Мајмуни тероризираат град во Јапонија

Мајмуните макаки, вообичаени во Јапонија, напаѓале мали деца и постари луѓе


Јапонските мајмуни макаки

 

Јапонската полиција се свртува кон пиштоли за смирување во обид да го спречи бранот напади на диви мајмуни кои ги тероризираат жителите.

Во последниве недели, пријавени се 42 повредени во градот Јамагучи – меѓу кои има деца и постари лица.

За нападите се обвинуваат јапонските мајмуни макаки.

Иако тие се вообичаена глетка во големи делови од земјата, инцидентите како овие се невообичаени.

„Ретко е да се видат толку многу напади во краток временски период“, рече еден градски функционер. „Првично беа нападнати само деца и жени“.

Обидите да се фатат животните со стапици завршија неуспешно, а полициските патроли спроведени од првиот напад на почетокот на јули не успеаја да ги одвратат напаѓачите.

Властите, исто така, не се сигурни дали нападите се дело на еден непријателски мајмун или на неколку.

Повредите се различни, а локалните медиуми јавуваат дека жртвите добиле од гребнатинки, преку каснати нозе и раце, до каснати вратови и стомаци.

Приказните вклучуваат четиригодишно девојче изгребано за време на упад во стан, додека во друг случај мајмун провалил училница во градинка.

Некои жители пријавиле повеќекратни упади во нивните домови бидејќи приматите влегуваат преку лизгачките врати или низ отворени прозорци.

„Слушнав плачење од приземјето, па побрзав надолу“, изјави еден татко за јапонскиот печат. „Тогаш видов мајмун стуткан над моето дете“.

Некогаш ранлив вид, бројот на јапонските макаки неодамна се зголеми. Тие сега се наведени од страна на Меѓународната унија за зачувување на природата како вид на „најмалата грижа“.

Сепак, нивното закрепнување „покрена сериозни конфликти меѓу луѓето и макаките“, според истражувањето на Универзитетот Јамагата.

Студијата го обвинува намалувањето на растојанието помеѓу луѓето и макаките. Како можни причини се дадени менувањето на културните ставови кон макаките, промените во однесувањето на луѓето и промените во шумските средини. (Би-Би-Си)