотакис и Преспа


ПЕТАР АРСОВСКИ

 

По победата на Нова демократија на парламентарните избори во Грција, главна вест во Македонија е новата грчка влада, и сомнежот дека политичките промени во нашиот јужен сосед можат да означуваат и остро вртење во десно во однос на Преспанскиот договор, што последователно би значело и загрозување на нашите евроатлантски, или во овој случај најверојатно само европски амбиции. Што треба да очекуваме од Мицотакис, се прашуваме сите. Политичарот кој беше еден од најгласните противници на договорот од Преспа, нарекувајќи го предавство на грчките интереси, штетен договор кој не смее да се потпише и ратификува, сега има апсолутно мнозинство во грчкиот парламент и реално е во позиција да направи нешто по тоа прашање. Оттаму, реална е загриженоста во Македонија дали новата грчка влада ќе има и нов однос кон нас и нашето новонајдено пријателство со Грција.

Едноставниот одговор е – не. Со малку повеќе домашна драма, со малку покомплицирана имплементација и интерпретација на напишаното, договорот од Преспа ќе остане. Евроатлантските интеграции на Македонија ќе продолжат. Пријателството ќе се задржи. Она што ќе се смени, најверојатно, е климата и тонот на кој комуницираме, како и толеранцијата кон некои прашања. Тоа, на крајот, е можеби добро за нас.

Еве зошто мислам дека е речиси невозможно преспанскиот пакет да се проблематизира. Прво, ако се тргне домашна реторика од равенката, геостратегиски интерес на Грција, всушност, е регионот што побрзо да се развие и да се интегрира во ЕУ. Тоа би обезбедило дополнителна стабилност, безбедност, би отворило нови пазари за извоз, како и нови можности за грчки инвестиции. Така, реалниот интерес на грчката надворешна политика е пакетот постигнат во Преспа, не само да се задржи туку и да се забрза. Во овој пакет Грција е заинтересирана регионот што побрзо да се стабилизира, да се унапреди и да не остане сива зона во евроинтеграциите. Овој интерес нема врска со тековната политика, домашната реторика или желбите на политичките елити, туку е константа, па така, не верувам дека Мицотакис би направил нешто да го загрози реалниот геостратегиски наратив на својата земја.

Второ, Мицотакис има многу поголеми и поитни предизвици одошто проблематизирањето на договорот за името. Тој доаѓа на власт во време кога Грција излегува од мерките за штедење, па очекувањата ќе бидат големи. Домашната јавност очекува инстант бум на економијата, вработените во јавните установи очекуваат зголемување на поволностите, бизнисот очекува раст на БДП, а граѓаните намалување на даноците. Сето тоа мора да се одвива под будното око на меѓународните кредитори, кои очекуваат засилен економски раст без расипништво, со релативно силна финансиска дисциплина и релативно големи буџетски дефицити. Притоа, проблемот со името веќе не е жешка тема во грчката јавност која мобилизира голем број гласачи на суштински начин. Така, тој не би имал многу што да добие, но има што да изгуби ако наместо со економија, се занимава со национален романтизам.

Трето, возот со Преспанскиот договор и добрососедството е веќе заминат и политичката цена за ревизија на овој наратив може да биде огромна. Мицотакис, кога би сакал да го проблематизира овој пакет, ќе мора да оди против целата меѓународна заедница, која договорот веќе го прогласи како огромен успех, „блескав пример за добрососедство“, а лидерите кои го постигнаа ги номинира за Нобелова награда. Од ваква позиција, едностраната ревизија на овој пакет би значела конфронтација со многу посериозни меѓународни интереси и сили, која на Мицотакис лично, па делумно и на Грција, повторно би ѝ го вратило имиџот на „лошото момче“, од кој едвај се спасија со мерките за штедење и со овој договор. Така, не верувам дека која било политичка елита во Грција би сакала да се доведе во ситуација повторно да биде мета на меѓународната заедница поради неодговорно однесување.

Четврто, на Мицотакис совршено му одговара оваа позиција – друг го потпиша договорот и ќе биде политички „виновник“ за штетата, а ползата ќе ја искористи токму Мицотакис. Плус, секогаш кога ќе има потреба, ќе може со релативно бенигната домашна мини драма околу штетноста на договорот и загрозените национални интереси, да дефокусира од домашните проблеми. Така, ќе дојдеме до класичната балканска политичка школа: дома ќе врескаат, а надвор ќе мјаукаат, со многу удирање во гради и домашна драмолетка, а со целосна кооперативност и „мижи-бутај“ надвор, договорот ќе си врви како подмачкан.

Петто, единствената категорија во која очекувам заострување на позициите е имплементација на договорот и интерпретацијата на неговите сè уште отворени прашања, што не мислам дека за нас е неопходно лоша позиција. Мислам дека за двете страни е здраво во имплементацијата на договорот да нема попуштања. Ние имаме делови од договорот кои не се имплементирани, што само остава една рана незалечена, и затоа мислам дека таков дипломатски притисок всушност ќе нè префрли побрзо преку брегот, ќе нè натера да го завршиме тоа и да се посветиме на наредниот предизвик, што е секако полезно. Истото важи и за Грција, која треба да се соочи со ова прашање што побрзо. Затоа, што побрзо и построго, тоа подобро за сите – отворените прашања на Балканот со текот на времето не венеат, туку вивнуваат во неконтролиран плевел кој после никако не се искоренува.