Мацедонише цуштенде и во 21 век


ЕРОЛ РИЗАОВ

Загадочно замрсени работи кои не можат да се одмрсат, е толкувањето на позајмениот наслов на овој текст, искажан за македонските состојби во почетокот на 20 век во Германија и во цела Европа. Македонците во изминатите сто години не се потрудија доволно да избледне оваа оценка и да се измени кон поарно во европската јавност. Секогаш кога ќе се постигне некој успех со што ќе се подобри и подразјасни сликата за Македонија кај обичниот Европеец, ќе се направи некое големо злодело кое ќе ја шокира не само Европа, туку многу пошироко и ќе ги предупреди европските и светските државници, влади, институции, а најмногу граѓаните на тие земји да бидат попретпазливи во доближувањето на ова парче на Балканот кон европското семејство.

Па така, ќе биде повеќе од еден век како населението на Европа повеќе страхува од Балканот, отколку од азиските и африканските бегалци и емигранти. Стравот од Западен Балкан им ги врзува рацете на нивните политичари, дури и во моменти кога процесите на евроатлантските интеграции се далеку одминати напред во целиот регион. Ако тогаш „мацедонише цуштенде“ означувало заостанатост, балканштина и примитивизам, синоним за најконспиративни тајни револуционерни организации кои вршат убиства и атентати на своите први учени луѓе школувани на Запад, денес на почетокот на третата декада од 21 век повторно македонските состојби се толку замрсени што секој обид да се одмрсат се чини невозможен и залуден.

Во Македонија големите криминалци, кои со години озаконето во ортаклак со политичари од врвот на властите станаа богати и моќни како кнезови ограбувајќи ги граѓаните, нивниот имот, но и државниот, сега ги корумпираат со леснотија нивните гонители, јавните обвинители и судии. Пред филмски камери се разградува целиот правосуден систем од основните судови до Врховниот суд. Големите арамии ги фатија на дело џепарошите кои им бркнале во џепот како глувци во фак по парче кашкавал. На повидок е обратниот редослед од оној во светот вообичаен за војната против криминалот и корупцијата. По се` изгледа кај нас прво ќе се гонат и осудат обвинителите и судиите, а потоа големите криминалци и, ако стаса редот, до политичарите кои го изградија и озаконија грабежот до совршено злосторство кога нема докази, или им застаруваат делата. Кој знае зошто ама ова зло може да биде и за добро. Кога полицајци, обвинители и судии седат на клупа за обвинети заедно со премиери, министри, бизнисмени и разни други моќници има се` уште надеж дека може да се спасиме од канџите на организираниот криминал и корупција. Се разбира, ако во Македонија меѓу грандиозните споменици на криминалот и корупцијата не настрадаат само тие што се осомничени дека се здобиле со „противправна корист“, колку што изнесуваат плочките на еден ѕид во тоалетот на претседателот на белата палата на партијата која на сет глас две години вреска „држте го лоповот“, откако испокрадоа имот вреден милијарди евра и ги заборчија уште неродените деца и откако ниту еден од главните организатори на деценискиот грабеж не е во затвор и не им е одземена ни една лажица.

Затоа ѓурултијата што ја произведува ВМРО-ДПМНЕ барајќи ја главата на Зоран Заев личи на пародија за повторно заробување на државата кое се прогласува како ослободување. Додека Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се оградат јасно и гласно од криминалите на својот партиски врв, нивното врескање и создавање на атмосфера на линч е лесно препознатлив притисок да се избришат и поништат сите криминали на Никола Груевски и неговите најблиски соработници, да се избришат нивните пресуди и да се прекинат натамошните судења по предметите што веќе ги има сработено Специјалното обвинителство. Додека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не соопштат јавно дека правосудниот систем треба да работи без селекција на ваши и наши криминалци и да ги гони во праведна судска постапка сите кои се огрешиле од законите, додека не престане да избира јавен обвинител и судии по партиски терк и додека го саботира усвојувањето на новиот закон за јавно обвинителство за воспоставување на владеење на правото подеднакво на сите, тешко е да се очекува одлука за отпочнување на преговорите со ЕУ.

Во суштина, во Македонија во тек е истовремено минирање и расчистување на минското поле. Или ќе летне државата во воздух, ако криминалците се побрзи, или земјата конечно ќе се исчисти и ослободи од стегите на криминалот и корупцијата на едно вообичаено и подносливо ниво, оти овој плевел не може никогаш целосно да се уништи. Оваа специјална војна се одвива во најзначајниот и најделикатен историски период, кога Македонија е најблиску до Европа пред пристапување во сојуз со НАТО и пред да ги отпочне преговорите со ЕУ за рамноправно членство, со што почува позабрзано освојувањето на европските вредности.

Разочарувањето е огромно поради големи и мали криминалци и немање на доволно личен и институционален капацитет државата да се справи со криминалот и криминалците. Иконата во која се крстевме дека ќе го воспостави владеењето на правото со поддршка на светот се скрши во парампарчиња. Катица Јанева, главниот специјален јавен обвинител, главниот шеф на бригадата на Елиот Нес, е осомничена дека е корумпирана од големите мафијашки босови и се наоѓа во притвор. Катица Јанева, нашата голема надеж, ќе има доволно време да размислува како и зошто од херој и светица на правдата стана големата грешница и што се пропушти да направи за својата татковина и за себе и зошто дозволи да се измеша, или да ја измешаат, сеедно, со трици и таа и тие околу неа и целиот тој труд на сработеното досега да биде храна на свињите одамна заразени од клептоманска чума, поопасна од африканската. Сега во земјата со ѓурултија се прави ужасен амбиент да се нема доверба во каква било одлука ниту на обвинителството ниту на судовите во сите инстанци. Додека власта по стопати на ден повикува на неселективна правда за сите што се огрешиле од законите, опозицијата бара смена на јавниот обвинител, назначување на партиски јавен обвинител, смена на обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска, разрешување на обвинителите на специјалното обвинителство кои ги застапуваат предметите за криминалот на вмровските функционери, нов закон за јавно обвинителство подготвен од ВМРО-ДПМНЕ, оставка на премиерот Зоран Заев и на Владата, предвремени избори што е можно побргу и враќање на демократијата и на невино осудените и прогонети страдалници од режимот на Зоран Заев.

Еве, да не ги правиме споредбите кои ги кажуваат јасно и емпириски точно разликите меѓу 11 години на ВМРО-ДПМНЕ и двете и пол години на СДСМ и да ја прифатиме тезата која држи дека тие што грешеле ја изгубиле власта, и дека тоа не ги оправдува грешките на актуелната власт. Можат ли да објаснат како грешниците што ја ограбуваа државата и граѓаните цела една деценија, сега ќе нè спасуваат од криминалците на новата власт. Во тоа никој разумен не може да верува. За да се донесе правилен став и да се избере страната на правдата е доволен фактот да се види кој е тој што со ниту еден збор не повика на подеднаква правда за сите што се обвинети дека ги прекршиле законите и не се дистанцира од веќе осудените свои високи функционери. Напротив, упорно и натаму се пласира тезата за политички прогон на невини лица. Ако се нема доверба во целиот правен систем, тогаш зошто не се побара меѓународен мониторинг, или некоја форма на меѓународен непристрасен надзор на сите судења. И досега некои предмети беа под будна присмотра на странски правни експерти, ама никој не ги побара нивните наоди и оценки на судењата.

За мене лично најевидентната разлика е во тоа што во времето на груевизмот – и граѓаните, и јавните личности, и новинарите, и судиите се плашеа од власта. Денес власта се плаши и од граѓаните, и од новинарите, и јавноста, и од обвинителите, и од судиите, што е добра вест која многу кажува, дека ќе има правда, иако задоцнета.