Мерко да се ограничи со закон

Нови правила на игра за градоначалниците бараат експертите по случаите на неоправдани луксузирања со пари на граѓаните. Откако струшкиот градоначалник јавно призна дека не е пишман што купил скап автомобил од 67.000 евра, премиерот Зоран Заев рече дека нема намера да молчи за вакви примери. Бидејќи јавно не кажа што ќе направи, веројатно на политичко ниво ќе ги пегла разликите во сфаќањата кој, што и колку од локалците може да троши.

За Горан Ангелов, експерт за децентрализација, проблем е што во Македонија не се направи реална фискална децентрализација, со ограничени трошења.

„Нема законска можност за контрола на трошењата на градоначалниците, регулатива со која би биле ограничени некои расходи, за да не се остава простор за такви трошења. Ова се случува затоа што не е довршена фискалната децентрализација во Македонија. Неопходно е повторно редефинирање на релациите меѓу државата и единиците на локална самоуправа и воведување посебни ограничувачки мерки на ниво на закон, а на ниво на подзаконски акт“, укажува Ангелов, кој во два наврата беше градоначалник на Општина Виница, претседателствуваше со ЗЕЛС и има меѓународно искуство во оваа проблематика.

Тој смета дека можноста градоначалниците да си купуваат автомобили и мебел по свое наоѓање се надополнува со немањето ограничувања во делот на вработувањата.

„Градоначалниците сега можат сите пари што ги имаат да ги трошат на плати и да не им остане за капитални инвестиции. А општините не се компании за вработување туку постојат за да им овозможат на граѓаните реализирање на нивните потреби“, вели Ангелов.

Причината зошто во Македонија бројката на вработени во општините не се врзува со бројот на жители и зошто нема ограничувања за расходите за автомобили, вели дека е политичка и дека нема објективна пречка. Во основа, централната власт, со тоа што има контрола над трошењата на локалната власт, ја зголемува својата моќ.

И актуелниот градоначалник на општина Велес, Аце Коцевски, вели дека, за жал, за прекумерни градоначалнички трошења, според македонскиот правен систем, не се одговара.

„Може да зборуваме за етичка одговорност, но не и за кривична одговорност на оние што ги трошат парите на даночните обврзници. Не е во ред општини со огромни долгови, на кои државата ќе им намири 51 отсто од долговите, да земаат пари од граѓаните преку даноци, а да се луксузираат во скапи автомобили.“

На прашањето дали се потребни измени во регулативата, во ситуација кога нема ограничување кој функционер во каков автомобил ќе се вози и колкумина ќе вработи, Коцевски вели дека тоа е тема за која треба да се дискутира.

„И јас мислам дека има премногу вработувања на партиски заслужни кадри чија единствена заслуга е што ѝ припаѓаат на партијата, а не какво образование и компетенции имаат. Во ЕУ има регулатива според која на 1.000 жители доаѓа по еден вработен во општинска администрација. Ова е за нас недостижен размер. Кај нас има општини со над 6 вработени на 1.000 жители. Општина Карпош претходно имаше 430 вработени. Или Општина Охрид, која е 20-30 години во долгови, а има над 240 вработени. Велес, пак, има помалку од 90 вработени. Сè се сведува на личен однос на градоначалникот кон трошењата и вработувањата. И јас можам да бидам како другите ‘добар’ градоначалник и да вработувам“, вели Коцевски, додавајќи дека како што се регулираше висината на платите на градоначалниците, бројот на членови на советите на општините и нивните паушали, така може да се регулираат и овие прашања.

Сериозноста на проблемите со децентрализацијата на површина ја исфрла потребата за преиспитување на бројноста на општините. Во Македонија има 80 градоначалници плус градоначалникот на Град Скопје.

„Со фактот што имаме над 80 општини, ние правиме сериозен проблем на самоодржливиост на тие општини. Изборот на градоначалник е на отворени избори, неговиот избор е неспоредлив и неговиот мандат е непрекинлив. Нема теоретска шанса некој да отповика градоначалник. А правилата за добро однесување во Македонија не постојат за никого, па не постојат ни за градоначалниците. Зошто тие би биле исклучок?“ прашува Горан Рафајловски, даночен консултант, кој вели дека тоа што општина Струга нема средства да се одржи сама себеси, во крајна линија, зависи од даночната децентрализација на Македонија.

„Кога РМ ќе направи комплетна даночна децентрализација и кога даноците ќе стигнуваат паралелно во државниот буџет и на сметките на општините, тогаш ќе имаме тотално независни општини и тие ќе мора да играат според некои правила. Дел од нив воопшто нема да бидат самоодржливи и како такви веројатно ќе побараат да се спојат повеќе општини во една и ќе имаме 30-ина градоначалници, колку што РМ може и да издржи. Сегашните 81 градоначалник и општина ни се огромен трошок што ние преку државниот буџет го покриваме. Згора на сè, не постојат никакви правила кој, што и како треба да користи“, дециден е Рафајловски.

Непостоењето сериозна поставеност на државата кон своите институции доведува до ситуација на Мерко да му е срам да се вози во автомобил помал од „ауди“, за чие купување добил одлука од Општинскиот совет, смета Рафајловски.

Со актуелната регулатива, вакво однесување ќе има сè додека граѓаните имаат пари да ги плаќаат ваквите расходи, а општината ќе нема пари за депонија, за училиштата, за комуналните претпријатија.

Анита Салтировска