Мицкоски пак повика на обединување, додека ВМРО-ДПМНЕ го нарече Филипче бугарски пион

Ниту една лична амбиција не смее да биде поважна од иднината на нашите деца, рече Мицкоски во Разловци и ги нападна политичките противници


 

На 150-годишнината од Разловечкото востание премиерот Христијан Мицкоски повторно повика на национално обединување, во истиот ден кога од неговата партија ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го обвини лидерот на опозицијата дека бил пион на Бугарија.

Во говорот во делчевското село Разловци Мицкоски повика на обединување за државните и националните интереси затоа што ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината и ниту една лична амбиција не смее да биде поважна од иднината на нашите деца. „Да не дозволиме никој да ја понижува државата. Нивната жртва (на востаниците) нека биде наш завет“, рече тој.

Разловечкото востание беше кренато на 19 мај 1876 од триесетина души предводени од Димитар Беровски и Поп Стојан. Во наредните денови бројот на востаниците се искачи на 300 кои се движеле во Малешевијата. Востанијето било задушено за десет дена, на 29 мај.

Разловечкото востание, и покрај неговиот неуспех, е важно што ја поттикнува македонската свест за слобода. Турското владеење Мицкоски во говорот го нарече „едно тешко и мрачно време“.

„Во овие села, по овие ридови и планини, се роди мислата дека татковината не е само земја, туку идеал за кој вреди да се страда, да се жртвува и да се живее. Разловечкото востание е темел. Тоа е првата искра што подоцна ќе прерасне во големиот пламен на револуционерната борба, на Илинден, во Крушевската Република, во сите жртви и сите генерации што ја носеле татковината во срцето“, рече премиерот.

Мицкоски потоа се врати на омилената тема дека „оваа држава не смее да биде држава на понижувања, отстапки и распродажби. Овој народ премногу страдал за да дозволи некој лесно да тргува со неговата чест, но и идентитет и историја“.

Тој рече дека „мора да се обединиме за државните и националните интереси. Затоа што ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината. Ниту една лична амбиција не смее да биде поважна од иднината на нашите деца“.

Не е јасно кому му го упати повикот за обединување кога во исто време ги нападна неговите политички противници дека не покажале подготвеност да се жртвуваат за татковината а им давале отстапки на другите. И дека народот треба да биде внимателен за кого гласа.

„Оваа земја најмногу страдала тогаш кога однатре имало луѓе подготвени за личен интерес да ја наведнат државата. Народот мора да биде внимателен кому му ја доверува иднината. Да не им верува на оние што лесно се нудат за власт, а никогаш не покажале подготвеност да се жртвуваат за татковината. На оние што пред народот зборуваат за патриотизам, а зад затворени врати им даваат подароци и отстапки на оние што не ѝ мислат добро на државата. Да не дозволиме никој повторно да ја продава како евтина политичка монета“, потенцира Мицкоски. 

Наведувајќи патриотски пораки Мицкоски рече дека Македонците се „народ со огромна душа. Народ што поминал низ поделби, неправди, војни и негирања, а сепак опстанал. И затоа никој нема право да ја потценува силата на народот“.

Тој порача дека мора да се изгради држава што нема да живее од минатото, туку ќе ја гради иднината врз темелите на својата историја.

„Мора да се обединиме за државните и националните интереси. Затоа што ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината. Ниту една лична амбиција не смее да биде поважна од иднината на нашите деца“, рече премиерот. 

Додека премиерот Мицкоски во Разловци повикуваше на обединување, портапролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, рече дека Венко Филипче „соработува со нашите негатори“. „Со ваквите мекотелни политики, Филипче им дава простор на бугарските власти да нѐ уценуваат и да велат дека има мала група на политичари во Македонија која ќе им ги исполни нивните барања. Филипче и натаму останува лојален кон Бугарија“, рече Манасиевски.