Владите на Македонија и Бугарија ќе одржат заедничка седница на 25 јануари во Софија

Посетата на Кирил Петков на Скопје ќе биде на некој начин увертира за заедничката седница на двете влади што ќе се одржи во Софија една недела подоцна


 

Посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков, која е потврдена за 18 и 19 јануари, нема да биде само форма туку треба да преставува пресврт во спорот меѓу Македонија и Бугарија. Како што се дознава неофицијално, таа ќе биде главна подготовка на заедничката седница на владите на двете држави што ќе се одржи веќе на 25 јануари во Софија и со која ќе раководат двајцата премиери, Петков и Димитар Ковачевски.

Тоа значи дека се остварува едно од главните инсистирања од страна на Македонија, во преговорите да се вклучат политички а не технички влади и да се постави институционалната рамка за враќање на довербата меѓу народите на двете држави, така што ќе се дефокусира спорот од историските и слични прашања кои ги трујат односите, а ќе се вклучат другите кои имаат реално влијание на соработката меѓу Македонија и Бугарија.

Според најавите, кога ќе се отвори меѓувладината седница ќе се формираат четири работни групи – првата за економија трговија и иновации; втората за инфраструктура и поврзување; третата за европска интеграција и зелени политики и четвртата за култура и образование. Наедно, договорен е и состанок на копретседателите на Историската комисија. Тие треба да ги договорат активностите и проектите за наредните шест месеци и за тоа да реферираат на заедничката седница на владите што се одржува.

Во пресрет на посетата на Петков беше објавена анкета во бугарските медиуми според која се топи „ветото“ на тамошните граѓани кон Македонија и помал број од нив сега сакаат да продолжи блокадата по секоја цена. Анкетата секако не е случајна и веројатно треба да го олесни доаѓањето на премиерот кој место за „тупаница“ се залага за повеќе дијалог со Македонија. Омекна дури и лидерот на ВМРО Красимир Каракачанов, кој изјави дека единствениот став на Советот за национална безбедност не е изненадувачки.

„Некои од партиите силно ја бранеа тезата да немаме став за Македонија и цврсто да се држиме до она што го препорачуваат некои надворешни фактори. Главната заслуга за сегашната позиција е главно на претседателот Радев и на некои партии – БСП и ИТН. Тоа се партиите кои инсистираа на тоа и имаат цврст и јасен став“, рече Каракачанов и додаде:

„Веднаш по изборите, актуелниот премиер рече дека треба да имаме порелаксиран став кон нашиот западен сосед. Вистинските зборови беа – треба да го смениме пристапот и да ги ставиме во прв план меѓусебните економски интереси, а не споровите околу историјата“, рече Каракачанов.

„Засега е донесена правилна и разумна одлука. Така се пристапува кон националните прашања. Секогаш имало притисок врз една или друга земја на Балканот, да ја води политиката на некоја од големите сили. И сега имаше притисок, но не можам да кажам дека беше притисок „или -или“, додаде поранешниот вицепремиер и лидер на ВМРО, Красимир Каракачанов.

Како дел од подготовките за посетата на Петков и веројатно за заедничката седница на двете влади беше и посетата на советничката за надворешна политика на бугарскиот премиер, Весела Чернева, на 2 јануари на Скопје. Чернева како главен експерт (предложена од формацијата „Продолжуваме со промената“ на Кирил Петков) при преговорите на коалициските партнери за новата бугарска влада ги претстави приоритетите за надворешната политика на Софија. (Н.В.)