МАИ ја организира третата Фелоушип-програма за време на Саемот на книгата 2026
Mакедонската асоцијација на издавачи (МАИ), од 22 до 24 април, во текот на овогодишното издание на Саемот на книгата, по трет пат ќе ја реализира својата Фелоушип-програма.
На јавниот повик се пријавија вкупно 82 издавачи, уредници, преведувачи и книжевни агенти од повеќе земји од светот, по што работната група на МАИ избра тројца учесници на кои ќе им биде претставена македонската издавачка сцена и домашната книжевност.

Годинава дел од Фелоушип-програмата ќе бидат: Луси Дикон-Томас, менаџерка за авторски права во најпознатата светска издавачка куќа „Пингвин рандом хаус“ од Велика Британија, Несторас Пулакос, сопственик на издавачката куќа „Вакхикон публикации“ од Грција и Ката Калуѓеровиќ, уредничка во српската издавачка куќа „Дерета“.
Учесниците ќе имаат можност непосредно да се запознаат со Саемот на книгата и со македонските издавачи. Програмата опфаќа организирана обиколка на саемот и средби на штандовите, работилница и деловни состаноци со домашни издавачи, панел-дискусија со учество на гостите, како и неформални средби со македонски автори, издавачи и преведувачи.
Фелоушип-програмата на МАИ и оваа година им нуди на издавачите можност за вмрежување со квалитетни странски издавачи тука, на наш терен – на местото каде што ќе бидеме сите овие денови, и издавачите, и авторите, и читателите. Со неа МАИ продолжува активно да придонесува во промоцијата на македонската книжевност и на нашите автори на меѓународен план, вели Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи.
Фелоушип-програмата и оваа година е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.