Мал бакшиш, голем срам и поголем арам


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Животот продолжува. Подобро речено, борбата за живот овде продолжува. Што и да биде! Дали шефовите на државите и владите членки на ЕУ ни дале датум или не, ние и понатаму ќе си тераме по наше. Дури и ако ни дадат датум и под условите што ги поставува Франција, ние пак ќе сме си тие што сме. А тоа што сме си, всушност нè прави нас различни токму од Европејците – од профилот, на пример, на Финците, Данците, Германците и други. Французите не се ни оддалеку тој профил, би рекол поблиску се до нас отколку до нив. Но ете токму тие најмалку нè сакаат нас, Косовците и Албанците во нивно друштво. Зошто и како, можеби еден ден ќе дознаеме, поточно ќе ни биде кажано оти сами тешко ќе стигнеме до вистината.

Според една моја претпоставка, државите на територијата на поранешна СФРЈ влегуваат во ЕУ или со германско или со француско спонзорство. Двата спонзора имаат меѓусебен договор за еднаква поделба на зоните на влијание на таа територија и на Балканот во целина. Но нивните внатрешни ресурси за планираните евроинтеграциски проширувања се различни. Германската економија се покажува како погладна за работна сила и нови пазари од француската. Не верувам дека силното залагање за влез на Македонија и Албанија во ЕУ е чекор на Германија за преземање простори од француската мапа. Повеќе би рекол дека е прашање на неусогласеност на динамиките на проширувањето, особено по застојот на евроинтеграциските процеси во Србија и Црна Гора. Случувањата на тој план со Србија, единствена земја од Балканот која има статус на стратешки партнер на Франција, на еден или друг начин влијаат врз Македонија и Албанија.

Но, да се вратам на секојдневниот животот наш кој си тече, со и без датум. Како што си продолжи да си се одвива и после јунското ветување на ЕУ дека пак ќе се наврати на нашето прашање. А тој живот наш е баш како маскенбал – одозгора свилено, одоздола какано. Го гледаш човекот завршил медицински факултет, направил блескава професионална кариера и згора на тоа ја надградил со јавен углед и функција – станал заменик-министер за здравство! И! Сето тоа отиде курбан! За бакшиш од 50 евра човекот се посрамоти, ја посрамоти фамилијата и професијата и, многу важно, партијата!

За личната засраменост дознавме од него самиот. За време на прес-конференцијата зборуваше за тоа и во името на тоа ја поднесе оставката од функцијата. Тој делумно кажа и за срамот што со земањето бакшиш му го нанел и на семејството и на професијата. Но ни семејството ни професијата не се чинители кои би се кренале да кажат колку се засрамени од неговиот чин. Затоа, пак, партијата од чии редови бил построен при пополнувањето на местото заменик-министер за здравство се јави експресно. Во нејзино име зборуваше секретарот на ДУИ, господинот Артан Груби. Тој, како што е ред, во името на партијата која го кооптирала инкриминираниот заменик-министер за здравство изрази апсолутна и бескомпромисна поддршка на борбата против корупцијата и за неселективна правда. Дотука, европски би се рекло.

Но веднаш во следната реченица Груби кажа кој е кој и што е што кај нас. Проговори со типичниот, како што го нарекуваат Французите, le discours balkanique, балкански говор. Според Пол Гард, тоа е еден кодиран говор кој користи зборови кои во локалниот контекст имаат поинакво значење отколку во поширокиот контекст, надвор во Европа, на пример. Во тој говор испраќачот на пораката зборовите ги користи за да конструира една парцијална визија во која спорниот настан или појава ќе има најмалку негативно влијание врз сопствената партија, нација или слично. Во тој дух, одговарајќи на новинарско прашање дали му верува на заменик-министерот за здравство дека е наместен и не е виновен, Груби вели: „Со самото негово повлекување, и за нас и за институциите веќе е решен тој случај…“ Што е „балканско“ во овој говор?

Тоа што приватното го изедначува со јавното, партискиот со државниот интерес и визија за случајот. А на тоа нема право, ниту политички ниту сознајно. За него, односно за неговата партија, оставката на заменик-министерот Асим Муса може да е доволен услов за затворање или решавање на случајот. Нивна приватна работа е до која висина ќе го држат прагот на толеранција и разбирање кон корупцијата. Но никако не е негова или на неговата партија работа да кажува дека случајот е затворен и за институциите. А тие, токму тоа го прават. Тие ценат и порачуваат дека институциите нема што повеќе да го отвораат овој случај.

Оваа изјава секако не спаѓа во категоријата трговија со влијание, но има јасна цел – да влијае врз институциите да не се ангажираат дополнително во расветлување на случајот. И најверојатно институциите ќе послушаат. Сè ќе се заврши на личниот срам. Од него ќе се обиде да профитира, со арам, партијата (ДУИ) за себеси да се претстави како бескомпромисен борец против корупцијата. Цената ќе ја платат јавните институции. Тие ќе си останат блокирани.