Мицкоски најавува трансформација на патната инфраструктура 


Делницата Климештани-Охрид од автопатот Кичево - Охрид

 

Македонија ќе добие шест нови автопатски решенија. Проекциите се дека тие ќе бидат завршени до крајот на 2027 година, истакна вчера на брифинг со медиумите премиерот Христијан Мицкоски. 

Автопатот Кичево-Охрид продолжува да се гради, финансии во висина од 175 милиони евра се обезбедени од домашни банки, а делницата Извор-Врбјани ќе биде пуштена до октомври, додека делницата Врбјани-Ботун е веќе пуштена во употреба. Во периодот од јануари до март 2027 година ќе биде пуштена во употреба и делницата од Кичево кај Иванин дол, по што остануваат уште 3 километри кај Букојчани кои треба да се поврзат со автопатот кој го гради „Бехтел и Енка“. 

Проектот Букојчани-Кичево во вредност од 220 милиони евра е финансиран од Европската банка за обнова и развој, а е планирано да започне со реализација во септември или октомври годинава. 

Делницата Блаце-Скопје во вредност од 215 милиони евра треба да започне со реализација идниот месец. Евалуацијата на тендерската постапка е завршена. Според информациите кои ги сподели премиерот, имало жалба на првичната одлука, но е одбиена во втор степен, со што останува само да се започне со реализација на проектот. 

Дел од низата се и делниците Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани и Прилеп-Битола кои ги изведува конзорциумот „Бехтел и Енка“. Според досегашната динамика Прилеп-Битола треба да биде готов и да се пушти во употреба до септември 2027 година. 

Новост која е важна за источниот регион на државава е експресниот пат Кочани-Виница-Делчево, кој е во фаза на проектирање, а значително ќе го скрати патот Кочани-Делчево. Со оваа делница ќе се овозможи побрз транспорт, имајќи предвид дека тој ќе биде побрз и поквалитетен досегашниот пат Кочани-Делчево кој води до граничниот премин Делчево. 

Во овие проекти се надоврзува и експресниот пат Романовце-Страцин. 

Покрај автопатските поврзувања за годинава и за 2027 година се планирани низа проекти за железничко поврзување. 

За втората делница од пругата кај Крива Паланка веќе се исплатени 125 милиони евра, тунелите се пробиени од Романовце до Крива Паланка, а потпишани се договори со соседна Република Бугарија. Делницата со Бугарија е поделена на три дела, а Македонија има обврска да го направи потегот од Крива Паланка до влезот во тунелот. Според премиерот, работите од македонска страна се одвиваат со добра динамика, меѓутоа такви активности нема и од бугарска страна. 

Предвидена е и модернизација на пругата до Кичево, како и на пругата Скопје – Јегуновце – Тетово – Гостивар која е постоечка железничка линија во должина од околу 81,5 км која продолжува кон Кичево, за што се изготвува и проектна документација. Според досегашните планови, по неа ќе може да се достигне брзина од 120 км/ч, а премиерот Мицкоски додаде дека во Албанија речиси и да не се работи на оваа пруга. 

Со реализација продолжува и Коридорот 10.

Овие проекти претставуваат милијарди евра инпут во македонската економија, кои ќе ангажираат и домашни компании, ќе ја раздвижат економијата во периодот на реализацијата и ќе отворат дополнителни работни места. Ефектот по пуштање во употреба на сите овие инфраструктурни проекти ќе биде повеќекратен. 

Проблемот со кој се соочува Владата не се финансиите, туку недостатокот на капацитет кај македонските компании за паралелна изведба на сите овие проекти. Недостатокот е како во човечки капацитети, така и во потребната градежна механизација. Како што истакна Мицкоски на брифингот со медиумите, Владата е во редовна комуникација со Сојузот на стопански комори со цел надминување на овие проблеми кои ќе донесат бенефит и за државата и за приватните компании.